Ману Чао, Скопје и се разбира, ракија

Од белешките на Ману Чао како го видел Скопје.

Ок. Се враќаме на турнејата. По Белград се спуштаме во Македонија. Во Скопје. Не знам што има специјално во ова место, но за нас беше едно автентично доживување. Тоа е еден мал град, за кој не може дури и да се каже дека е убав, но луѓето што живеат таму имаат обичај секоја работа да ја претставуваат како нешто специјално.

Вечерта бевме поканети на вечера во еден ресторан каде што свиреа жива музика, свиреше некоја ромска група, и тоа изгледаше како да сте дел од некој од филмовите на Кустурица. Музика насекаде и се игра на масите. Ракија за сите, очигледно. Луда, ама прекрасна работа.

Следниот ден имавме повеќе слободно време да направиме круг околу градот, но ние сакавме да ги запознаеме подобро Ромите, кои живеат во една зона на Скопје. Уште пред да влеземе во квартот на Ромите, се најдовме во некоја друга сцена од типот филм на Кустурица, а дури потоа дознавме дека токму тука, на ова место, Кустурица навистина снимал дел од филм. Весела свадба со невеста во бело и неколку десетици гости, тука е и оркестарот. Подзастанавме малку оддалечени, за да не пречиме, но и само да ги гледаш беше фантастично.

mc 34

Веќе следниот ден нè чекаше еден друг, многу забавен состанок. Со одговорниот директор на „структурата“ каде што требаше да се случи нашиот концерт. Овој тип е интернационален судија по ракомет, голема риба, зашто таму ракометот е национален спорт. Седнавме во неговата канцеларија и тој почна да ни точи да пиеме, без воопшто да не праша дали сакаме нешто да се напиеме. Нормално, ракија. Веќе е три часот попладне а ние се наоѓаме со полни чаши во рацете. Но во овие места тоа е нешто што не смеете да го одбиете. Морате да ја почитувате културата на домаќините, ете на Балканот нешто што не треба да се одбие е алкохолот. На крајот на турнејата однесов дома едно буре од 10 литри полно со исклучителна ракија што ми ја подарија во Босна. Сега кога ќе одам во Гализија, каде што луѓето се убедени дека имаат најдобра ракија во светот, ќе можам да им покажам дека постои и подобра од неа. Тоа е производ на традицијата, луѓето тука ја прават со љубов. Единствениот испад беше кога возачот на еден од оние тур-автобуси го виде пластичното проѕирно шише во кое ние претуравме малку од ракијата, а тој веруваше дека е тоа вода за ладилникот, и… Но тоа е една цела друга приказна.

Всушност, ние сме во Скопје и претпладнето пред концертот пиеме ракија со интернационалниот судија за ракомет. Седевме тука со часови, со него, гледавме некоја чудна програма на некоја локална телевизија, додека тој задлабочен ни објаснуваше дузина други работи. Но пред сè, тој направи да се почувствуваме како да сме дома.

Вечерта нашиот концерт беше исклучителен. Отсвиревме заедно со една ромска група на музичари што ги најдовме во ромското маало, акустичниот систем беше најдобар, а луѓето останаа сè до крајот, во некои неретки моменти на колективен транс. Истата ноќ се упативме кон Бугарија и во текот на патувањето се уверивме во природната убавина на овие места.

Во Љубљана одлучивме дека на Балканот мора да се вратиме повторно. Тоа го ветивме и на нашите нови пријатели. На крајот би можел и да кажам дека турата – Источна Европа беше природна географска еволуција на нашите патувања, на нашите авантури. Со радио „Бемба“ нè слушаа дури и во Латинска Америка, а потоа направивме круг околу Европа. Сега верувам дека циклусот е затворен. Ни останаа непосетени многу други места каде што никогаш не сме биле. Африка, на пример. Но не верувам дека во тие места баш нас нè очекуваат. Мислам дека тие ќе успеат да преживеат и без нашиот концерт.

x

Check Also

Кирил Џајковски повторно соработува со Милчо Манчевски

Ред Сафари, нов сингл на Кирил Џајковски, дел од саундракот за филмот ...