Најдоброто од 2013- Младен Тасевски, најдобриот скопски чевлар: младите се срамат да бидат занаетчии!

Ти мене журнал, а јас тебе исти такви чевли!

Некогаш беше престиж да се работи кај мајстор Младен, а да се носат неговите чевли беше привилегија.

Во тоа време во неговиот дуќан доаѓаа сите министри, од Црвенковски, Минчеви – сопругата на Никола Минчев – Нада и нивните ќерки, Бранка Станковска, сопругата на Чемерски…Или: прашајте ги Олгица Христова, Сузана Спасовска, Ребека… мајстор Младен секогаш ги почитуваше нивните желби. Но, времињата, за жал, се изменија, иако чичко Младен е истиот, добар мајстор!

Со чевларскиот занает почнал да се занимава од 1951-ва година како ученик. Ученик бил три години, занаетот го почнал во Свети Николе. Од светиниколско е родум, а живееле во градот каде татко му работел како секретар. Занаетот не бил традиција во нивното семејство. Започнал да го изучува во тамошната задруга, а потоа продолжил една година кај својот тетин. Подоцна се префрлиле во Куманово, каде неговите родители останале да живеат , а тој од 1953-та година дошол во Скопје. Во тие три години додека го изучувал занаетот работел по цел ден, а навечер учел, одел во школо. За чевларскиот занает се одлучил откако една година бил во светиниколската гимназија и видел дека школото нешто не му одело многу. Веќе втората година решил да оди на занет. Во тоа време чевларскиот бил еден од поактуелните занаети, заедно со шивачкиот, кој го изучувал неговиот постар брат. Така тој се зафатил со чевларството, за по многу кусо време да се јави огромна љубов кон занаетот. Во истото тоа време додека биле во Свети Николе се бавел и со музика, свирел на сите дувачки инструменти и настапувале по свадби и игранки. Додека денот го минувал на работа, во чевларскиот дуќан, навечер оделе на свирење. А со онаа народната дека – Занает куќа рани, ако е добар мајсторот, се согласува и мајстор Младен.

–         Многу сум благодарен и задоволен што го одбрав токму овој занает, со мојот занает добро поминав до mladen 4сега во животов, а и задоволен сум од тоа што го создадов. Кога се доселив во Скопје немав ништо, ниту јас, па ни сопругата иако е скопјанка. Но, со работа успеавме да создадеме, па сега има се и за децата, и за внуците за нормален живот. Ако се работи чесно и со љубов може се да се постигне.

По доаѓањето во Скопје почнал да работи кај еден мајстор, но тој работел само услужна дејност. Поработел кај него неколку месеци и решил да си замине. Сакал да почне со изработка на нови чевли. Тогаш отишол кај мајстор Чедо Михајловски и неговиот син Миле. Дуќанот бил на Плоштад на улицата “Маршал Тито“, кај денешен Дом на АРМ. Тука работел од 1954-та година па се до земјотресот. Работеле на изработка на нови, како и на поправки на стари чевли, тука бил универзален. Тука всушност и го испекол занаетот и се вклопил во средината и кон муштериите. Миле, синот на мајсторот бил на факултет и заради тоа секогаш имале одлични муштерии.

–         Човекот беше на добар глас, подоцна станавме и кумови, па секогаш имавме елитни муштерии, најмногу инженери и други школувани луѓе. По земјотресот тој замина за Германија, а јас го продолжив занаетот. Условите ми ги остави тој, целиот дуќан и алатот за работа. По две години, во кој период јас успеав да заштедам пари, комплетно го презедов дуќанот. Од 1966-та година постојам со сопствена фирма како чевларски дуќан “Младен“.

Беше престиж да се биде кај мајстор Младен

По земјотресот во 1963-та година кога дуќанот се срушил тој отишол да работи во “Газела“. Потоа отворил дуќан и дистрибуција. Му доделиле барака која ја направил и од тогаш некако му тргнала работата. Стекнал видни и елитни муштерии.

–         Во тоа време во мојот дуќан доаѓаа сите министри, од Црвенковски, Минчеви – сопругата на Никола Минчев – Нада и нивните ќерки, Бранка Станковска. Сопругата на Чемерски беше многу добра муштерика. Изработувавме само женски чевли и се специјализиравме за нив. Јас бев мајстор и имав четворица вработени. Креирањето, вадењето на моделите беше исклучиво моја работа, а за шиење имав мајстори кои работеа во дуќанот, а некои и дома. Во тоа време постоеше голем интерс за занаетот, па имав и доста ученици. Беше престиж да се биде кај мајстор Младен, луѓето плаќаа за децата да им учат занает кај мене. Сите кој го изучија занетот кај мене наоѓаа работа без проблем. Сите кои побараа работа во “Газела“ , штом ќе кажеа дека работеле кај мајстор Младен веднаш беа примани и тоа на добри работни места.

Без алат нема занат

За тоа време имале врвни креациикои тој ги вадел од проспекти. Покрај тоа редовно ги посетувал саемите во Згреб, Солун, и Милано, но одел и во подобрите фабрики за чевли во Италија уште кога бил шеф на моделара во “Газела“. Одел и на Меѓународниот саем за чевли во Париз, каде имал прилика да види модели на чевли за кои во тоа време не се ни претпоставувало дека се изработуваат во светот.

–         Во мојот дуќан имавме рачна изработка на чевли, заради малиот обем на производство имавме услови да посветиме поголемо внимание. Нудевме врвна изработка и прифаќавме секаква рекламација, иако заради квалитетот рекламации и немаше. И фала му на Бога се беше добро и муштериите беа задоволни. Изработувавме само женски чевли, многу ретко, само за пријатели изработувавме и машки чевли, но за поширока потрошувачка не.

