Мелина Меркури, последната грчка божица

Во чест на роденденот на оваа глумица, пејачка и секако икона на 20-от век, да се потсетиме на нејзиниот стил и живот.

m 2

Родена е на 18 октомври 1920 година во Атина, како Марија Амалија Меркури, кога завршила средно училиште примена е во драмското училиште во Националниот театар и тука дипломирала во 1944 година. Веќе на 21 година била мажена за богатиот Панос Харокопас, а бракот траел до 1962 година.

По дипломирањето ја добива и првата улога во Националниот театар на Грција, во претставата „Електра“, а во 1949 година следува првиот значаен успех во претставата „Трамвајот наречен желба“. До 1950 година останува во истиот театар, потоа се преселува во Париз каде што игра во неколку претстави. Париските денови и носеле познанства, со Кокто, Сартр, Колет и Франсоаз Саган.

Првата филмска улога ја добива во грчкиот филм „Стела“ на режисерот Михалис Кокојанис. На Канскиот фестивал истата година, 1956 филмот освојува посебна награда, а срцето на Мелина го освојува американскиот режисер Жил Дасен. Следната година заедно работат на филмот „Оној што мора да умре“, потоа и на други филмови, но светската слава и ја носи филмот „Никогаш во недела“ од 1960 година, за кој ќе ја освои наградата за најдобра женска улога на Канскиот фестивал, а номинирана е и за оскар. Потоа ја добива улогата во филмот „Федра”, 1962., која и носи бројни награди.  Во 1967 година настапува успешно на Бродвеј. Од филмот ќе се прости по филмот на својот сопруг, „Сонот за страста“ во 1978.

m 1

Грчкиот воен пуч на 21 април 1967 година ја затекнува во САД, а таа ја започнува меѓународната кампања патувајќи низ светот јавно зборувајќи за она што се случува во Грција. Таа што со години ги промовираше грчките острови, тие денови на својата публика и порачуваше да не одат во земјата каде што некои од островите се претворени во мачилишта.

Нејзиниот активизам го разбесни грчкиот режим, кој ѝ го одзема грчкото државјанство и и го конфискуваа целиот имот во Грција. На таа вест, Мелина изјави – „Се родив како Гркинка и така ќе умрам, а Патакос (еден од полковниците) се роди како фашист и така ќе умре“. По падот на хунтите во 1974, се сели во Грција, каде што е една од основачите на ПАСОК и станува левичарка.

По изборите во 1981, станува прва министерка за култура во историјата на земјата и на таа функција останува два мандати. Како министерка за култура ги искористува сите меѓународни познанства за промоција на Грција, се заложува на Атина да и се врата остатоците од Патренон кои се однесени во Британија, дури го отвори прашањето за изградба на музејот Нов Акропол чие остварување не го доживеа. Музејот е конечно завршен и отворен во 2008 година. Подоцна основа и меѓународна фондација за поддршка на уметниците.

Најсаканата Гркинка на 20 век, Мелина Меркури, умре од рак на белите дробови во Њујорк, на 6 март 1994., во својата 73 година. Погребена е со сите државни почести неколку дена подоцна во Атина. Остана запаметена по единствениот стил, а се уште ја нарекуваат последната грчка божица.

С.Спасиќ

x

Check Also

Сродните души на хороскопските знаци

Сте се запрашале некогаш што астрологијата може да ве научи за изборот ...