Патувачкото кино „МакеДокс“ ќе го почне своето патешествие на 25 јуни

Магаренцето на „МакеДокс“ годинава ќе си киниса кроце по главната артерија која го обединува истокот. Ќе мине низ бои и мириси на Брегалничкиот слив кои ги опиваат сите сетила, низ старите буки кои уживаат во бесконечната симфонија на шумот од водопадите синхронизиран со песната на птиците.

Патувачкото кино ќе го почне своето патешествие на 25 јуни во грлото на изгаснатиот вулкан, забележан и во Хомеровата „Илијада“, полека по средновековните мостови меѓу кулите ќе го распне платното за првата проекција под ѕвездите во Кратово.

Годинава Патувачкото кино го менува својот формат и место 15-дневно доживување ќе направи викенд-проекции во осум градови и населени места во североисточниот регион. Досега беа прикажувани документарни филмови во речиси сите градови и региони низ државата. Раскажаните приказни покриваат простор со размер сличен на растојанието од Беринговото море до Глобочица кај Дебар. Патувачкото кино досега посети 75 места, тргнувајќи од Витолиште, преку Прилеп, Дојран, Кочани, Богданци, Лазарополе, Вевчани, Гевгелија, Кавадарци, Штип, Берово, Двориште, Ратево, Русиново, Владимирово, Блатец, Пехчево, Панчарево, Ресен, Стење, Царев Двор, Езерани, Подмочани, Грнчари, Сливница, Љубојно, Долно Дупени, Крушево, Журче, Жван, Единаковци, Слепче, Смилево, Бабино, Сопотница, Слоештица, Издеглавје, Мешеишта, Слатино, Ботун, Злести, Оровник, Лешани, Велмеј, Фурка, Пирава, Чалакли, Костурино, Јосифово, Валандово, Крапа, Девич, Црешнево, Требино, Локвица, Брест, Косово, Манастирец, Калишта, Радолишта, Октиси, Мислодежда, Ташмаруништа, Радожда, Мали Влај, Струга, Лабуништа, Вишни, Драслајца, Луково, Драчево, Радишани, Волково, Горна Матка и Булачани. „МакеДокс“ во 2019 посети и три места во Албанија: Бучимас, Пустец и Лин. Сите проекции се под отворено небо и се бесплатни. Во најголем дел од овие села никогаш претходно немало кино проекција или имало неколку пред 40-50 години. Проекциите на „МакеДокс“ сред село се доживување и атракција за сите жители за која зборуваат и ја паметат долго време.

Во својата 12-та година Патувачкото кино на „Македокс“ ќе ги опфати Кратово (25 јуни) и с. Шлегово (26 јуни) во последниот викенд во јуни. Во јули Патувачкото кино ќе прикажува документарни филмови во Штип (2 и 3 јули), како и во с. Оризари (9 јули) и Кочани (10 јули). Последната сесија годинава ќе се случи во септември со проекции во Виница (3 септември) и с. Пекљани (4 септември). Проекциите ќе почнуваат во 21 часот, а влезот е бесплатен.

Магаренцето на „МакеДокс“ ќе раскажува приказни, но и ќе збира, стари и нови. Повелете на размена на приказни под ѕвездите во Осоговието, на трпеза од шумски боровинки и капини, дружби со мирис од мајчина душица и кантарион каде, можеби, ќе ни се вкрстат патиштата и со некоја срна или муфлон.

Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.

Протокол за публиката:

– Задолжително носење маска за секој посетител – влезот нема да биде дозволен без маска;

– Задолжителна дезинфекција на раце, на влез, за секој посетител;

– Задолжително мерење на температура на влез, за секој посетител.

 

x

Check Also

Лето во Будва – Уживајте во убавините на бисерот на Јадранот

Летото веќе дојде, а луѓето околу вас почнаа сериозно да размислуваат за ...