Мимоза Аџи-Крстева: Следењето на оплодената јајце клетка како се развива во ембрион е еден од најубавите моменти

  • Постојано се трудиме да бидеме во тек со новите случувања во нашата област. Во овој период сме насочени кон биопсирање на ембриони за генетски испитувања. Тоа е една од најпредизвикувачките методи кои се користат денес. Со оваа техника добиваме резултати кои покажуваат кои од ембрионите се здрави. На овој начин може да ги издвоиме ембрионите кои се со генетски аномалии со цел да се избегнат генетски наследни болести, како и да се зголеми бројот на имплантирани ембриони, вели главниот ембриолог во Њуборн Клиник, Мимоза Аџи-Крстева, која работи во Клиниката веќе четири години, од самото основање. Аџи-Крстева е одговорна за целокупната работа во андролошката и ембриолошката лабораторија. Инаку, таа со оваа област се занимава од 2011. година.

Што претставува ин витро оплодување и кои методи ги користите при ваквото оплодување?

– Ин витро оплодувањето е инвазивна метода со која сперматозоидот ја оплодува јајце-клетката надвор од телото на женатаОплодувањето се прави на тој начин што прво се обработуваат гаметите – сперматозоиди и јајце клетки, одделно, а потоа со помош на микроманипулатор се избира еден сперматозоид кој се вбризгува во јајната клетка. Овој начин на оплодување се нарекува ICSI – intracitoplasmatic sperm injection. Избирањето на сперматозоидот за секоја јајце клетка се врши внимателно и зависи од неколку фактори, подвижност, брзина на движење и морфологија на сперматозоидот. За јајце клетката да биде оплодена потребно е да биде во одредена фаза од нејзиниот развој, односно да биде зрела. Кај пациенти кои имаат низок број и сперматозоиди со изменета морфологија, како и парови кај кои има низок процент на оплодени јајце клетки, ја употребуваме методата PICSI каде што се издвојуваат само зрели сперматозоиди.

Њуборн Клиник

 Што се случува откако ќе дојде до оплодување. Која е понатамошната постапка?

– Откако ќе се изврши оплодувањето, следиот ден се проверува колку од јајните клетки се успешно оплодени. Во наредните три до пет дена следува мониторирање на ембрионите. Во ова време, ние, ембриолозите, го следиме растот, развојот и квалитетот на ембрионите за подоцна да избереме соодветни ембриони за ембрио трансфер или пак, за криопрезервација. Следењето на оплодената јајце клетка како се развива во ембрион е еден од најубавите моменти, особено доколку тоа се одвива до петтиот ден.

Која е разликата помеѓу свеж ембрио-трансфер и трансфер со замрзнати ембриони?

– Свеж трансфер значи дека ембрионите се враќаат назад во матката на жената истиот циклус кога се вадат јајните клетки и се оплодуваат. Доколку пациентката има поголем број на ембриони, се предлага криопрезервација, со метод на витрификација на ембриони. Витрификацијата на ембриони претставува едноставен, брз и безбеден метод со кој на пациентите им се овозможува зачувување на ембрионите за во иднина. Трансферот со одмрзнати ембриони е идеално решение за пациентки со тенок ендометриум, хиперстимулација или висок прогестерон. На овој начин, ембрионите кои се со добар квалитет може да се трансферираат кај пациентката во некој нареден циклус, кога нејзиниот еднометриум ќе биде спремен. Трансферот на ембриони зависи од многу фактори и е крајна фаза во една ИВФ постапка која, доколку се работи со големо внимание, ќе заврши со среќен крај.

Што следно да се очекува кај асистираната репродукција? Кои се најновите техники актуелни во светот?

– Како тим, постојано се трудиме да бидеме во тек со новите случувања во нашата област. Во овој период сме насочени кон биопсирање на ембриони за генетски испитувања. Тоа е една од најпредизвикувачките методи кои се користат денес. Ние, како ембриолози, имаме можност да ги оцениме ембрионите според нивниот развој и нивната морфологија, односно, според изгледот, додека со оваа техника добиваме резултати кои покажуваат кои од ембрионите се здрави. На овој начин може да ги издвоиме ембрионите кои се со генетски аномалии со цел да се избегнат генетски наследни болести, како и да се зголеми бројот на имплантирани ембриони.

x

Check Also

Возењето велосипед е нешто најблиску до летањето – 16 јули светски ден на велосипедизмот

Робин Вилијамс на прашање од wall street journal зошто толку многу сака ...