Марбеља – совршена дестинација за годишен одмор

Марбеља е идеална локација за оние што се подготвени да платат нешто повеќе за задоволство, оправдувајќи го мотото на градот, кое гласи „начин на живот“.

Некогаш мало андалузиско рибарско селце на самиот југ на Шпанија со име Марбеља, денес е пример на тоа како може да дејствува волшебната формула за трансформација преку вложување во туризмот која Шпанците тука ја разработиле до совршеност.

Големите булевари, средното крајбрежје на Коста дел Сол, пространите паркови, раскошните градини издигнати крај песочната плажа и чистото море се доволни за Марбеља да биде една од најпосакуваните дестинации за одмор. На ова, можат да се додадат и сочуваните приказни преку традицијата и културата, преку фламенкото и тореадорите, арените и популарната „Сангрија“ на кои совршено се надоврзува модерното време отсликано преку луксузните вили, приватните резиденции, голф-терените и хотелите што ги полнат очите, скапите бутици, елегантните статуи на познатите шпански уметници, јахтите и бродовите…

Домаќините нема да заборават да ве потсетат дека во Марбеља е роден Антонио Бандерас, кој секоја година се враќа тука, но и дека во Марбеља ужива да летува Дејвид Бекам, дека сите најголеми ѕвезди се тука некаде но можеби и не можете да ги видите зашто се „засолнети“ во своите огромни апартмани откупени крај самиот брег.

Просечната годишна температура е околу 18 степени и поволната клима (во текот на летото температурата е околу 28 степени, а зимите се благи и никогаш под 15. степен), се уште една причина повеќе за да се посети Марбеља во кое било годишно време.

Не напразно дури 75 терени за голф се изградени околу градот, кои ги задоволуваат стандардите на голферите професионалци и аматери, меѓу кои се вбројуваат и добар дел од светските „џет сетери“. Голф индустријата во Шпанија генерира минимум 2,5 милиони евра, секоја година. Во непосредна близина на Марбеља се наоѓа и голф-теренот „Вале Романо“ проценет за најлуксузен во светот, поставен на 200 хектари земја со поглед на секогаш разбрануваното море. За магијата на „Вале Романо“ придонесе и Кабл Робинсон, кој дизајнираше 27 голф дупчиња во близина на летните резиденции, а останатите 36 се поставени на Доња Луча, каде што Лар Сол Естепона инвестираше 100 милиони евра за изградбата на медитеранското село, со 389 апартмани и сите вклучени луксузни сервиси.

Ноќниот живот на Марбеља е опишуван во најугледните туристички водичи. Само во „Пуерто Банус“ ќе го најдете амбиентот за кој до неодамна мислевте дека постои единствено во филмовите.

Во центарот на градот се контрастите на структури на интернационалниот врвен туризам вметнат во амбиентот на шпанскиот град од 16 век. На Плоштадот на портокалите, како и на околните тесни улички што водат до него, често ќе ве привлече последната атракција на градот или перформансите на најдобрите светски музички бендови.

Славниот парк „Ла аламеда“ се наоѓа во непосредна близина на Марбеља, а тука може да се изнајми коњ и така со стил да се продолжи патувањето до околните места кои нудат различни забави, од историски музеи преку водни спортови до арени за борба со бикови.

Само на Марбеља отпаѓа 26 километарска песочна плажа која е дел од крајбрежјето Коста дел Сол, кое се протега на површина од 250 километри.

Од Велика Британија и Германија туристите пристигнуваат во Марбеља со секојдневни чартер летови. Но ако патувате од другите европски земји, најчесто ќе треба до тука да смените два до три авиона. Марбеља има околу 15.000 жители но секојдневно тука престојуваат уште најмалку 300. 000 туристи.

Освен по гламурот, градот е познат и по деловните луѓе со „сомнителни бизниси“, кои тука го наоѓаат своето засолниште. Домаќините на градот, на ова само се насмевнуваат, и се согласуваат дека во нивниот луксузен дом законот не го спроведува полицијата, туку локалните богаташи, па така Марбеља практично е „држава“ во самата држава Шпанија.

 

x

Check Also

ГАЛИЧКА СВАДБА 2021: Автентичната традиција продолжува

По пауза од една година поради ковид-19 пандемијата, претстојниот викенд продолжува традицијата на ...