Магичност наречена Медиала

„Јававме на тигри, ако само падневме тигрите ќе не’ изедеа“.
(Миро Главуртиќ)         

Mediala111

„Тоа беше светлина без извор, без насока, потполна светлина, сама од себе осветлена… Немаше ништо што би ја одбило или впило, и ништо што би ја расипало, тоа беше светлина помешана со тама, едно од друго сеуште неодвоени, тоа беше се’ во потполноста на Ништото, се’ кое содржеше билошто но не и создадено од сешто, тоа беше нешто кое е Едно, сеуште неподелено и сеуште несоставено. И секоја душа упатена кон Бога се чувствува како откинат дел од Целото и затоа повторно тежeше кон тоа – Цело. (Леонид Шеjка, “Прва светлина”).

Постои различна глад. „Медиала“ беше создадена од глад. Од глад кон уметноста и знаењето. Од глад кон сезнаењето. Да се дознае што повеќе за светот, да се стигне до заклучокот, до откритието. Глад која бара да се собере цело искуство на овој свет, да се направи синтеза на уметноста низ времето. И тоа собирање да се движи кон центарот, а не кон вредностите на маргините. Но како со ваквите идеи да се постигне успех? Како да се наметнеш на публиката?  Сликањето не беше доволно. Беа неопходни некои дополнителни активности, случувања, движења, хепенинзи, да се влезе во очите и ушите на луѓето, да се продре во нивната свест и помнење. По цена и да се биде наречен – дрзок. По цена да се биде и забранет. Јавноста мораше да биде шокирана, требаше да се предизвика револт, да се поместат луѓето од вообичаеното течение на секојдневието, кое ги заспива, и да ги врати назад на уметноста. Да се заинтересираат, повторно, за вистинската уметност.

Шејка и Оља

Шејка и Оља

Суштината е во провокацијата. За суштината, години подоцна од создавањето на „Медиала“, нејзиниот идеен творец, Леонид Шеjка, ќе каже: „Денес без разлика на тоа дали Бог е мртов или отсутен, сликата може да се создава како надеж или исчекување, како исчекување на еден симетричен свет, конечен, кој поседува некое свое тајно средиште, своја точка Омега кон која  се’ се’ стреми. Очекуваната точка Омега може да внесе ред во хаосот на изгубените, а вртлогот на фрлените и растурени нешта да ги среди според хоризонтот на перспективата, и така повторно во сликарството да влезат двата негови најважни атрибути – Земјата и Небото“.

„Медиала“ не беше создадена како уметнички стил и движење, туку како група на индивидуалци но истомисленици, мислители, поети, млади луѓе полни со живот, полни со идеја и желба да се искажат, но и со бунт инспириран од социјалната клима и етичките деформации на времето во кое живееa. Непомирувањето со ситуацијата која ги опкружуваше, ги туркаше кон обид да го заменат секојдневието евоцирајќи го минатото (музејско) време, и креирајќи визии за иднината, а при тоа, создавајќи и посебен сликарски речник. Иако станува збор за уметници со различен сензибилитет и израз, нивната уметност се одликува со силен фигуративен пристап, со сликарство кое го носи одекот на метафизичкото и иреалното. И над се’, „Медиала“ го придвижи највредното во југословенската култура – ја формираше елитата.

Сликарството на „Медиала“ беше сродно со надреалното, но како повисок облик или вид на фантастика која постои пред или после надреализмот. Според теориските поставки, таа настојуваше да ги спои вредностите на елементите од различните култури, не отфрлувајќи ја модерната уметност. Не ги застапуваше марксистичките бунтови против буржуаската уметност и реалност, но ги мразеше медиокритетите. Не беше надреална колку што беше севкупна. Шејка ќе ги предложи термините панреализам и рационализам како синоними за „Медиала“. Карактерот на „Медиала“ е повеќе контрареволуционерен, зашто ги спојува класицизмот и авангардизмот, готското и футуристичкото, античкото и концептуалното, настојувајќи да ги надмине сите ограничувања и да допре до Центарот, оној кој во индиската мистика е наречен акаша, до борхесовата точка Алеф.

