Објавена програмата на 18-от ОФФ-Фест: 9 настапи и еден документарен филм

Традиционалниот ОФФ-Фест, што годинава ќе се одржи (во рекордни шест дена) од 3 до 8 јуни, е сочинет од 9 настапи и еден документарен филм.

Осумнаесеттото издание на фестивалот ќе го отвори, на 3 јуни во МОБ, виртуозниот дует на велшката харфистка Catrin Finch и сенегалскиот кора-мастер Seckou Keita, како и нашиот њујорчанец Крсте Роџевски, со концертна премиера на својот исклучително интересен и вреден материјал, во придружба на неговите најблиски музички соработници од првата лига на њујоршката џез сцена. На 4 јуни во МКЦ ќе се слави музиката од Мали, најпрвин со прикажување на документарниот филм “Mali Blues”, а потоа и со концертот на единствениот Bassekou Kouyate и неговиот бенд Ngoni Ba, промовирајќи го својот најнов, одлично оценет албум “Miri”. Звукот на Мали ќе одекнува и следната вечер, на 5 јуни, во МОБ, со настапот на најголемата ѕвезда на годинешниот ОФФ-Фест, атрактивната африканска дива Fatoumata Diawara. Во рамките на т.н. “Balkan Fever Night”, на 6 јуни во МКЦ, ќе се „судрат“ две големи балкански world-music атракции: неприкосновените претставници на „унгарската тамбурица“ Sondorgo и струмичкиот „фанки тигар“ Џамбо Агушев со неговиот многуброен, експлозивен и светски популарен дувачки оркестар. Претпоследната вечер (7 јуни, МКЦ) е посветена на модерната интерпретација на традиционалното, претставена низ фасцинантниот аудио-визуелен перформанс на „либанскиот одговор на Gotan Project“ – групата Love And Revenge и фуриозната електро-психоделична cumbia на Колумбијците Romperayo. Фестивалот ќе финишира на 8 јуни, во клубот Епицентар, со ексклузивен полноќен диџеј-сет на Daddy G од Massive Attack.

Влезниците за OFFest 2019 ќе бидат пуштени во продажба на 23 април (вторник), а информацијата за цените и продажните места ќе биде објавена дополнително.

x

Check Also

„Светски ден на Вранецот“ ќе се одржи во Скопје на 5 октомври

Првиот „Светски ден на Вранецот“ ќе се одржи во Скопје на 5 ...