Новогодишни украси за елка што се јадат и преслатки се! (три рецепти)

Сакате оригинално да си ја украсите елката и при тоа дечињата да бидат супер задоволни од украсите што се јадат? Имаме три фантастични рецепти.

ЏИНЏЕРБРЕД ФИГУРИ

Кексите од ѓумбир познати како џинџербред се највеселите колачиња кои се приготвуваат за божиќните и новогодишните празници, а освен за јадење служат и за украсување на елката.  Предноста не им е само во забавните фигури, најчесто човечиња, туку и во тоа што имаат примамлива миризба, а и долго траат. Сет-калапчиња за овие фигури ќе најдете во Џамбо по многу пристапна цена (околу 100 денари).

Па, доколку сакате да ги приготвите, еве го рецептот.

Намирници – 150 грама путер, 180 грама кафеав шеќер, 400 грама брашно, 1 јајце, пола лажичка екстракт од ванила, пола лажичка прашок за пециво, пола лажичка сода бикарбона, 1 лажичка мелен ѓумбир, 1 лажичка цимет, пола лажичка мускатно оревче, пола лажичка црн пипер, прстофат сол.

Во еден сад помешајтеги сите состојки – брашното, прашокот за пециво, содата и зачините. Во друг сад добро измиксајте го шеќерот со путерот, додадете го јајцето и екстрактот од ванила. Полека додадете ги сувите состојки и месете додека се направи тесто. Тестото поделете го на три дела, завиткајте го во фолија и оставете го во фрижидер околу еден час.

По еден час, извадете го тестото малку да отстои на собна температура и загрејте ја рерната на 180 степени. Развлекувајте дел по дел од тестата на посакувана дебелина (се препорачува околу 5-6 сантиметри), но внимавајте да не биде претенко за да не пукне. Со калапи направете ги облиците, па префрлете ги кексите во тава за печење претходно премачкана и покриена со хартија за печење. Печете околу 10 минути додека не потемнат, но внимавајте да не изгорат. Оставете сосема да се изладат и потоа украсете ги по желба со помош на боја за готвење или пак со бомбончиња за вистински новогодишен ефект.

Џинџербред колачињата (со помош на конец) наредете ги на елката.

ЅВЕЗДИЧКИ СО ЦИМЕТ

Ѕвездичките со цимет, или таканаречени Zimtsterne, се традиционални германски колачиња кои се прават во неколку варијанти – со ораси, бадеми или лешници, со брашно или без брашно. Ние ви предлагаме еден класичен и брз рецепт за да ги подготвите овие вкусни ѕвездички со цимет, бадеми и лешници.

Потребни намирници – 2 белки, 150 грама шеќер во прав, 2 лажички цимет, 1 ванилин шеќер, 100 грама мелени лешници, 100 грама мелени бадеми, 50 грама брашно.

Подготовка

На белките додадете прстофат сол и изматете ги во цврст снег. Постепено додавајте од шеќерот во прав и ванилиниот шеќер, па продолжете да миксате додека го потрошите целиот шеќер.

Две лажици од смесата од белки одвојте за декорација на ѕвездичките.

Во смесата од белки и шеќер полека додавајте ги мелените лешници и бадеми, циметот и брашното. Со лажица убаво измешајте, па со раце формирајте топка. Подготвеното тесто ставете го на работната површина која претходно сте ја попрскале со шеќер во прав. Тестото развлечете го на дебелина од 0,5 до 1 см, па со калапи исечете ѕвездички и наредете ги во тава за печење покриена со мрсна хартија. На секоја ѕвездичка ставете малку од смесата од белките која ја сочувавте настрана, и размачкајте ја во форма на ѕвезда. Помогнете си со прстите. Ѕвездичките печете ги 10-12 минути на температура од 140 степени.

Кога ќе се изладат, може да ги обоите со боја за готвење (достапни во продажба во најразлични нијанси во Веро по цена од 18 денари). На крајот врзете им панделка и закачете ги како украси на новогодишната елка.

СЛАТКИ БУКЕТЧИЊА

Ги подготвуваме по истиот рецепт како џинџербред колачињата, само што не употребуваме калапи туку формираме лентички од тестото и потоа ги тркаламе во чоколадни трошки. Кога се готови ги сервираме во „букетчиња“ кои ги врзуваме со црвена лента од која правиме и панделка и која ја закачуваме на новогодишната елка.

 

x

Check Also

Новогодишна колеција на H&M

Моделките Хана Фергусон и Андреа Џакону, шефот Маркус Самуелсон и неговата сопруга ...