 

Првите контакти на членовите на идната група „Медиала” се случија во 1953 година, на првата изложба на Леонид Шејка и Синиша Вуковиќ, тогаш студенти на архитектура, во тогашниот Дом на млади. Кога на истата изложба дојдоа и Дадо Џуриќ и Урош Тошковиќ, четворицата млади луѓе веднаш ги пронајдоа своите заеднички афинитети: желбата за создавање, која би ги соединила времето и човекот, минатото и иднината. По оваа средба, јадрото на „Медиала” полека се формираше.

Во 1957. прво ќе биде создадено Друштвото на пријателите на Балтазар (создадено од Оља Ивањицки и Леонид Шејка),  во кое ќе се вклучат и Миро Главуртиќ, Синиша Вуковиќ, Мишел Контиќ, Дадо Џуриќ, Урош Тошковиќ, Вукота Вукотиќ и Пеџа Ристиќ. Следната година се случува првата заедничка јавна изложба на авторите кои, овојпат, се појавуваат како уметничка група под името „Медиала”. Изложбата се вика  „Медиала истражувања” (1958., изложуваат: Леонид Шејка, Оља Ивањицки, Миро Главуртиќ и Владан Радовановиќ.), и успева да ја разбранува јавноста. По неа, следува изложбата во Галеријата на Графичкиот колектив (во 1959 година) на која ќе им се придружат и други уметници, а во 1960. е поставена и третата заедничка изложба на групата. Две години подоцна, претставниците на „Медиала“ повторно ќе го разбрануваат јавното мислење со „Џаконда не е онаа истата”. Периодот на формирање на „Медиала“ (1957/1958) ќе биде проследен со програмски текстови на почетокот објавени во списанието “Видици”, а подоцна и во други списанија. Во 1964. Леонид Шејка ќе го објави својот “Трактат за сликарството”. Како облик на колективното творештво настанува заедничката слика „Медиала“, во 1969 година. Сепак, ставовите и програмите на групата најпотполно ќе бидат изложени во списанието “Медиала” (првиот број излегува во Белград, 1959.), а  како главни теоретичари ќе се издвојат Шејка, Главуртиќ и Вуковиќ. Нивните ставови ги рефлектираат идеите кои се раѓаа за време на средбите и долгите разговори на членовите на оваа група.

– Јас ги запознав пред 50 години, во кафеаната „Безистен“, денес на тоа место се наоѓа „Мек Доналдс“, на Теразије, таму редовно се собираа на пладне. Оља беше заштитно лице на „Медиала“, ја викаа мадона на големата експлозија, а спиритус мувенс беше Леонид Шејка. Дадо веќе беше во Париз, Љуба и Величковиќ се подготвуваа да заминат, Милиќ од Мачва имаше голема изложба на Теразије, Самуровиќ веќе беше на глас, но срцето на тие ренесансни уметници беше Шејка, а нивен заштитен знак Оља. Тие беа вистинска уметничка група, повеќе гладни отколку сити уживаа во уметност. Секогаш имаше некој кој свиреше или пееше, обично тоа беше Шејка, а неговите песни подоцна ги слушнавме како се пееа и меѓу народот.Не можам да верувам дека Шејка не е на овој свет веќе 40 години (Шејка почина во Белград на 38 годишна возраст, од рак на мозок), почина во ист ден кога умре и неговиот идол Вермер, а навистина и сликаше како Вермер, и секогаш имаше блок при рака. Често го гледав во кафеани, па мислев дека тој малку насликал се’ додека не ја видов неговата ретроспектива – изложбата во Музејот на модерна уметност. А таму, во Музејот, како и на неговите слики или како на сликите на Вермер беше исполнет секој квадрат со неговите цртежи и слики. И ако порано мислев дека тие повеќе теоретизираат и зборуваат за уметноста отколку што сликаат, сега сум сведок колку всушност работеле, и колку многу насликале – раскажува поетот Матија Бечковиќ, неодмана, на отварањето на Галеријата Олга Оља Ивањицки со ретроспективата наречена „ Оља и Шејка – Огледало на љубовта“, во организација на Фондот Олга Оља Ивањицки. Патем, Фондот Олга Оља Ивањицки речиси беше принуден да отвори сопствена Галерија која ќе го носи името на големата сликарка, бидејќи прашањето за имотот на Оља, година и половина после нејзината смрт, после судските битки, ветувања, и разговори на ниво на државата и градот сеуште не се решаваат, а прашањето за основање на Музеј каде ќе се чува и изложи целата нејзина оставштина (според желбата на Ивањицки) сеуште останува само на ниво на приказни.

