Мила Кадриу: Колку е важна колекцијата исто толку е важна и локацијата за една ревија да биде комплетна!

Деветтата сезона на Моден викенд во Скопје ќе се одржи од 1 до 6 април на повеќе локации во Скопје. Во официјалната програма влегоа дваесет модни дизајнери и брендови. Многу необична локација за претставување на својата нова колекција избра дизајнерката Мила Кадриу, а нејзината ревија ќе се одржи со наслов „Моден бранч“.

FWSK април

FWSK април 2014

Самостојно учествувате и на деветтата сезона на Модниот викенд во Скопје. Претставувањето на вашите нови дизајни ќе се одржи на 5 април во „Хорти Експерт Гарден Центар“ во пладневните часови. Зошто ја одбравте таа локација за претставувањето?

Уште од самиот почеток модата претставена со бранч во градина се појави како идеја за презентирање на новата колекција пролет-лето 2014 на MCouture. Инспирацијата за колекцијата е родена во природа и затоа ботаничката градина „Хорти експерт“ би била најсоодветната локација за настанот на 5 април.

Што, во суштина, носи новата колекција и со каква приказна ќе биде пренесена на публиката?

Новата колекција е поразлична, поприлагодлива, полесна и понежна, како во однос на силуетата така и во однос на боите и силуетата. Приказната е едноставна, убавината на жената и убавините на природата прикажани преку облеката!

FWSK април

FWSK април 2014

Колку модни парчиња ќе бидат презентирани и со кои материјали се изработени? За каков тип на личности се наменети?

Ќе бидат презентирани 25 модели кои се изработени од дезенирана свила, памучни чипки, органтини, лен и други ткаенини со мали везени детали и пердуви.

Иако се свечени, моделите лесно се носат. Наменети се за различни пригоди на кои жената сака да биде забележана, но, сепак, дискретна и различна, елегантна, но дефинитивно некласична!

Креации на Мила Кадриу

Креации на Мила Кадриу

На Моден викенд во Скопје настапувате од неговите почетоци, а во последниве четири сезони тоа го правите самостојно со вашиот бренд MCouture. Ги чувствувате ли ефектите од овој, досега единствен, модел на организирана презентација на македонските модни дизајнери?

Ревиите на MCouture се самостојни, но, сепак, дел од една посериозна и изградена организација, како што е Моден викенд Скопје. Мило ми е што сум дел од овој настан затоа што верувам во колективното работење и заедничкото учество со моите колеги.

Одбирам посебна локација затоа што мислам дека колку е важна колекцијата исто толку е важна и локацијата за една ревија да биде комплетна!

Пролет/лето 2014

Пролет/лето 2014

Кои се придобивките што влијаат во промоцијата на брендот, претставувањето на новите дизајни и комуникацијата со публиката и медиумите?

Кога станува збор за градењето на еден бренд, секако, повеќе елементи влијаат за истиот да се промовира, некои помалку а некои повеќе, некои се видливи а некои незабележителни. Според мене, тука, во Македонија, треба да се одговори на потребите на самиот пазар, затоа што тие клиенти се поважни од се, но не треба да се заборави да се внесува и свежина во колекциите, како што се прави во светските модни центри. Преку ревиите се потсетуваме што следно ќе се носи и кои се тие модни трендови што сакаме да ги вметнеме и во медиумите, како нераскинлив дел од нашата работа.

Јас работам спонтано, полека но сигурно, периодично се концентрирам на секој дел од работата што следува и давам се од себе заедно со тимот во MCouture!

Вашите претставувања секогаш биле беспрекорно обмислени и реализирани. Со кои соработници ќе го реализирате новото модно претставување во рамките на деветтата сезона на Моден викенд во Скопје?

Паралелно со подготовката на ревијата имавме и фотосесија за каталог со дел од моделите застапени во новата колекција. Соработував со Амернис Нокшиќи, Елена Митева, Јована Зука и Катица Бачева. Фотографиите ги направи Билјана Ќосева, околу шминката и фризура се погрижија Зоран Шурбевски, „Бубе Студио Ин“, Елена Митев-Ека. За ревијата добив прекрасни понуди за соработка со познати брендови, како што се Moet&Chandon и Swiss Bakery, кои ќе бидат задолжени околу бранчот.

Тони Димков

x

Check Also

Модни парчиња од ZARA дизајнирани од вештачка кожа

Шпанската модна марка ZARA лансираше жежок тренд за есен/сима 2020 година, посветен на ...