Македонските спортски ѕвезди со поддршка за Проект Среќа

„Шампионите за вас“ со цел да обезбеди подобра иднина и да ги изгради идните шампиони на Македонија

 Хуманитарната природа на спортот ги спои најголемите спортисти во Македонија за една добра и доблесна цел на акцијата „Шампионите за вас“, која е во склоп на Проект Среќа и „Здраво шампиони“, кој трае веќе неколку месеци, а ќе заврши со делење на опремата на крај на август, пред почетокот на школската година.

„Ова што денес го правиме не е само за спортска опрема и чланарини туку за да им го поплочиме патот на иднината на децата кои сега се во социјален ризик. Преку спортот и благодарение на овие легенди кои се дел од настанот, децата во социјален ризик од Македонија ќе можат да спортуваат и да стануваат дел од клубови за спорт кои ќе ги учат на тоа како преку дисциплина, тимска игра, самомотивација и поставување на сопствени цели може да постигнеш сѐ што сакаш во животот. Оваа патека, по која тие веќе тргнаа, ќе им покаже како и тие да станат шампиони и баш поради тоа на нас ни е повеќе од драго што спортските ѕвезди го прават ова за иднината на нашето општество, децата и најмалите.“, Кристина Арнаудова, претседател на Проект Среќа.

За време на „Шампионите за вас“ сите кои дојдоа донираа по најмалку 100 денари и за тоа добиваа купон со кој присуствуваа на настанот и се дружеа со спортските ѕвезди кои воедно потпишуваа и топки чија продажба додатно влезе во донаторската каса.

Кошаркарите Перо Антиќ и Едина Муса, ракометарите Дејан Манасков, Филип Миркуловски и Филип Кузмановски, рели возачот Игор Стефановски – Иџе и каратистите Дејан Недев и Аљоша Недев се вклучија и со тоа што донираа дел од своите лични предмети кои ќе бидат дел од онлајн аукција. Од дресови носени на европските првенства, преку златни медали до првата награда која некогаш ја добила Едина Муса, се потпишани и подготвени за наддавање. За почетокот на аукцијата сите ќе бидат информирани преку официјалната Фејсбук фан страна на Проект Среќа: https://www.facebook.com/proektsreka/.

Проект Среќа соработува со основните и средните училишта и установите кои згрижуваат деца. Се пријавија 340 деца и за сите ќе се обезбеди спортска опрема и чланарина благодарение на вниманието и трудот кој го овозможуваат македонските шампиони. Неговиот успех се должи и на големата поддршка од спонзорите и партнерите, и главниот покровител Агенција за млади и спорт на Република Македонија.

x

Check Also

Бидете дел од најмасовниот Јога час на 21 јуни  

    По повод Меѓународниот ден на јогата, Индиската амбасада од Софија, ...