Најдоброто од 2013: Отворено со Никола Булески „сегашната слика е резултат на критиките на мајките, другарките и комшиките!“

„ Многу пати сум се згрозил од несоодветно облечени „цуфли“ во нашите министерства.Лошо ми паѓа кога одам во Министерство за економија и во лифт се возам со службеничка во ултра-мини здолниште, мускетарски чизми и блузичка на тенки прерамки. Таквата јас веднаш би ја вратил дома да се очовечи, па да се врати на работното место“, вели модниот креатор Никола Булески во отворениот разговор за макмода.

bule 1

На Модниот викенд видовме од се’ по нешто, па и сешто. Тебе не те видовме. Зошто?

Деновиве истото прашање ми го поставија повеќе новинари со кои се сретнав на една ревија. Истото прашање ми го постави и госпоѓата Света Богова Јовановска на претходното издание на Модниот викенд. Зошто менема на модниот викенд? Постојат повеќе причини. Модниот викенд заедно со организаторот треба уште да пораснат за да ги имаат дораснатите во својата реализација.

Како дизајнер кој долги години живее од мода, не гледам економска оправданост од правење ревија на еден ваков настан каде нема купувачи на колекции и отсуствува индустријата која треба да ги купи дизајнерите. Во првите редови освен пријатели, комшии, џоа модни новинари (колумнисти на мода), скороевичи и политчките подмладоци, не гледам бројка на луѓе која живее за и од модата.

Потоа, што стана со критериумот моден дизајнер. На последните изданија, со чест на исклучоци, може да се види само подмладокот кој уште не излегол од клупа, а истиот се пласира како етаблирана модна ексклузива. Жално, но вистинито. И најважно од се’, јас ревиите ретко кога сум ги презентирал на модните недели. Можеби ваквиот организациски тип е поедноставен и поевтин за мене како дизајнер, но јас претпочитам индивидуална модна ревија со гости во првиот ред кои имаат заслуги за мојот раст низ годините наназад.

Дизајнерите се намножуваат како печурки. Сметаш ли дека тоа се должи на новите Универзитети кои отворија катедри по моден дизајн, на приватните брзи курсеви по моден дизајн или сепак станува збор за еден нов бран на некои „нови дечки“ кои се опседнати, наместо да кажеме од литературата, со модата зашто тоа е ете, во мода?

За волја на вистината важат и двата факта. Отворањето на модни школи донесе еден нов момент кој го немавме до пред 6-7 години. Од таму, поточно засега од само една EURM, видовме неколку кои потешко се борат да опстанат на модната сцена, додека ФОН сеуште тактизира. Македонските образовни институции за кои се шпекулира дека одат надолу не успеваат во создавањето на оформени млади дизајнери.

Секако дека има и една група на млади луѓе кои имаат голема желба да се занимаваат со мода, но со сигурност тврдам дека се со низок творечки потенцијал. Да се појавиш е многу лесно, но да опстанеш е ужасно тешко.

bule 2Кои карактеристики и квалитети, според тебе, треба да поседува еден моден креатор за да си го заслужи потписот?

Она што треба да содржи во себе еден дизајнер се оригиналност, креативност, умешност, упорност и истрајност. Не треба да се поаѓа од моментот на допадливост на публиката. Добриот дизајнер треба да ја фрапира, шокира и да ја предизвика публиката со една оригинална филозофија преточена во високо естетска форма, претставена во вид на колекција.

Тоа што денес го гледам кај дизајнерите што се презентираат на скопскиот моден викенд е само репродукција, во поинаква изведба, на светската модна сцена веќе видено две сезони наназад.

Странското модно влијание во Македонија е очигледно. Колку македонските дизајнери пак се присутни на странската модна сцена? Мислам, ако ги исклучиме ревиите во соседна Србија.

Како што неодамна изјавив во едно интервју, Македонија е под огромно влијание на светската мејнстрим мода. Речиси и да не гледам на улиците оригинален и специфичен моден израз. За жал, младите дизајнери во Македонија повеќе се грижат да им се допаднат на муштериите отколку да покажат оригинален израз. Причините за ваквата состојба ги гледам во слабата наобразба што ја добиваат во образовните институции и неможноста да ја следат модата одејќи во светските модни центри и модни саеми. За презентирање на друга сцена, освен дома или во соседството, не сум чул во последниве години.

Веќе неколку години наназад и кај нас се диктира висока мода. Гледано реално, имаме ли настани, ако ги исклучиме свадбите, за да ја покажеме на нас таа гламурна тоалета?

Прво, поимот висока мода кај нас е погрешно разбран. Висока мода има само во Париз и Рим и е институционално регулиран и заштитен. Истиот подразбира поширок аспект на карактеристики и би ги замолил сите што пишуваат за модата во Македонија најпрво да го проучат овој феномен и да не го користат термнинот висока мода во своите текстови кога пишуваат за домашната модна сцена. Настани за висока мода речиси и да нема во државава, но има коктели, свадби и приеми каде може да се облече некое луксузно парче облека за да се изгледа гламурно.

bule 3

Слушнав дека во новиот театар, директорот ќе воведе и дрескод на облекување. Каде според тебе треба под итно да се воведе еден дрескод или прирачник за облекување?

