Марија Пупучевска: Креирањето костими е незамисливо без истражување и силна имагинација

Костимографката Марија Пупучевска креираше фантастични костими за претставата „Подемот и падот на кабарето“ во режија на Владимир Милчин

marija 3 Podemot i padot na kabareto (2) MNT

Повеќе од осумдесет театарски, оперски и балетски проекти на сцената биле поставени во костимите кои ги изработила Марија Пупучевска. Нејзиното професионално искуство и 15-годишното активно учество во реализацијата на проекти од областа на сценските уметности ја прават една од најангажираните костимографки во државата. Од 2000 година е вработена во Македонската опера и балет, а веќе долго време е раководител на секторот за костимирање.

Нејзината активна улога во креирањето костими за претставите е базирана на силна имагинација, потреба за истражување, огромна страст, ентузијазам и разбирање за желбите и потребите на другите. Како резултат на нејзината посветеност во работата веќе е добитник на неколку награди за најдобра костимографија на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Често нагласува дека проектите кои се поставуваат на сцена се заедничко дело на сите што учествуваат во нивната реализација. Таков е случајот и со претставата поставена во Македонскиот народен театар.

Претставата „Подемот и падот на кабарето“, во режија на Владимир Милчин во Македонскиот народен театар, е проект во кој се вклучени 22 актерки и актери за кои требаше да изработите по два или три костими. Како течеше процесот на креирање на костимите за претставата?

Во театарот креирањето е процес во кој се вклучени сите, од режисерот, преку актерите, сценографот, костимографот… Затоа не може да се издвои еден процес, како костимографијата, од другите процеси кои паралелно, или подобро речено, заеднички се одвиваат кон создавање на едно дело, кое е заедничко. Костимографот влегува авторски, започнува еден пат, кој потоа се поврзува со другите патишта на другите вклучени во создавањето на делото. Секако дека техничката страна е издвоена и таа, исто така, подразбира големо вложување, особено кога се работи за вака голем проект, во кој имаше безмалку шеесетина костими.

marija 2

Колку костимографијата од една страна овозможува да се исцртаат контурите на карактерот, а од друга, колку дава можност за истражување и експериментирање?

Костимографијата, пред се, исцртува карактери на едно базично ниво и врз основната нишка и концептот, кој го дава режисерот, се надградува авторскиот пристап, имагинацијата и истражувањето на костимографот. Костимографијата не само што дозволува експериментирање, туку и незамисливо е креирање костими без тоа. Доколку би се оставило само на исцртување на карактери, веројатно не би бил потребен костимогаф, туку само фундус и шивална која ќе го обновува фундусот во еден театар.

marija 5

Врз основа на кои податоци или модели, е можно да се создадат костими од времето на Француската револуција, на пример? Или, можеби, дозволена е и одредена доза на имагинација?

[sociallocker id=”5720″] Постои многубројна литература за модата не само во времето на Француската револуција, туку и воопшто за начинот на облекување во сите познати епохи. Особен придонес, секако, имаат сликарите, кои оставиле неизбришлива визуелна трага за минатите времиња. Но, повторно, костимографијата не е и не смее да се сведе само на пресликување на една епоха. Костимографот има свој ракопис, кој има своја порака.

marija 6

Повеќе од 15 години работите како костимографка на оперски и театарски претстави. Од вашето искуство, кои материјали се најсоодветни за креирање костими за сценските уметности, не се кинат лесно, а можат да се облекуваат повеќе пати?

Не може материјалите да се ограничување при креирањето на костимите. Секако дека природните материјали се најпосакувани кај актерите, но не секогаш се во служба на концептот на претставата. Издржливоста е слична кај сите материјали доколку на вистински начин се чуваат и одржуваат.

marija 7

Од што најчесто зависи инспирацијата за одреден костим – од улогата, од текстот, либретото или од договорот со режисерот?

Веројатно од збирот на сите овие аспекти. Тоа во суштина е анализата која дава основа за понатамошниот креативен процес.

Можно ли е при создавањето на одредена костимографија да се следат модните трендови во светот?

Секако, доколку тоа е дел од визијата и пораката на претставата.

marija 8

Лично, имате ли омилен период во текот на историјата на модата?

Сето тоа е многу променливо. Различни работи ме привлекуваат од различни епохи. Од друга страна пак, кога ќе размислам, јас исто така во различни мои периоди сакам различни работи… Еднаш кринолината ми се чини совршена, а подоцна се прашувам дали навистина е така… Сето тоа е променливо.

marija 1

Според вас, за кои жени обично велиме дека знаат добро да се облекуваат, што е потребно жената да знае за да го изрази својот стил и карактер преку облеката што ја носи?

Пред се’, треба да ја открие жената во себе, односно да се познаваш себеси е најважно. На тој начин, се’ она што ќе го носиш ќе биде дел од тебе и ќе биде најдобрата облека за тебе. Веројатно, тоа луѓето го нарекуваат „има свој стил“.

[/sociallocker]

Тони Димков

Фотографии Кире Галевски

 

x

Check Also

ОФФест 2018: Шареноликост и фузија од музички правци, култури и традиции

Седумнаесеттото издание на ОФФест ќе се одржи од 31 мај до 5 ...