Од велигденските јајца направете превкусно мезе

Потребни намирници: 10 варени (велигденски) јајца, 60 грама мајонез, 60 грама павлака, 50 грама путер, 50 грама изрендан кашкавал, 2 лажички црвен пипер (благ), 4 лажици лебни трошки,  8 филети сардина (може од конзерва), копар по вкус, мала китка магдонос, сол по вкус.

Подготовка

Излупете ги варените јајца, па поминете ги убаво со ладна вода. Потоа, пресечете ги на половина и ставете ги во фрижидер 10-на минути. Кога ќе бидат сосема ладни, извадете ги внимателно жолчките од нив и ставете ги во друг сад.

Сега ја подготвуваме смесата со која треба да се наполнат белките од јајцата. Измијте го магдоносот и исечкајте го на многу ситни парченца. Додадете го во садот со жолчките и испасирајте. Потоа додадете го копарот, мајонезот, павлаката, црвениот пипер, посолете и мешајте убаво додека состојките не се соединат во компактна смеса. Може да употребите и блендер или само добро да мешате и пасирате.

Со добиената смеса наполнете ги белките од јајцата.

Во меѓувреме, измешајте ги убаво лебните трошки со изренданиот кашкавал и растопениот путер. Добиената смеса претурете ја врз секое полнето јајце.

На крајот, на врвот на полнетите јајца направете кругче или крст со помош на сардините.

Префрлете ги полнетите јајца во сад за печење и печете 10 минути во загреана рерна на 200 степени.

x

Check Also

Домашен сладолед од банана и путер од кикиритки

Се подготвува брзо, не треба да сте вешти во кујната, а задоволството ...