Некој како Никола Чутурило

Ноќ пред неодамна одржаните избори во Србија, спотот со новата песна на Никола Чутурило „Неко као ја“ (Некој како јас), предизвика големо внимание на социјалните мрежи. За една ноќ спотот имаше 10.000 прегледи на Јутјуб. Станува збор на протестна песна која исклучително прецизно сведочи за денешените проблеми со кои живеат граѓаните.

nikola 4

Во последно време, откако на Јутјуб го објавивте новиот сингл „Неко као ја“, често слушаме коментари дека „Чутура искрено го кажа тоа што сите го чувствуваме ама молчиме“. Преку ноќ песната се прочу. Имате впечаток дека ја напишавте од душа и дека не ни очекувавте за неа многу да се зборува…Како го толкувате нејзиниот успех?

Имав песна, но не знаев точно што со неа. Тогаш мојот син пред телевизорот гледајќи ги предизборните спотови, ги набројуваше имињата на сите политичари. Знаев дека е време за „Неко као ја“, и тоа веднаш…Сите или повеќето одговори можат да се најдат во самата песна. Но, ако би анализирал зошто предизвика ваква реакција, единствено што ми паѓа на ум е тоа дека во тие пет минути се спакувани многу нешта што секојдневно не мачат, а за кои предолго молчиме. Јас се обраќам на пристојниот и воспитан свет, а песната на некој начин е и моја лична ментална хигиена. Јас всушност само опишав еден од своите вообичаени денови и се за што пејам во оваа песна не е некаков осврт од страна туку мое дневно искуство. Претпоставувам дека едно подолго време се „тркаламе“, свесно или несвесно во илузијата дека може да се живее без светлина на видик, без нешто што може да се нарече надеж, без некоја искра на крајот на тунелот.  Предолго сме повлечени во себе и премногу имаме наталожено незадоволство и апатија во нас. Тоа сега почнува да кулминира и ние всушност ја живееме реалноста во која царот е гол, а ние веќе не знаеме и не можеме да се избориме со сите лаги околу нас.

Живееме или преживуваме?

Да се живее, мора. Не е проблем на луѓето да им се каже – живеете тешко и така ќе живеете уште некое време, но патот по кој ве водиме го поправаме, еве за почеток го чистиме и тој ќе биде подобар отколку што е сега. Напротив, ние сме сведоци на се поголемо купче ѓубре на тој пат. Беспризорниците на власт секојдневно го истураат под нашите нозе. Околу нас нема ништо освен популизам и криење зад фразите. Како единствена цел да им е краткотрајното купување на време, и ништо повеќе. Тие не работат ништо во наш интерес, и среќен сум за нив зашто во нивна полза работат и солидарно и посветено. Тоа што сеуште не можат да ни го забранат е барем работите да ги нарекуваме со вистинските имиња.

Работите треба да ги нарекуваме со вистинско име

Ако работите ги нарекуваме со вистинското име, веќе на некој начин ги поправаме?

Од нешто мора да се почне. Опозицијата на ваквиот начин на размислување прилично е силна, особено во медиумите. Според нив ние помалку или повеќе живееме ок…

Ако конечно проговориме, ако некои работи ги наречеме лоши и ако отворено кажеме што мислиме, дали можеме нешто да смениме, да промениме за почеток? 

Многумина сме, и прашање е само кои се тие патишта и на кој начин можеме најдобро да го канализираме своето незадоволство.

Неодамна рековте дека улицата веќе не е начин, дека улицата како метод ја потрошивме?

Сигурен сум дека улицата не е начин, дека е потрошена и дека „уличната револуција“ е само мал прекин во континуитетот во кој ништо не се менува. Работите мораат да се менуваат суштински и систематски.

А зошто толку се молчи? Дали е тоа страв или автоцензура?

Ова трае предолго, постои замор на материјалот зашто енергијата не е бесконечна, таа има свои лимити, пресушува, но и се обновува. Со сето тоа имаме и вртоглав пад на стандардот и енормни давачки и даноци. Кога се тоа ќе се собере добиваме апатија, молчење и страв. На тоа некогаш мора да му дојде крајот.

Политиката не затвори и тоа долго трае. Нашите деца знаат и што е беда и што е криза, и што се избори.

Постои еден факт за кој тука-таму се зборува, но никогаш разумно. Оваа земја во последниве 20-на години ја напуштија голем број на млади, образовани луѓе. Земјата не ја напуштија неписмените луѓе, туку оние кои беа предвидени да бидат мотори и главни креатори на иднината на своето општество и земјата. Ние денес нив ги немаме, а немаме ни 400 илјади нивни деца и тоа е удар од кој тешко се опоравува. Ако денес едно образовано, паметно дете, какви што нема премногу, не ја гледа својата среќа тука, тогаш се плашам дека ни нема помош.