Неукоста на луѓето челници на некои институции го прави кичот уште поприсутен во нашето секојдневие. Дрес-код во театар нема ни во Париз ниту пак во Милано или Лондон. Сум бил во театар и во Лондон и во Москва и никој не ме вратил поради мојот нелуксузен дрес-код. Тоа што постои таму е еден друг феномен. Луѓето кои се помоќни ги запоседнуваат ложите во тамошните театри и оперски куќи за да се издвојат од масата, но инситуциите не наметнуваат дрес код.

Јас лично сум за дрес-код во јавните институции. Многу пати сум се згрозил од несоодветно облечени „цуфли“ во нашите министерства. Лошо ми паѓа кога одам во Министерството за економија и во лифт се возам со службеничка во ултра-мини здолниште, мускетарски чизми и блузичка на тенки прерамки. Таквата јас веднаш би ја вратил дома да се „очовечи“, па да се врати на работното место.

Ако облкеката „го чини“ човекот, што тогаш чини или не чини во изгледот на нашите политичари?

Прво, не ни чини тоа што во последниве години сме отруени од политика и што политичарите во Македонија се третираат како елита. Тоа е само функција која во суштина е од времен карактер. А во поглед на облеката, не чини тоа што голем дел од политичарите, особено оние на највисоките функции, не сваќаат дека треба да се облекуваат соодветно на приликите и настаните. Погрешно е мислењето дека политичарите треба луксузно да се облекуваат. Тие се платени од народот и треба да внимаваат како ги трошат народните пари. Мој совет е да го практикуваат она што го проповедаат и да користат повеќе домашни производи. Со тоа ќе ни покажат колку им значат домашното производство и државата.

bule 4

Мислиш ли дека директорите на телевизиските куќи чуле за професијата костимограф? Судејќи според сликата што барем јас ја гледам, кога ќе го исклучам тонот, добар дел од водителките и новинарките ми изгледаат како директно од ноќен бар да заминале во студиото. Баш би сакала да го чујам твоето мислење на оваа тема.

Во професионалните резимеа на некои мои колеги сум прочитал дека работат или работеле како костимографи во некои телевизиски куќи, но за жал не се гледа нивното влијание. Не знам дали телевизиите ги вработуваат дизајнерите, бидејќи мора да имаат костимографи, или ги користат како хонорарци за одредени проекти. Се согласувам со вашата забелешка дека ако се исклучи гласот се добива поинаква претстава за дел од водителите и презентерите во електронските медиуми. Но убеден сум дека сегашната слика е резултат на критиката на мајките, другарките и комшиките на оние што излегуваат на малите екрани. Моето прашање е – како ги регрутираат водителките и водителите? По актуелноста во градските кафулиња или по отсуството на интелект?

Постојат ли воопшто компетентни модни критичари во Македонија или се’ се сведува на чиста информација за колекцијата или настанот и едно (не)вкусно браво?

Моите одговори на ова прашање секогаш ги погаѓалe колумнистите за мода во Македонија. Намерно велам колумнистите за мода, бидејќи сметам дека нема компетентна модна критика во нашите медиуми. Многу би бил среќен кога по завршена ревија ќе прочитам текст во кој се обработуваат тенденцијата, формата, стилот, влијанието, материјалите и колоритот и за крај пораката на дизајнерот на колекцијата. Дали некогаш ќе дојде тој ден. Но за некој да се дрзне да пишува за работите кои ги набројав, потребно е знаење, информираност, следење на актуелната светска мода, но не од петпарачките трачарски таблоиди, потребно е присуство на ревиите во светските модни центри. Е за последново треба малку да се помачат за акредитација.

Се’ додека не го дочекаме тој ден, колумнистите за мода ќе пишуваат за присуството или отсуството на ВИП фаци на ревијата, за соодветноста на просторот и организацијата, за коктелот после ревијата и најжално од се’, по завршувањето на истата никој не ги интервјуира дизајнерите и компетентните туку актуелните опинци од Аларова штрасе.

На своите пет прсти од десната рака наброј ми ги лицата кои според тебе имаат изграден стил за вистинско браво кај нас, со сите „нишани“. Ако се повеќе од петмина, употреби ги и прстите од левата рака при набројувањето, без разлика на која фела да припаѓаат. Па, повели, нишани!

Не знам дали можам и на една рака да пополнам. Искрено, во моментов и не можам да се сетам ни за палецов, а како ли пак да стигнам до најмалото прсте.

 

Ј.Кантарџиева

x

Check Also

Тајните ерогени зони на хороскопските знаци

Секој хороскопски знак има најмалку една или две скриени ерогени зони на ...