 

Леонид Шејка

Леонид Шејка

 

Визиите на Медиала

Групата често го менуваше својот став, но тоа што е важно е фактот дека „Медиала” имаше големо влијание на современиците, a околу нејзиното јадро се собираше и создаваше се поширок круг на истомисленици и уметници. И самото име Медиала имаше длабока смисла, кованица е од зборовите мед и ала (ала е стар српски збор за чудовиште или змеј), два збора кои симболизираат спротивност, светлина и темнина, создавање и уништување. Благост на медот и деструктивната сила на алата, тежнеење кон две спротивности и нивно спојување во една заедничка точка. Самото име ( предложено од Миро Главуртиќ, кумот на „Медиала“) го симболизираше настојувањето на членовите на групата да посочат на уништувањето кое се појавува кај современиот човек, но и на уништувањето и рушењето кое се појавува во уметноста и културата. На тој ист начин медиалците ги толкуваа и случувањата во модерната уметност, сепак, умееа да ја покажат и спортивноста – волјата да се збогати уметноста со вистина и убавина.

„Медиала се појави во мигот кога на сликарството му претеше катастрофа, кога владееше блефот, кога на лесен начин можеше нешто да се создаде за големи пари а за неликовни цели. Никогаш светот не беше толку убеден во исправноста на сопствената глупост. Ние, професионалците, барем знаеме какви ефекти може да се постигнат кога ќе се истури бојата врз платното и кога ќе се расфрли налево – надесно. Мене, како сликар, никогаш не ме интересирало таквото расфрлување на бојата. Човек никогаш себеси не си избира мравка за свој противник. Од моментални, можеби комерцијални причини, тогаш се бараа промени: што тоа уметникот (замислите!) создал ново од изложба на изложба. Како тој (уметникот) да може да излезе од сопствениот круг и сопствената реалност. Вистинското прашање за мене беше: што човекот сака, – ќе каже Оља Ивањицки во 1988. за дневниот весник „Политика“.

mediala 6

Што сакаше Оља? Што сакаа медиалците? Да се надминат границите на просечното и да се стигне на другата страна на линијата и тоа да се стигне до оној дел кој е невидлив за очите. Да се истражуваат соништата. Да се следи интуицијата. Да се слуша внатрешниот глас. Медиалците ги водеше истражувачката желба за преиспитување на уметноста, за дотогаш неспомнатата духовност, за сознанијата преку границите на етаблираното, и се’ што не одговараше на идејата на пролетерјатот. А за разлика од нив, надарените генерации во тој период работеа ситна пластика и народни херои од Втората светска војна, се’ беше надгробно, ништо не ја величеше убавината и животот… Се’ беше социјализам!

Изложбата на Хенри Мур ќе одигра капитална улога во живот на Оља Ивањицки. Со Леонид Шејка (1932-1970), сликар и дипломиран архитект, кого го познава уште од студенски денови, ќе се зближи во текот на работата на конкурсот за скулптура и уредување на плоштадот Маркс и Енгелс во Белград. Бидејќи живееше во мала, скромна собичка, по завршената Академија веќе немаше простор каде да ваја: „Што да вајам, кому да вајам?“ Па, почнува да слика гледајќи како тоа го прави Шејка, и со каква страст. Нивните секојдневни средби ќе прераснат во огромна љубов (која завршува со разделба).