Чудни се патиштата на животот

Подоцна во 1977-ма година  земал дуќан во Градски ѕид, кај старо “Беко“… Во тоа време и синот му се вратил од војска и бидејќи кажал дека не сака да учи школо, туку дека ќе работи во дуќанот, почнале да работат заедно. Работата уште повеќе им тргнала и сите модели што денес може да ги видите кај мајстор Младен поминале низ рацете на син му. На почетокот бидејќи ја немал потребната сериозност во работата го испратил да работи кај еден од неговите вработени кој работел дома.

–         Таму мораше да работи од 7 часот наутро до 14 часот на пладне, повеќе од година ипол. Кога се врати од војска реши да работи во мојот дуќан и почна да работи на комплетна изработка на чевли, а и со мене ги посетуваше сите саеми. Во сите фабрики во кои ги набавува материјалите вратите му беа отворени. Јас секаде каде што набавував материјали, во “Газела“, “Годел“…, а најмногу од Зрењанин плаќав на време и немаше никаков проблем. Мојот син, за жал, почина во 1995-та година во сообраќајка. Јас претходно му ја бев префрлил фирмата на негово име . Тој имаше завршено занатско школо и положен мајсторски испит. Остана да работи во тој дуќан, а јас дојдов во овој во кој сум сега. Набрзо по моето доаѓање овде, во 1994-та година и се пензионирав. Тој период додека синот беше жив, односно до 1995-та година би рекол дека се беше добро и дека работата ни цветаше. Муштериите се гордееја да дојдат и да направат чевли кај нас. Откако мојот син почина и работата почна да стагнира. Една ипол до две години речиси сосема прекинав да работам. Многу ретко доаѓав во дуќанот. По неговата смрт јас пет пати не сум влегол во неговиот дуќан. Тоа е една огромна болка која никогаш нема да ја преболам.

Чесната конкуренција е добредојдена

Во периодот на неговиот најголем успех, вели, и имало конкуренција. По него и неговата генерација не се појави некој мајстор од нивни ранг во чевларството. Пред него познат и добар мајстор бил “Ловец“, а пред него Трајко Сингер, според мајстор Младен, бил одличен мајстор. Добро работела задругата покрај Вардар и луѓето имале каде да си направат чевли по свој вкус. Секој си ја работел работата и си имал свои муштерии. Нему работата секогаш добро му одела, непредувал и немал потреба никому да љубомори или од некого да побара нешто. Како колеги другите мајстори доаѓале кај него, одржувале состаноци, едно време бил и претседател на занаетчиите.

–         Откако повторно и се вратив на работата, по пензионирањето регистрирав фирма на име на сопругата и почнав да работам, но со мал интензитет, овде местово е затворено и нема услови за повеќе. Дуќанот на мојот син го затворив и го издадов. Се она што остана од тој дуќан и денес стои како што гледате, ништо не се продаде. Во овој дуќан работам само услужна дејност, одвреме-навреме по некој чифт чевли за невести или за матурски, и толку. И тоа е да речам некому да направам услуга, немам работници со кого да работам.

Младите се срамат да бидат занетчии

Веќе повеќе од 20 години, вели, замрел интересот за занаетот, не се појавило дете да дојде да праша за работа. И последното кое било во дуќанот се срамело од другарите да каже што работи и по месец-два си заминало. Денес е, вели мајстор Младен, помалку срамно да мие автомобили или да работи во некое кафуле, отколку да стане добар мајстор, ако за тоа го бива, нормално.

–         Занаетот ако се работи со љубов и ако те бива за него може добро да ја гледа целата куќа. Денес никој не сака да седне и да работи. А, треба да се работи, најмалку три години со 8 часа работно време, ако интересот е поголем може и за пократко време. Но мора да се има и дарба, да биде и креатор и да има смисла за работата. Зошто мене кој журнал или слика да ми донесеа јас на муштеријата му давав во рака исти такви чевли. А, денес, како што гледате, немаме речиси никакво произвотство на чевли, ниту рачно, ниту фабричко. Затоа имаме чевли од увоз, меѓу кои и со многу лош квалитет, но и доста скапи. Еден добар чифт женски чевли не би требало да чини повеќе од 2500-3000 денари. Чевлите кои јас ги изработував никогаш не беа прескапи, секогаш држев една средна класа. Јас не обрнував многу внимание на потрошеното време за изработка на моделот. Прашајте ги Олгица Христова, Сузана Спасовска, Ребека и уште многу други. Секогаш ги почитував нивните желби, како и тие моите стручни совети. Цел живот бев мајстор за женски чевли и тврдам дека жената треба да носи чевли на висока потпетица. Така е многу поелегантна, попретставителна, поженствена и одот и е поубав. И секогаш сум за тоа жената да ја следи модата. Овие модели кои сега се носат јас сум ги правел во 1966-1967-ма година. Знаете, модата секогаш се враќа и јас се уште ги чувам сите стари журнали. И се уште сум амбициозен и си ја сакам работата, па така- не можам да направам неквалитет. Мојата девиза цел живот беше или ќе направиш како што треба, или воопшто не го прави – вака ни раскажуваше мајстор Младен, најдобриот чевлар во Скопје кој, за жал, многумина го заборавија.

Јасмина Силјановска

x

Check Also

Тага во модниот свет: дизајнерот Кензо Такада почина од коронавирус, ќе го паметиме по моќта на цветниот принт

Јапонскиот дизајнер Кензо Такада почина на 81-годишна возраст од компликации на коронавирусот. ...