Онлајн промоција на романот „Курвински хроники“ на Александар Русјаков

Новото, петто дело на авторот Александар Русјаков, „Курвински хроники“, ќе биде онлајн промовирано во четврток (2 јули) во 19 часот. Издавач е „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Поднасловот на оваа книга е ’роман сошиен од шест парчиња време‘ и како што вели и самиот автор посветен е ’на сите искрени курви среде овој лицемерен и лажлив свет‘.

Видеопромоцијата ќе се одвива на платформата „Зум“ (Zoom), а ќе може да се проследи и на „Фејсбук“ преку профилот на „Литература.мк“. На онлајн настанот, покрај авторот Александар Русјаков, ќе зборуваат: уредничката на книгата Бисера Бендевска и промоторката Маријана Котевска.

– „Курвински хроники“ ме ’малтретираше‘ неколку години, вовлекувајќи ми се меѓу свеста и совеста. Овие хроники се плод на долгогодишно истражување на женските колена и колкови среде модната писта на човечката гротеска исткаена од лажен морал и искрено лицемерство. А, не сакам да пренесувам пораки. Тоа си е работа на читателот. Некои ќе извлечат порака, некои поука, а некои може да го извлечат и подебелиот крај – вели авторот Русјаков.

„Курвински хроники“ минатата година влезе во потесниот избор на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман, што втора година по ред се организира од издавачката куќа „Арс Ламина“. Првата, необработена верзија на романот беше високооценета од жирито, по што доби можност за објавување од издавачката куќа.

Александар Русјаков има дипломирано на Факултетот за драмски уметности во Скопје, катедра за филмска и ТВ режија, но одлучил никогаш повеќе да не се занимава со снимање филмови, затоа што вели дека многу подобро ја познава граматиката на книжевноста, отколку онаа на филмот.
Во моментов пишува поезија и проза, колумни и дијагнози, филмски и телевизиски сценарија. На едни им пишува на срцето, на други им чкрта по нерви. Досега од него имаат ’побегнато‘: збирката песни, „Голтка восхит од солзите на вечноста“, расказите „Ме сакаш ли под дождот?“, како и романите „Тринаесеттиот месец“ и „Атена со пенис“. „Курвински хроники“ е негова петта книга.

Романот веќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

 

x

Check Also

Galaxy Tab S7|S7+: нови Samsung таблети за работа и забава

Компанијата Samsung Electronics Co., Ltd во текот на завчерашниот Galaxy Unpacked настан, ...