За време на својот краток живот, Леонид Шејка беше прв меѓу истомислениците кој уште во 50.те години го прорече планетарното и интерпланетарното Ѓубриште, а својата филозофија и уметност ја основаше како теолог, во духот на големите просветители. Градот за него беше пекол, а Ѓубриштето лавиринт на искушенијата над чии рушевини го гледаше Замокот и божествениот предел на искупувањето. Како Данте, се движеше од пеколот преку чистилиштето кон рајот, за пред смртта да го остави заокружениот опус и последната порака испишана само неколку часа пред засекогаш да замине:„Сликарството е облик на молитва“.
– Ѓубриштето за мене имаше значење на транзициско искушение на модерната уметност, со тоа модерната уметност за мене е завршена. Кога би се вратил на животот (на животната сила) би сликал онака како што сликањето дава најголема радост, по примерот на старите мајстори, по цена и да не бидам оригинален, мислам на сликите со значење. Сега заминувајќи Ви препорачувам на сите кои ова го следат да продолжат не плашејќи се од ризикот. Сликањето е облик на молитва. (Последниот запис на Леонид Шејка)

mediala 3

Ако се обидеме, можеби би можеле да ги видиме идните или веќе зрели плодови, низ минатите сништа да ја видиме реалноста на светот. Би се срушиле превидите, би изчезнале злите духови. Големото Ѓубриште го освои и светот на идеите, а  „Медиала“ беше прва која го најави универзалното тежнеење за чист свет. Во нејзината еколошка револуција се подразбираше и борбата против загадување на мислите и сликите.

Да се наслика идното лице, лицето од идниот свет, лицето на утрешниот свет или она за илјада години. „Кој може да предвиди што ќе донесе светот утре? Можеби не може да погоди, но важно е да се даде една опција, некоја можност за иднината. Ако за иднината не размислуваме, дали таа и ќе се случи?“, се прашуваше Оља. Ги гледаше темите на уметноста низ времето. Објаснуваше дека сликарите воглавно се задоволуваа со констатирањето на статичната состојба. Ако тоа е вазна со цвеќе, за нив беше важно тоа цвеќе да не отпадне. Ако беше тоа корпа со зеленчук, беше важно случајно таа јаболка или диња да не се расипат. Но, тоа се само статични состојби на нештата.

– Жил Верн направи напор да смисли некоја подморница, некоја машина која ќе стигне до центарот на земјата, до Месечината, во време кога на тоа никој не мислеше. Некој се обиде да ги замисли и оние средби од трет вид, но никој не го наслика третиот вид, ниту случајно. Никој не сакаше да ја помести границата на убавината, туку само констатираше дека таа дошла, дека се соблека, дека зафатила поза и седеше мирно два часа дневно, додека тоа нешто не беше завршено. Што уметноста понуди? Да се наслика својот миг но да се констатира можноста на идниот миг, тоа би била целта. Да се согледа сегашноста но да се мисли на она утре. Можеби во потрагата за лицето на идното време сепак нешто постигнав, пред се’ тоа да биде убаво на еден невонземски начин, на начин кој дури во еден иден момент ќе биде можен, велеше Оља.

 И Милован Видак, еден од основачите на „Медиала“, иако едното око го загуби во војната, сликаше и теоретизираше како да има „трето око“. Првата слика на Видак беше Чудесниот свет на печурките. Тоа беа некои печурки од неговиот босански свет, што беше прилично бизарно за 1955., кога сликарите воглавно сликаа српови ,чекани, работни акции, градилишта и фабрики. Набрзо после своите печурки, Видак ја напушти војската и го објави својот прочуен Кодекс кој го состави во 1952., односно уште пред „Медиала“ да биде создадена. Од тој Кодекс се раѓаат и неговите фасцинантни вонземски слики на кои им дава визионерски имиња (Импулсен осцилатор, Поларизација на будизмот, Жива плазма, Кристали, Кибернетичка пунктура, Централен сензор на чувства…). Видак налик потсетуваше на Тесла.

