МУЗИЧКИ БЛОК [НОЕМВРИ] ВО МКЦ

Од кога се немаме видено во сала 25 мај!

Ви најавуваме 2 вечери исполнети со музика во живо.

[ 5 ноември, петок ]

КАЛАТА – интересен спој на традиционални вокални делници, невидено луди гитарски рифови и беспрекорно фасцинантен источномакедонски ритам и бит.

Светлост + ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТРА – ги селектираа за МЕНТ Љубљана, еден од најдобрите наши извозни продукти! По повеќе од една година повторно на сцена, а промовираат и нова плоча, издание на Скопје џез-фестивал.

3 JECT – најновото превозно средство за сонично истражување возено од тројца уникатни инструменталисти од Скопје. Ова трио е логичен амалгам на три различни карактери, кои импровизираат во еднина што движи напред, без конкретни музички параметри.

[ 6 ноември, сабота ]

РОЗА (Србија)

Роза е вагон во кој се среќаваат тројца. Не странци, стари познаници впрочем… Дуле, Небојша и Стева. Само што минатите децении патуваа на паралелните колосеци на хардкор, панк, постпанк, ноиз, а понекогаш и џез-музиката… Трасите им се вкрстија кога VVhile и Mnjenje ги имаа заедничките турнеи. Кога првоспоменатиот бенд престана да работи, и прејде на “remote” или “work from home”, тоа беше станицата на која бендовите се најдоа и се качија на истиот воз. Роза е замислена како патување по Медитеранот додека се влечете по спорите, закчени, ископани градски улици… Лифт-музика во заморните чекални… Вино од тетрапак преточено во светкави и сјајни бокали… Документарни филмови за радикалните политички комуни во поствоена Германија… Тајни владини проекти поврзани со вонземјаните… За прв пат во Скопје!!!

НЕМАЊА (Хрватска)

Фантастичен соник/фанк/диско-бенд од Хрватска. Новиот албум им се вика „Космик диско“ и е музички одговор напишан од Лука Шипетиќ (човекот што е одговорен за проектот НЕМАЊА) на тибетанската книга на мртвите. Шипетиќ многу фино ги опишува искуствата што се случуваат во интервалот меѓу смртта и новото раѓање опишани во книгата на мртвите. Албумот го слави животот дискотеките во 70-тите и раните 80-ти години од минатиот век, кокетира и со кумбија-звукот, но и со југословенскиот фанк, афробитот и араб-диското зачинето со поп ориентирани текстови.

21 ВЕК

Хит-мајсторот Васко Атанасоски со својата верна екипа, Дени Крстев и Раде Јордановски, по долго време повторно во МКЦ Скопје. Го промовираат својот последен албум „Си нацртав живот“ љубовно-исповедничка плоча, базирана на вистински настани… Аll killers, no fillers… Како што треба!

Настаните ќе се реализираат согласно актуелниот протокол за организирање настани во затворен простор.

Билетите изнесуваат 300 денари за секоја вечер. Бројот на билети е ограничен. Набавете си на билетарница МКЦ или онлајн преку www.bileti.mkc.mk, побрзајте!

 

 

x

Check Also

Промоција на „Меч од мечти“ – збирка песни од Диме Данов

Стихови ќе читаат: Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади Музика: ВИС „Тркалезна маса“ ...