Осврт кон есенското издание на Моден викенд Скопје 2013
Осмото издание на „Моден викенд Скопје“ ја потврди суштинската потреба за постоење на манифестација од овој вид. Модниот викенд стана цврста платформа за промоција на широк спектар активности поврзани со модата во Македонија. Сериозниот пристап на организаторите, прецизно дефинираната програма, адекватната селекција на манекенките и откривањето на соодветен амбиент за модните ревии се квалитет кој веќе е освоен и кој треба да се задржи. Очигледно е дека формата веќе е прифатена од дизајнерите, медиумите и од публиката.
На есенското издание на Модниот викенд во Скопје се претставија вкупно 14 дизајнерски имиња и модни куќи, односно, Никола Ефтимов, Бобан Илиевски, Дизел, Олгица Ѓоргиева, Ирина Тошева, „Фешн груп“, Антонија Ристовска, Стилисимо, Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска, Никола Петровски, Мила Кадриу, Александра Митковска, Ивана Цветковска и Росица Мршиќ.
Кај сите нив се забележа крајно професионален пристап во презентацијата на своите колекции. Стилската разновидност ги шири рамките на модната сцена, додека квалитетот на изработката и емоциите вградени во колекциите ја откриваат вистинската посветеност на дизајнерите. Радува фактот што речиси сите ревии во себе носеа приказна која лесно беше препознаена од публиката. Соодветно внимание беше посветено и на фризурите, шминката и на музиката.
Во рамките на Моден викенд Скопје предавање и професионални консултации одржа светски познатиот Мартин Робертс, директор на „Fashion scout London“ и „Graduate fashion week“. Своето предавање Робертс го започна со констатацијата дека модата е сериозен бизнис. Во светски рамки модата со години наназад го има заслужено тој статус. Благодарение на упорноста, креативноста и посветеноста на дизајнерите во Македонија, модниот бизнис се движи во тој правец. Основната функција на „Моден викенд Скопје“ е со својата платформа и понатаму да обезбедува логистички можности за организирано презентирање на новите колекции на дизајнерите.
Изборот на локациите за модните ревии во катната гаража „Св. Кирил и Методиј“, во Даутпашиниот амам и во Музејот на град Скопје потврди дека секоја презентација поавтентично ќе биде прифатена ако е поставена во соодветен амбиент.
Асоцијацијата и моден онлајн-магазин Stylist.mk во клубот и ресторан МКЦ за првпат додели награди за најуспешните на есенското издание на „Моден викенд Скопје“ (FWSK). Главната награда, за најдобра колекција, ја доби креаторката Росица Мршиќ. Признанието за најнадежен дизајнер му беше врачено на Бобан Илиевски, кој работи под брендот „Chic Undercowear“. За најдобра манекенка беше прогласена Маја Ристевска од модната агенција „Мак моделс“. Во мала средина, како што е Македонија, конкурентската борба може да биде контрапродуктивна, но добро е да се развива натпреварувачки дух.
Пред церемонијата на доделување на наградите, Stylist.mk организираше дебата на тема „Пласманот на модата во медиумите“, во која учествуваа модни дизајнери, новинари, блогери и менаџери. Меѓу говорниците, покрај организаторките Снежана Јаначковска-Богдановска, Катерина Трајановска и Ана Несторовска, беа креаторите Никола Ефтимов, Ненад Секирарски, Лидија Георгиева, Тања Кокев, Антонија Ристовска, Јована Филиповиќ и Ирина Тошева. Дебатата отвори повеќе теми за кои треба и понатаму да се зборува. Активното учество на дизајнерите, менаџерите, блогерите и новинарите во дебатата го потврди фактот дека сите работат со една заедничка мисија. Крајната цел е да се создаде респектибилна модна сцена која во медиумите нема да биде застапена само во сегментите за популарна култура, туку ќе има сериозно влијание и врз квалитетот на животот на граѓаните во Македонија.
Следниот „Моден викенд Скопје“, кој се одржува два пати годишно, е закажан за пролет 2014 година.
Тони Димков