„Вистината и јасноста на субјективното гледање дава право на истражувачка задача; Вистинското водење доаѓа од самиот предмет; Ослободете се од стравот и желбата за оживување на анахронизмот и преживеаниот свет; Да се сруши Хегеловиот ѕид; Да се совлада изведувачката техника до нестварно; При изучувањето и набљудувањето на објективното не смее да се занемари дека светот е роден од емоции и импулси; Треба да се биде трезен, насочен, буден и одговорен кон себе; Треба да ја сфатам минливоста на формалниот привид и разбудувањето на реалноста; Не смеам да го загубам од вид доаѓањето на техничката интелигенција, условена со законот и светот на деструкција; Да се бара и да се препознава можниот клуч за вечно траење – копнежот кон универзалниот човечки дух; Да се проучуваат и запознаваат сите области кои го откриваат, вклучуваат и исклучуваат дадениот миг на своето вообличено постоење или исчезнување; Да се почитува секоја творечка и истражувачка работа условена од субјективни причини, уште повеќе ако таа му служи на човечкиот род; Да се ослободиме од уништувачкото и да се оплодува градителскиот нагон; Се’ да се подреди до суштина на имагинарниот импулс на човечката природа; Да се поима и разјаснува материјалистичкото постоење на светот и неговото метафизичко отуѓување“.(Од Кодексот на Милован Видак).

И на самиот Видак овој негов Кодекс имаше огромно влијание, силно го обврзуваше и му ја зацврстуваше вербата дека е на добар пат. Оттука, Видак никогаш не ја доведе до сомнеж неговата недореченост и нејасност, па затоа не се ни обидуваше да го дополни, појасни, или промени најдобро што може со текот на времето. Суштината на Кодексот на Видак се вклопи во онаа творечка клима која резултираше со појавата на групата „Медиала“, а некои од ставовите запишани во Кодексот ги донесоа никулците на важните поставки на „Медиала“. Филозофскиот став на Видак велеше дека судбината на светот зависи од еден канаринец во Босна. Една тибетанска изрека има слично значење. Кога пеперутката ќе затрепери со своите крилја на Тибет, тоа треперење до Рим се претвара во олуја. А ако и оваа реченица не е доволно јасна, неговите визии за светот сосема јасно се гледаат во сликата „Поларизација на будизмот“.

Смртта на еден од основачите на „Медиала“, Милован Видак, во 2003 година, речиси и не беше забележана во медиумите. Почина од тежок облик на астма. Никој не се сети, додека сеуште имаше време, на тешко болниот пророк од „Медиала“ да му даде барем час време на телевизија, барем две-три страници во весниците, да го резимара неговиот ликовен живот без кого беше незамисливо модерното српско сликарство на 50.те години. Според многумина, со туркањето на Видак на маргините на југословенското сликарство, се туркаше и самата „Медиала“ која иако беше нов облик на ренесанса, општеството не ја сфати нејзината моќност и магичност ниту во 50.те години, ниту денес во 21.от век.

– Ова општество, како и она претходното, комунистичкото, го прокоцка Видак, како што своевремено ги прокоцка и Шејка, Милиќ од Мачва, Замуровиќ и останатите. Им преостана само да ме обработат и мене, па да завршат со „Медиала“. Но никому не му забележувам. Површноста на светот е огромна, како на глобално, така и на нашето локално ниво – се сеќаваше Оља Ивањицки со чудесен мир и без гнев во гласот.

Се сеќаваше на нивната прва средба. Се сеќаваше дека еден ден Шејка и рече: Најдов сликар кој е воено лице!

-„Сите тогаш почнувавме, и сите си влијаевме еден на друг, водевме заеднички живот и си дававме еден на друг огромна морална поддршка. Од друга страна, пак,  бевме толку отворени што баравме истомисленици, па дури и во ЈНА, во 50те години“.

