Малите тајни на совршените тестенини

Колку и да изгледа едноставно варењето тестенини – ставање во лонец со врела посолена вода, понекогаш се случува вистинска катастрофа – преварените и залепени шпагети не се реткост.

Прво и основно треба да изберете соодветен лонец, кој треба да е доволно голем за во него да може да се варат тестенините. За 500 грама тестенини потребни се до три литри вода. Пред да зоврие водата посолете ја добро, но масло не ставајте бидејќи тоа нема да го спречи лепењето на тестенините. За да не се случи тоа, кога ќе ги ставите во водата и во тек на варењето неколкупати промешајте ги тестенините.

Тестенините и сосот мора да се брзо готови

За да сте сигурни дека имате добро сварени тестенини, тие треба да се ал денте, односно меки, ама не преварени. Всушност, кога ќе ги загризете, да ги почувствувате како лесно крцкаат под забите. Во спротивно, ќе имате преварени тестенини со вкус на гума. За да оцените дали се добро сварени, пред да ги извадите од водата, со лажица земете едно парче и пробајте ги. Со текот на времето ќе стекнете искуство и ќе знаете кога е доволно варење. Домашните тестенини обичнo не треба да се варат подолго од 3-5 минути.

По варењето исцедете ја водата, но никако не ги мијте тестенините. Во Италија традиционално тестенините се варат во голем претходно загреан лонец, а потоа во него се прави сосот. Тестенината се меша со сосот или планираното јадење, а ретко се послужува одделно. Некои сосови можат да се приготвуваат паралелно, бидејќи потребни се неколку минути, а најважно е сосот да одговара на тестенините. Едноставните сосови со маслиново масло и ситни парчиња зеленчук или сирење се пригодни за шпагети и други долги тестенини. Сосовите со парчиња месо или крупен зеленчук се совршени со макарони или тестенини машнички. И тука има исклучоци, па така школките најдобро одат со шпагети.

Пет најдобри сосови

Главни состојки на карбонара сосот се јајца и сланина. Карбонарата нема класичен кремаст изглед, но ако изматите едно свежо јајце и додадете кашкавал, при топењето сè ќе се поврзе. Можете да испробате комбинација со шпаргли, маскарпоне и горгонзола.

Болоњезе сосот е со мелено месо и домати, па спаѓа меѓу класичните италијански рецепти. Уште е познат како рагу.

Маринара е сос со лигни, кој по сопствен избор можете да го направите во комбинација со други морски плодови. Во овој сос можете да додадете пасирани домати, вино и лук.

Вонголи е сос со школки, но готвачите препорачуваат во нив да комбинирате цели чери домати, лук, маслинки и малку пасирани инчуни.

Тајната на вкусни шпагети со месни топчиња е во изработка на месниот дел. За да се сочни и меки, лебот пред мешање со месото потопете го во топло млеко, а потоа месните топчиња направете ги во класичен сос од домати.

Тестенини со два вида сирење

Ако сте расположени за брз оброк на тема тестенини, денес ви предлагаме да ги приготвите со превкусен сос од два вида сирење – маскрапоне и горгонзола. За приготвување нема да ви бидат потребни повеќе од 15-20 минути, а особено ќе ги воодушеват љубителите на сирења.

За овој оброк најдобри тестенини се фетучини (тестенини слични како јуфките, само се потенки), тестенини машнички или фузили (тестенини како спирали). Друга опција е да го комбинирате со полнети тестенини, како тортелини, но во тој случај ставете помалку сос.

За да го приготвите измешајте половина чаша издробена горгонзола, половина чаша маскарпоне, 2 лажици путер, 1 лажица мешавина од суво оригано и магдонос, сол и црн пипер по вкус. Во тенџере стопете ги сирењата да се соединат. Додајте го путерот и мешајте да се добие хомогена смеса. Зачинете со зачинските билки, сол и црн пипер по вкус. Прелејте го над сварените тестенини.

Овој класичен италијански сос од сирење најдобро се сложува со изладено шардоне, розе или мерло. За целосен оброк, послужете ги тестенините со цезар салата.

x

Check Also

Есенски колач со сезонско овошје готов за половина час

Ние овој колач го подготвивме со вишни, но може да употребите праски, ...