МакеДокс тргна на 10-тото Патувачко кино

Екипата на „МакеДокс“ вчера тргна кон селото Радожда, струшко, каде ќе биде лоциран базниот камп, а оттаму ќе се упатува кон селата од двете страни на границата. Патувачкото кино на МакеДокс ќе се одржи од 1 до 12 јули и ќе има проекции во села околу двете езера, Охридско и Преспанско езеро од македонската и од албанската страна.

Особено ни е мило што годинава успеавме да ја оствариме идејата Патувачкото кино да стане регионален настан и првпат во неговата реализација се вклучени и партнери од Албанија.

Од 2 до 11 јули ќе се одржат седум проекции во 4 македонски и 3 албански населени места по следниот редослед: Лабуништа (2 јули), Бучимас (3 јули), Вишни (5 јули), Драслајца (6 јули), Пустец (7 јули), Луково (10 јули) и Лин (11 јули). Паралелно со проекциите на документарните филмови ќе се одвиваат и други активности, како патувачката библиотека на МакеДокс со книги собрани со донаторска акција, а кои на крајот ќе бидат донирани на основното училиште во Радожда. По проекциите во Драслајца, Пустец, Луково и Лин планирани се музички забави, а забавата за загревање ќе се одржи на 1 јули во Кингстон бар во Струга.

Паралелно со Патувачкото кино од 5 до 11 јули ќе се одвиваат сесиите на третата генерација „Докуникулци“, кои оваа година ќе работат во формат на камп за креативен документарен филм, а за прв пат и оваа платформа е поставена регионално со учество на млади од 15 до 18 години од нашата земја, но и од Србија и Албанија. Партнери на МакеДокс во овој проект се Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана, Албанија, и Филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград, Србија.

Патувачкото кино на МакеДокс се реализира со поддршка од македонската Агенција за филм, амбасадата на Германија и овозможено е од Western Balkans Fund.

Детската филмска програма во рамките на Патувачкото кино е направена во соработка со меѓународниот фестивал Док Лајпциг.

x

Check Also

Ова е најпопуларниот спа-центар на Инстаграм

Спа-центарот Андронис Аркадиа Санторини, кој се наоѓа на грчкиот остров Санторини, неодамна ...