Застанете крај нашата елка и донирајте подарок за насмевка на 8-те дечиња на семејството Лазарови од Орешани

„Макмода“ во хумана новогодишна кампања на Скопје Сити мол: Приклучете ни се и донирајте за дечињата од социјално загрозените семејства!

Денес започна голема Новогодишна хумана акција во организација на Сити мол и во соработка со 12 респектибилни македонски медиуми. На вториот кат од трговскиот центар поставени се новогодишно декорирани 12 природни елки. Една елка – еден медиум.

Во кампањата се вклучија медиуми од национални телевизии, преку веб портали до радио станици, како телевизиите: Тв Телма и Тв21, порталите: Сакам да кажам, МКД, Женски магазин, Фактор, Риборн, Мак Мода, Оффнет, А1он, Емагазин и најслушаното – Сити радио. Секој од медиумите одлучи подароците кои ќе бидат донирани под неговата елка да ги подари на деца на едно социјално загрозено семејство.

Нашиот портал МАКОМОДА.КОМ ќе се погрижи да собере доволно подароци за децата од семејството Лазарови од с.Орешани. Станува збор за осум деца кои се на различна возраст, тргнувајќи од најмалото момченце кое има две години па се до „поголемките“ девојченца и момченца кои во возраста се различуваат за две, три или повеќе години. 

Ова е нашата хумана елка која благодарение на Вас има задача да им донесе радост на 8-те дечиња од семејството Лазарови од с.Орешани. Не ја одминувајте, а подарокот предадете го на задолжените волонтери во кампањата. 

Денес првите подароци под елките ги донираа самите медиуми и со тоа апелираат до граѓаните да ја разбудат во себе емпатијата во празниците кои престојат и да ги усреќат децата од 12-те избрани семејства.

Овој хуман гест, превенствено има за цел да ја подигне свеста на граѓаните и воедно да ги мотивира да донираат новогодишни подароци за деца кои сe од социјално загрозени семејства. Пред секоја елка – медиум ќе има податоци за колку деца станува збор од социјално загрозеното семејство и на која возраст се дечињата, што ќе им олесни на посетителите околу изборот за новогодишни подароци, кои ќе сакаат да ги донираат. Задолжените волонтери во кампањата ќе бидат достапни за сите заинтересирани посетители да им излезат во пресрет и помогнат околу превземањето на подароците и дополнителни информации околу кампањата.

Хуманата акција ќе трае до 4 јануари 2018 година. Во пресрет на Бадник и Божик, медиумите ќе ги посетат домовите на овие 12 семејства и ќе им ги врачат подароците.

Затоа ја покануваме јавноста да донира подароци за сите оние дечиња на кои ова многу ќе им значи. Во овие студени зимски денови да ги стоплиме и усреќиме детските срца!

МАКОМОДА.КОМ Ве повикува да ни се придружите во оваа хумана мисија и да помогнете со дарување на практични или слатки подароци за преслатките деца од социјално загрозеното семејство Лазарови од с. Орешани во кое работи само таткото Сашо. Подароците можат да бидат од чоколада, новогодишни пакетчиња па се до топла облека, подароци со кои ќе им ги разубавиме и ним најубавите празници во годината и ќе направиме да се чувствуваат среќни, исполнети и стоплени.

Не ја одминувајте нашата хумана елка! Не одминувајте ја среќата која треба да ја донесеме до 8 пара подадени рачиња. 

 

 

 

x

Check Also

Црни модни изгледи за зима 2019/20 од & Other Stories

„Фрлете“ погледн на црните модни комбинации од модната марка & Other Stories дизајнирани ...