Заложник на сопствениот живот

Пеца Поповиќ во својот инспиративен текст за песната „Неко као ја“ направи паралела меѓу песната на Шарло акробата „Нико као ја“ од пред 34 години и вашата песна „Неко као ја“. На многумина им е јасна таа паралела од една младост која весело во бел простор скока околу глобусот и верува дека може да го менува светот и денешната слика од спотот за вашата песна во кој седите врзани во подрум со превез преку очите, како заложник на сопствениот живот, и каде зборувате за безнадежноста во која се наоѓаме. Како со текот на времето се’ некако да се стопи. Вие сте припадник на таа генерација, ја испишавте историјата на новиот бран и сега – се’ тоа како никогаш и да не постоело, се се стопило…

Кога една екипа на овие простори ќе се дофати до власта прво поаѓа да брише и поништува се што претходниците оставиле зад себе. Во тоа нема исклучок. Растев со генерациите кои беа свртени кон светот во кој одевме без комплекси. Мојот син расте во опкружување на гетоизирана провинција, штури содржини и поради тоа сум несреќен. Уште во 90-те напишав – некогаш одамна татко ми ми рече заврши училиште, учи за да имаш, затоа сега работам во бар цела ноќ  и ден, зашто погрешно е се што знам“. Сега стана практично невозможно со својата работа, со својот капацитет и со своето знаење да се добие  тоа што ти припаѓа доколку не си партиски – полтронски обоен.

Како што вели и вашата песна „Да не ти даде бог нешто да знаеш да направиш“?

Теодор фон Бург, најдобриот млад математичар, рече дека ќе замине од земјата не затоа што е голема сиромаштија, ниту затоа што е преплавен од понуди, туку затоа што ја почувствува и препозна неправдата.

И што вие како родител му велите на синот кој оди во училиште и колку што слушам има свој бенд, свири, што вие му велите? Се плашите ли за неговата иднина ако животниот пат го одведе во таа насока во која и вие одевте, ако се посвети на музиката?

Пред се, го сакам и се обидувам никогаш да не го лажам. Иако имам родителски стравови од сите видови, не можам да се помирам дека сме на овој свет само за да се плашиме или да го прифатиме стравот како состојба. Затоа ќе ја има мојата безрезервна поддршка што и да одбере во животот.

А што вашиот син вам ви вели со своите 13 години?

Мислам дека децата знаат многу повеќе отколку што ние можеме и да претпоставиме. Тие добро читаат меѓу редови и покрај лошите влијанија непогрешливо ги усвојуваат вистинските вредности. Само треба да им се понудат повеќе позитивни примери во секојдневниот живот.

nikola 2

Верник на оптимизмот

Без оглед на апатијата и таа безнадежна слика која ни ја носи песната „Неко као ја“, порачувате во еден стих дека сте верник на оптимизмот.

Не е во човечката природа да се предава. Во мигот во кој живееме малку нешта ни одат во полза, воглавно се е против. Ако покрај се тоа си уште и сам против себе тогаш си во сериозен проблем.

Сега кога сите молчат, самоцензурата ја спомнуваат како нешто најнормално, како да е тоа нешто што тука се подразбира, дали во суштина ние имаме криза на авторите? Зборувам пред се за рокенрол музиката, но и за културата воопшто?

Мислам дека заборавот е нешто што станува наша дневна филозофија. Светот денес ги преферира инстант производите, а со тоа одат и инстант културата, инстант забавата…На производот му се дава еден ден на траење, утре е заборавен. Како да се будиме за да го заборавиме денот пред нас, наместо да се обидуваме тој ден да го испратиме во незаборав. Било-што што го пореметува тој и таков поредок е чист инцидент.

Критиката замре, а таа е дел од граѓанското општество…     

Секогаш сакав да бидам маргиналец и да ме остават на мир. Постојат многу луѓе со знаење и углед кои со својот авторитет можат далеку повеќе да допринесат за разбирањето на нашата реалност. За жал, многу од нив мазохистички се понижуваат влегувајќи во политиката каде стануваат роба која се троши и сува статистика.

Факт е дека сите молчат, а вашата песна ја подигна јавноста. После две недели, како и тоа да опаѓа, кој чул  -чул, кој видел – видел, му благодариме на Чутура што го рече она што го мислевме и тоа би било тоа?

Повторно велам, инстант времето веќе не е ни чудо за три дена. Три дена се премногу.

Никола и Дејан Цукиќ

Никола и Дејан Цукиќ

А ако, јавно вака, сега, овде, ги повикаме луѓето да реагираат, што мислите, дали тоа ќе има одек?

Мене ми е задоволство што многу луѓе реагираа, напишаа нешто за тоа и што тоа го споделија со мене. Социјалните мрежи се многу благодарен медиум, но исто така можат да се употребуваат со сосема мала или никаква одговорност. Многу е лесно да се кликне, но да се земе сериозно учество во нешто е сосема друга работа. Никогаш само поради песна, роман или претстава не се создала сериозна лавина. Поводот мора да е поголем.

Не умеам да молчам

Да се вратиме на музиката. Тешко време е и за снимање и за се, тоа го утврдивме и тоа го живееме, дали вреди денес да се зборува за албумите и за снимање на нови нешта…Прашувам зашто сакам да ми кажете дали планирате да објавите нов албум наскоро?

Моментно подготвувам компилација која е накаков „бест оф“ на мојата досегашна кариера со две нови песни од кои едната ќе биде „Неко као ја“. На тоа забрзано се работи, а имам во подготовка и комплетен нов албум кој ќе биде на трагата на ова што го започнав со „Неко као ја“. Се разбира дека вреди да се објави, тоа е мојата насушна потреба.

Нема да замолчите, нема да застанете?

Не умеам да молчам.

 

Жељка Башиќ-Савиќ

Сузана Спасиќ
 

x

Check Also

Модни парчиња од ZARA дизајнирани од вештачка кожа

Шпанската модна марка ZARA лансираше жежок тренд за есен/сима 2020 година, посветен на ...