„МакеДокс“ ги најави програмите Земја во фокус – Германија, Чешка вечер и Детската програма

Десетгодишниот јубилеј на „МакеДокс“ се преклопува со два значајни јубилеи за слободата и културата, а тоа се: 30 години од рушењето на Берлинскиот ѕид и 100 години од создавањето на движењето „Баухаус“.

Затоа, програмата „Земја во фокус“ е посветена на Германија, бидејќи оваа земја денес гради најмногу филмски копродукции во Европа, што е и главниот фокус на годинашниот „МакеДокс“ – создавање на копродукции како начин на рушење на ѕидовите и создавање на подобра работна мрежа меѓу филмските професионалци и фестивалските организатори. Во програмата ќе бидат прикажани 8 германски документарни филмови, со акцент на источно-германската продукција. Програмата е поддржана од Гете-институтот во Скопје.

Чешката вечер на „МакеДокс“, поддржана од Амбасада на Република Чешка во Скопје и Чешкиот Културен Центар во Софија, ќе се одржи на 27 август. Во Куршумли-ан, во 21 часот, ќе биде прикажан биографскиот документарен филм со пикантерии за светски познатиот чешки режисер Милош Форман – „Форман наспроти Форман“ (Чешка, Франција/ 2019/ 78 мин.) во режија на иконата на чешката документаристика, Хелена Трештикова, и Јакуб Хејна. Истата вечер на платото пред Куршумли-ан, во 23 часот, ќе биде прикажана приказната за мистериозноста на „Главната автобуска станица“ во Тел Авив на младиот чешки режисер Томаш Елшик.

– На 10-то јубилејно издание на „МакеДокс“, имаме исклучителна можност и ни претставува огромна чест Детската програма да биде создадена и курирана од страна на Меѓународниот фестивал за документарни и анимирани филмови ДОК Лајпциг, селектирајќи заедно 12 анимирани и доку-анимирани филмови за деца од школска и претшколска возраст, пред сѐ, од Германија, велат од „Македокс“.

Детската програма ќе се одвива во Младинскиот културен центар 23-27.08.2019 од:

18:00 часот – Анимирани приказни за деца од 5 до 55 години

19:30 часот – Креативни документарни филмови за млади

Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“.

x

Check Also

Новите FREEBUDS 3 HUAWEI безжични слушалки испорачуваат нови интелигентни звуци користејќи KIRIN A1

Huawei ги претстави своите безжични слушалки HUAWEI FreeBuds 3 за време на ...