Македонските “Play Wood Toys” се најубавите дрвени играчки кои некогаш сте ги виделе

Се сеќавате на вашите играчки од детството? Беа дрвени, едноставни, а толку многу ги сакавме. Љубовта кон нашите стари дрвени играчки продолжи и со нашите деца, со нашите внуци… Колку љубов е потребно за да се изработи една дрвена играчка?


Колку, внимание, трпение, наука и внимателно одбрани материјали за работа се потребни да се изработи една играчка која ќе биде играна и љубена од многу генерации? Колку многу љубов, талент и креативност има во тимот на Play Wood Toys кој ги создава најубавите дрвени играчки на новите генерации.

Како се роди идејата за “Play Wood Toys”?

– Идејата за изработка на дрвени играчки ни се оформи со текот на времето, се градеше постепено. Животниот пат не донесе во оваа интересна приказна.


– Живеејќи го секојдневието од барање на интересни и здрави играчки за нашите деца, ја искористивме нашата креативност и предност во тоа што имавме работилница за обработка на дрво, само ја пренаменивме и опремивме за изработка на помали делови од дрво, нешто многу поинтересно, предизвикувачко и магично.


– Така се најдовме во свет – нашата работилница, во која везден се раѓаа нови идеи за играчки, почнуваа да излегуваат постојано нови и нови и поинтересни другарчиња, а децата и луѓето околу нас беа среќни и воодушевени од нив. Целосната атмосфера на детска среќа и поддршка, секојдневно ја гледаме и чувствуваме и не води понатаму во работата.


Од кои материјали се изработуваат играчките?

– Играчките ги изработуваме од дрво и од шпер-плоча. Од дрвните видови најчесто ги користиме бор, бука и егзотичниот вид на дрво меранте. Целосниот процес на производство на играчките, од сечењето на формите, преку шмирглање, склопување и финалното боење, е рачен и се одвива во нашата работилница, што значи играчките се целосно наш, македонски производ.

– За боење користиме нетоксични, водорастворливи, акрилни бои кои не се штетни за детското здравје; од истата причина, т.е. со цел да ги намалиме штетните хемикалии околу децата, завршни лакови за заштита на дрвото не користиме, туку дрвото го премачкуваме и заштитуваме со ленено масло, ладно цедено, кое се користи за јадење и кое е природен импрегнатор на дрвото, го заштитува и ја истакнува неговата природна убавина.

Кој е омилениот избор на дечињата од “Play Wood Toys”?

– Децата од сите поклони, дефинитивно, најмногу сакаат играчки, и тоа е сосем разбирливо – затоа што се деца, да си играат е нивна потреба и право, преку играчките растат и се развиваат. Од нашата палета на играчки, неможам да одвојам со кои најмногу сакаат да си играат, бидејќи ги сакаат и си играат со сите играчки.

– Зачудувачки е како децата природно и веднаш ги прифаќаат играчките од дрво, и буквално, да им дадете обични, необоени дрвени парченца, плочки или коцки, тие веднаш започнуваат некоја конструктивна игра, нешто си редат и прередуваат и се заигруваат, задлабочени со часови.

– Како најомилени и најприфатени би ги издвоиле количките, животните на тркалца- слончето, жирафката, кучето, потоа коцките со букви од кирилица и коцките со сликички за сложување, каде децата си бираат кои сликички од нивните омилени ликови ќе влезат во комплетот. Секако за најмалите, кои почнуваат со процесот на самостојно играње и размислување преку игра, најинтересна и најбарана играчка е желката со формички.

Каде можат да се набават Вашите играчки?


На нашата фејсбук страница – “Play Wood Toys”, можат да се видат и порачаат сите наши играчки, да се добијат потребните информации и детали околу играчките, како каталог со ценовник, димензии, начин на испорака и се друго што ги интересира нашите купувачи.

Граѓаните на град Скопје, можат да ги најдат нашите најомилени и најбарани играчки, во продавницата Бебе Слинг, која се наоѓа во непосредна близина на Универзална Сала, или пак да ја погледнат нивната on-line продавница на www.bebesling.mk.

x

Check Also

Чанти за есен од новата колекција на MANGO

Какви чанти ќе носиме оваа есен? Според дизајнерите од Манго, во преден ...