Основци од Македонија меѓу најдобрите во кодирање во Западен Балкан

Осмоодделенците од училиштето „Блаже Конески“ од Прилеп, Петар Апостолоски, Антонио Барлески и Михаела Наумоска, со нивниот систем за спречување и намалување на последиците од сообраќајни несреќи креиран со помош на уредот микро бит, го освоија второто место на Регионалниот натпревар за кодирање. Овој натпревар се одржа во Белград во рамките на Дигиталниот самит за Западен Балкан, во организација на Британскиот совет.

Учесниците на Регионалниот натпревар во кодирање имаа задача да направат проект со кој ќе решат некој реален проблем со помош на микро бит, џебен компјутер со големина колку дланката. Вкупно 13 училишта од шест земји од Западен Балкан учествуваа во натпреварувањето, кое е дел од проектот „Училишта на 21 век“ што го спроведува Британскиот совет. Од Македонија на регионалниот натпревар учествуваа седум ученици од тимови од две основни училишта, „Блаже Конески“ од Прилеп и „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Проектот на тројцата основци од Прилеп е насловен „Транспортен информационен систем со употреба на микробит“.

Системот е составен од хардвер и софтвер кој овозможува подобро надгледување и контрола на сообраќај и оптимизација на сообраќајниот тек. Во него се вклучени камион и станица за прием на сигналите од камионот, при што на камионот се поставени 3 микро бит уреди. Едниот ја мери надворешната температура и го предупредува возачот за ниската температура со звучен сигнал и палење на светло. Вториот при удар испушта звучен сигнал и пали две лед диоди, додека третиот микро бит уред при голем потрес или удар испраќа сигнал за помош. Со намалување на дневната светлина ги пали лед диодите на микробит уредот. Со помош на микробит уредите, кои се потпираат на сензори, овој информационен систем му помага на возилото во несоодветни услови, предупредува на опасност од удари и обезбедува контрола над возилото и возачот во случај на опасност – објаснуваат учениците како функционира нивниот проект.

Првото место на регионалниот натпревар го освои тим од Босна и Херцеговина, чии членови Ана-Марија Тодоровиќ и Немања Рикиќ го претставија проектот за паметна куќа управувана од сензори и поврзана со мобилна апликација. Македонските основци го поделија второто место со тим од Косово, додека третото место му припадна на тим од Црна Гора. Награда за победничкиот тим е патување на Интернационалниот саем на нови технологии Бет Шоу Едукејшн (Bett Show Education) што ќе се одржи во јануари следната година во Лондон.

Денеска имавме можност да ги видиме проектите на училиштата кои беа дел од пилот-фазата на програмата што се имплементираше во изминатите две години. Благодарение на инвестицијата од 10 милиони фунти од Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, сега сите училишта во Западен Балкан имаат свои микро бит уреди. На овој начин, Британскиот совет ќе овозможи милиони ученици да стекнат нови дигитални вештини, како и вештини за критичко размислување и решавање проблеми што ги бараат модерните работодавци – рече Клер Сирс, директор на Британскиот совет за Западен Балкан.

Во оценувањето на проектите, жирито го зеде предвид критичкото размислување и решевањето проблеми, како и тимската работа и вештините за кодирање.

Паметна куќа, сензори за паркирање, медицински тајмер, се само некои од проектите со кои младите луѓе денеска покажаа бескрајни можности работејќи со микро бит. Најголемата предност на овој уред е тоа што технологијата повеќе не е присутна само на СТЕМ субјекти, туку има своја употреба и во учење на јазици, музика, историја, географија – рече Магда Вуд, претседател на жири-комисијата и раководител на учење во Микро бит фондацијата.

Програмата „Училишта на 21 век“ ги поврзува сите ученици од земјите од Западен Балкан на заедничка платформа со 10 водечки светски земји во областа на математиката и науката.

Тригодишната програма „Училишта на 21 век“ во Македонија и во другите земји од Западен Балкан ја спроведува Британскиот совет, во соработка со релевантните министерства и институции од областа на образованието. Програмата опфаќа над 4.000 училишта во регионот за кои обезбедува ресурси, алатки и тренинг за да можат сите ученици да добијат можност да се стекнат со вештини на иднината.

x

Check Also

Робо Академија ја развива креативноста на децата и ги подготвува за дигиталниот свет

Децата од 6 до 13 години можат да ја развиваат и поттикнуваат ...