Музичка програма на Скопје Креатива 2019: Пијанистката Дуња Иванова ќе го отвори фестивалот со звучно-визуелна инсталација

Овогодинешната “Скопје Креатива 2019“ започнува на 31 мај и затоа што не постои подобар начин да се започне едно фестивалско дружење, ви ја презентираме музичката програма во рамки на фестивалот.

Фестивалското отворање во Кино Култура, со почеток во 21:00 часот ќе го одбележи настапот на пијанистката Дуња Иванова со „Зелено во етерот за зелено Скопје“.

Настапот на Иванова, насловен како„Зелено во етерот за зелено Скопје“ е осмислен да го поврзе современиот музички израз со дигиталните медиуми, и да пренесе порака за неопходноста од општествено будење и одговорност кон природата или кон она што остана од неа во главниот град.

За таа цел, избрани се композиции на популарни автори кои во себе го акумулираат изразот “зелено“, а акустичната изведба на пијано ќе биде дополнета со видеозапис со визуализации од Скопје преку фотографии во кои истовремено се прикажуваат убавиот и грдиот лик на градот.

Истата вечер, со почеток во 22:00 часот, живата легенда на македонската електронска сцена, Горан Атанасовски, подобро познат како Robotek, со настап во живо, ќе го промовира албумот RE:Cycled, специјално CD и електронско издание за фестивалот.

Музичката програма на 1 јуни, во сабота, кулминира со DJ сет на Адам Лонгман Паркер или Afriqua, еден од највозбудливите надоаѓачки артисти на електронската танц-сцена во моментов, претставник на младата генерација композитори/продуценти со изграден звук/стил и неколку композиции кои веќе се доживуваат како класики. Организаторите на „Скопје Креатива 2019“ велат дека се одлучиле за овој, слободно речено cutting edge избор, со намера да ѝ покажат на домашната публика дека електронската денс-сцена е витална и свежа, а новата генерација има и тоа како што да каже.

Afriqua е вистинскиот избор за реализирање на оваа наша намера и вистински современа сонична авантура за искусните уши на пребирливата скопска клупска публика“ – додава Мирко Попов, програмски уредник на музичката програма на Скопје Креатива 2019.

Фестивалот ќе го затвори колективот „Ехо од далечното минато“ со музичка клупска вечер посветена на музиката од нашето поблиско и подалечно минато и од нашата поблиска и подалечна околина со главен акцент на funk, soul, disco, jazz, rare grooves & broken beats. За „Ехо од далечното минато“ е одговорна екипата во состав: Ненад Стефаноски (Foolish Green/Green Out), Гоце (САФ), HyperTech и Чваре.

Влезот е слободен за сите програмски сегменти.

Целосната програма на Скопје Креатива 2019 може да ја прегледете тука.

x

Check Also

Новата колекција на Nasty Gal и Емили Ратајковски е секси и фенси

Моделот и глумица Емили Ратајковски, покрај убавото тело, е позната и по ...