Нови хоризонти на имагинацијата

Модната креаторка Лидија Георгиева имаше многу успешно и мошне специфично претставување на неодамна завршената Недела на дизајнот во Скопје.

Столица „Јајце“, интерпретација на Лидија Георгиева

Столица „Јајце“, интерпретација на Лидија Георгиева

Третото издание на Недела на дизајнот во Скопје потврди дека манифестацијата се повеќе зазема значајно место во агендата на случувања во државата. Настанот има особен импакт во дизајнерските кругови, но сериозно ги анимира и компаниите кои посебно внимание посветуваат на производството, пакувањето и продажбата на своите производи. Генералната оценка за Недела на дизајнот 2013 е дека платформата на која е поставена манифестацијата е стабилна, програмата е разнообразна, интересот на индивидуалните дизајнери и на компаниите е евидентен, а публиката многу искрено ги прифаќа и ги следи програмските сегменти, независно дали станува збор за работилници, презентации, предавања, ревии, или, пак, концертни настапи.

Недела на дизајнот во Скопје во Куршумли-ан

Недела на дизајнот во Скопје во Куршумли-ан

Од индивидуалните поставки многу необично претставување имаше модната дизајнерка Лидија Георгиева. Досега ниту еден моден дизајнер од македонската сцена не дизајнирал керамика. Изработката на керамиката е процес за кој, покрај креативноста, се потребни и специфични технолошки услови. Оттаму потфатот на Георгиева е ексклузивитет не само во нејзината работа како дизајнер, туку, воопшто, и на модната сцена кај нас.

Уметникот Велимир Жерновски како модел, фотографија Жарко Чулиќ

Уметникот Велимир Жерновски како модел, фотографија Жарко Чулиќ

Реакции со воодушевување имаше и за нејзината интерпретација на познатата столица „Јајце“ на дизајнерот Арне Јакобсен. Успешниот дизајн и комплексната изведба на делото откриваат нови хоризонти на имагинацијата на Георгиева. Ексклузивитетот на делото е што досега никој во Македонија не се одлучил да креира своја визија на познатата фотелја. Многу светски дизајнери понудиле своја интерпретација на делото, но дизајнот во форма на пачворк со рачно исплетени детали е уникатен во глобални рамки.

„Идејата за дизајн, со кој се претставив на Недела на дизајнот во Скопје 2013, излегува од рамките на модата, односно повторно сакав да се презентирам како комплетен дизајнер. Просторот беше осмислен како посебен универзум и влез во мојата куќа на дизајн. Колекцијата се вика „Диво и питомо“, како рефлексија на моментот кој го живееме денес. Најдов голема инспирација во овие две емотивни состојби, а тоа, очигледно, не е само во дизајнот и стилот на креациите, туку и во самата изработка. Се е изработено и рачно и индустриски во исто време. Како дела од тој концепт беа презентирани неколку дизајнерски потфати, односно за прв пат керамика, изработена во соработка со професорката Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Потоа, како продолжение на соработката со архитектонското студио „Смарт ливинг“ беа изложени параван, ѕидни декорации и легендарната фотелја „Јајце“, создадена од данскиот архитект Арне Јакобсен во 1958 година. Исто така, за прв пат јавно беше презентирана машката колекција маички со уникатни принтови“, објасни Лидија Георгиева.

Тони Димков

x

Check Also

Се отвора изложбата „Бау1хаус“ на берлинскиот фотограф Жан Молитор

Утревечер, со почеток во 20 часот, во Музејот на современа уметност – ...