На скопскиот концерт Стинг ќе настапи со својот син

На претстојниот концерт во ВИПрената „Борис Трајковски“ во Скопје, легендата на светската рок сцена Стинг ќе настапи со своите долгогодишни соработници, гитаристите Доминик Милер и Руфус Милер, тапанарот Џош Фриз, а негов специјален гостин ќе биде неговиот син, Џое Самнер.

Џое Сумнер е син на Стинг (Гордон Самнер) од врската со ирската актерка Франсис Томелти. Со музика почнува да се занимава уште во тинејџерските години, свирејќи на гитара и тапани, инспириран од албумот на Нирвана „Nevermind“. По само неколку години тој го формирал бендот „Friction Plane“, заедно со басистот Ден Браун и гитаристот Сетон Даунт.

Покрај работата со овој бенд, кој зад себе има шест студиски албуми, Џое Самнер во последниве пет години интензивно работи и на својата соло кариера, како и на својата мобилна апликација Vyclone. Позади себе има различно музичко искуство – од турнеи со музичарите кои тој ги нарекува своја фамилија (The Police, Sting), до соработки со разни музички изведувачи. Својот прв деби сингл насловен „Jellybean“ го објави во почетокот на оваа година.

Изминатиот викенд Стинг настапи во Софија и во Белград, пред вкупно 30 илјади публика, со песни од новиот албум кој е насловен по името на турнејата „57th & 9th, но и со легендарните песни кои ја одбележаа неговата кариера од времето на групата „Полис“ (The Police), како и од неговата соло кариера.

Концертот на Стинг во Скопје, кој со нетрпение го очекува македонската публика, ќе се одржи на 15-ти октомври и е целосно распродаден уште од првиот продажен ден, и тоа за рекордно време, односно за нецели десет часа откако билетите беа официјално пуштени во продажба, известија од „Авалон Продукција“.

x

Check Also

Петочки Midday Madness забава со KiNK од 17 часот во Three Kitchen & Bar

По некое време, повторно журка продуцирана по светски стандарди со врвен артист, ...