За отвореноста на групата „Медиала“ зборува и Миро Главуртиќ: „Патот во Медиала е отворен, тој секогаш беше двосмерен. Можеше да се влезе и да се излезе од него, по желба. „Медиала“ можеше да личи на една раскрсница, каде се вкрстуваат бројни правци, тука се создаваше идејата на синтезата и наслутувањето на ренесансата. Таа магија на ексремите кои ги наоѓаме во модерниот свет, која се наоѓа во перманентните спорови и поларизации, сместена е во една група која повеќе ја карактеризираат различни ставови и изрази, отколку сличност, па така една група на луѓе или уметници стана вистинска лабараторија на духот.“

Вечноста и тежнеењето кон таа Вечност беше заедничка тема за сите членови на групата „Медиала“. За разлика од Видак, Коста Брадиќ искупувањето го доживуваше преку верата, преку религиозната светлост која блеска од неговите слики, а Владимир Величковиќ сликаше пак тешки, темни глетки на маки и страданија, преку кои се приготвуваше да биде спремен за мигот на своето лично страдание, да не го доживее како пораз туку како дел од Вечноста која се повторува и чиј дел и тој самиот ќе стане (оттука и фасцинантноста на неговата слика „Мумија“, мумија која живее илјадници години како грд дел на опстојувањето кое е единствено сигурно). Наспроти Величковиќ, хронометријата на Леонид Шејка го мери времето до вечноста, но тоа негово време е исполнето со бројни предмети кои во текот на животот се наталожуваат, размножуваат и материјализираат во таа Вечност. Сликите на Милиќ ги поврзуваат неговите лични блиски предмети од родното село со предметите од старите епохи, здружени ја градат Вавилонската кула, достигнуваат до вселената, а сликарот е секогаш некаде над сликата, како набљудувач кој гледа од дистанца, неутрален гостин во делот на Вечноста. Синиша Вуковиќ ги поврзува сликарите од ренесансата и слика витези на своето време, но тој не прави сепарација на минатото и иднината, зашто тие за него се дел од Вечноста. „Тајната вечера“ на Оља, на која се присутни и Леонардо и Борхес и нејзините блиски пријатели и сликарите од „Медиала“, па и она самата, дел е од некоја нејзина Вечност која ја проживеала во контактите со нив, поврзувајќи го искуството на сликарите, вајарите и поетите од различни времиња, во една слика, во една Вечност.

Оља слика на грбот на Марија Чудина

Оља слика на грбот на Марија Чудина

И уште една заедничка карактеристика ги поврзуваше сите, навидум, сосема различни медиалци. На сите нив заедничката особина им беше бескрајната љубов кон уметноста и бескрајното верување во нејзината моќ. А да се биде сликар за Оља Ивањицки беше прашање на голема љубов и длабока посветеност. Магичноста на медиалците беше, можеби и најмногу во тоа, што тие гледаа и пред и по тоа. Многу години подоцна, самата Оља Ивањицки, наместо во слика ќе забележи преку поезија:

…Видов моќ на неискористениот ум,

Видов Месечева тревка

Одгледана во наши услови,

Видов конечна белина на црната дупка.

Видов како доаѓа Пророкот

Со олуен ветар од Црвената планета

Како Тие и Ние некогаш,

Видов градини на Рајот без она дрво

Со Симонета Веспучи.

Видов симнување на еден Ангел

И нежен трепет на крилја видов.

Видов поглед од Олимп со брзина на комета.

Видов од на оловни нозе, во морето на сонот,

Кога мораш да бегаш, да се натераш

Да отвориш очи, да се разбудиш.

Видов очи навлежнети и гладни деца на пустината.

Видов пред и потоа.

Видов силни градови и мноштво свет.

Маратони и мостови исполнети со тела во движење

Од крај до крај на светот.

Тркачи на смислата во Бесмислата на целта.

Ги видов моите очи во сите бои и пастелни нијанси,

Го видов Данте и деветтиот, и десеттиот круг на Пеколот

Видов возвишена светлина, и Него лично го видов…

Видов чудни статистики:

1,9 Американци на еден автомобил.

А каде ли е возачот тука и кој дел од телото вози?

Видов луѓе како бројат пари

Ги оплодуваат наместо жени…

Ги видов сите мои цртежи одеднаш

Какво лудило на лудилото!

