Модерен дизајн за епската Дилбер Стана

Студиото „Драма“ на третото издание на „Недела на дизајнот во Скопје“ ќе се претстави со мултимедијалниот проект „Дилбер Стана“.

Модната креаторка Ивана Кнез својата потрага по вистински примери на женски сензибилитет, за момент, ја насочи кон нашата историја. Мултимедијалниот проект „Дилбер Стана“ е обид за редизајнирање на нашата култура и традиција. „Со нагласена симболика и чистина на модернизмот, се раскажува една субјективна приказна со акцент на нереализираното мајчинство. Проектот вклучува видеозапис, моден едиторијал, перформанс на сцена и изложба на дел од колекција, и ќе биде прикажан на 6 октомври во 19 часот во рамките на Skopje Design week 2013. Проектот е инспириран од истоимениот роман на Стале Попов“, објаснува креаторката.

Екипата со која студиото „Драма“ го реализира проектот е голема и во неа се вклучени Билјана Радиноска (режија и сценарио), Марија Димитрова (продуцент), Наум Доксевски (директор на фотографија), Сашко Мицевски (монтажа), Ненад Тонкин (музика), Билјана Стојкоска (вокал). Во перформансот настапуваат Мила Георгиева и Андрија Костовски, костимите и бижутеријата се дело на Ивана Кнез, за скапоцениот накит е задолжена Бранка Данчевска, а свој придонес имаат и Васе Доковски (визажист), Даниел Николовски (шминка), „Урбан артист“ (фризура). Во видеосегментот соработуваат и Александар Ристески (асистент на камера), Димитар Апостолов (фотограф на сет), Васил Јанев и Иван Ѓоршев (светло).

Колекцијата ќе биде претставена на Недела на дизајнот во Скопје, но наменета е за пазарот во Абу Даби и ќе биде дел од декемврискиот саем „Лукс“. Проектот е посветен на сите мајки на светот.

Неделата на дизајн во Скопје (Skopje design week) е настан кој се наметна со неочекувана динамичност и богатство од содржини, а, пред сè, Скопје го позиционира во глобални рамки. Во своите две изданија манифестацијата умешно и успешно се осврна на повеќе области – индустриски и моден дизајн, графички дизајн, накит, дизајн на звук, адвертајзинг и маркетинг, дизајн на процеси, урбанизам. На македонските дизајнери и компании, кои оваа платформа успеа да ги обедини, им понуди излез на нови пазари. Токму поради тоа програмскиот концепт на третото издание, кое се одржува од 1 до 6 октомври во Куршумли-ан, е задржан и надополнет, а критериумите за учество се заострени.

Тони Димков

Фотографија: Студио „Драма“

x

Check Also

Се отвора изложбата „Бау1хаус“ на берлинскиот фотограф Жан Молитор

Утревечер, со почеток во 20 часот, во Музејот на современа уметност – ...