А што ли е дури она што не го видов?

mediala 5

Мигови на сегашноста

„Медиала” подоцна стана таков мит што тешко може да се поверува дека, во своето време беше крајно маргинализирана појава и дека некои од нејзините протагонисти беа дури и затворани (на пример, во времето кога Хрушчов доаѓаше во Белград за да ја потпише белградската декларација). „Медиала“ даваше отпор кон модернизмот на тоа време. И тоа го правеше преку иконографијата која претставуваше плод на користење на различни модели од минатото. Нејзините членови ја наоѓаа својата инспирација во делата на старите мајстори на ренесансата, од Леонардо до Вермер, а од модерните уметници се повикуваа единствено на Де Кирк и Дали. Секако, постоеја и сеупште постојат две страни, едната која ја слави „Медиала“, и онаа која  ја оспорува. Но, бездруго, фактите се тука, како и доказите – „Медиала“ и кругот кој се разви околу неа станааа еден од најголемите митови на (бившо) југословенската култура. Толкувајќи го светот на себе својствен начин, внесувајќи во своите дела некое лично визионерство и фантастика, медиалците се обидоа да го синтетизираат традиционалното и современото сликарство. Со своите дела, програмските текстови и однесување, тие излегуваа од рамкиите на се’ што беше сметано за модерно. Модерната уметност ја разбираа како пад, како разложување, таа за нив претставуваше губење на величината и вредностите кои се постигнати во претходните периоди на историјата на уметност и култура. Нивниот отпор искажан преку уметноста и културата во својата основа го содржеше и отпорот кон животот воопшто, кон егзистенцијата на тоа време. Индивидуалните визии и трагања на создавачите од различни професии и карактери го поттикнуваа оригиналното творештво во рамките на сликарството, вајарството, музиката, литературата, фонетиката, а се’ тоа го правеше духот на „Медиала“ уште повеќе посебен и драгоцен.

Според мислењето на историчарката на уметност Ирена Суботиќ, вредноста на појавата на оваа група е пред се’ во моментот кога, како осаменици, неочекувано се појавуваат во белградската средина, внесувајќи го здивот на Медитеранот и неговата фантазмогорија, неочекувано бидејќи делуваа анахроно, бидејќи го мешаа редоследот на историјата, и бидејќи не се вклопуваа во формалните потреби и формалните афирмации. Нивната херметичка појавност не беше лесно препознатлива во тоа време која се карактеризираше со отворање кон светот, модернизација на духовниот и практичниот живот, прифаќање на многу готови формули, потребни на оваа средина и затоа и брзо усвоени, кои дојдоа како замена на тукушто надминатата догматска уметност. Со својата програма, дела и однесување, како „заговорници на долгото паметење“, Медиала во ликовниот живот на Белград очигледно се издвојуваше од се’ тогаш актуелно и славено како модерно, објаснува Ирена Суботиќ.

Дека  „Медиала“ останува актуелна и низ времето, беше доказ кога после 50 години континуирано творење, членовите на групата повторно направија заедничка изложба, и тоа во посебно адаптираниот простор, Галерија на Салонот Медиала. Изложбата носеше наслов „Миг на сегашноста – Медиала 2006“, и тежнееше со својата ретроспектива и историски карактер да потсети на значењето кое го имаше творештвото на уметничката група „Медиала“ во втората половина на изминатиот век. Но и да докаже дека духот на „Медиала“ сеуште постои на просторот. Како експонати на оваа изложба се појавија и севкупниот дневник  за групата испишан од раката на Леонид Шејка, стиховите на Васко Попа кои во едно минато време ги бодреа уметниците, а особен детаљ беше и таканаречениот дрндафон, музички инструмент кој ги отвараше сите нивни изложби, направен од пријателот на групата Пеџа Ристиќ.

Актуелноста на „Медиала“ се должи и на нејзината мистика, во големата уметност која медијалците ја донесоа зашто нивните идеи немаа граници, и беа епохални. Според многумина, „Медиала“ остана најзначајна појава во целокупната историја на српската уметност и најголем (бившо) југословенски придонес на светската култура.

Ј.Кантарџиева

x

Check Also

Телефон кој долго се очекуваше – Samsung Galaxy Z Fold2 пристигна во Македонија  

  Samsung Galaxy Z Fold2, предводникот на третата генерација на телефони на ...