Патување во чудесната Турција

Пишува: Билјана Арсовска

Времето во кое поради пандемијата ковид-19 бевме принудени да сме затворени дома е веќе зад нас и се надевам дека нема да се врати. Дали заради тоа што минатото лето останавме дома, но патувањето во Турција  навистина го доживеав како посебно, иако многу години наназад токму Турција е мојата омилена туристичка дестинација.

Познато е дека туристичките потенцијали за сите видови современ туризам, на оваа земја чудесна земја на ориентот, се неограничени ширум целата нејзина територија, но Анадолија  се издвојува по својата спектакуларна убавина. Нашето патување беше токму во областа на Античка Ликија и римската провинција Памфилија ‒ во денешна Анадолија. Тука, секој според своите афинитети и финансиски можности, може да го пронајде местото од своите соништа. Во државата каде што со векови се испреплетуваат христијанството и исламот, сигурно ќе најдете многу нешта според сопствените очекувања и критериуми.

Волшепството од вкусови и незаборавни пејзажи извира од сите страни. Не може а да не ја почувствувате смиреноста што ви ја дарува прекрасното синило на Медитеранот, погледот на високите палмини дрвја, тесните калдрмисани сокаци и малите кафулиња во кои кафето ви го сервираат со локум, во ориентални чашки. Ако сте љубител на авантуристички туризам појдете во близина на Кемер, по течението на реката Копручај, во кањанот Копрулу каде што ќе имате можност за незаборавна рафтинг-авантура. Во оваа дива околина, може да се препуштите и на изненадувањата што ги нуди возбудливата сафари-авантура, со џипови и АТВ возила. За љубителите на историјата и археологијата, пак, вистинско незаборавно искуство би била прошетката низ остатоците од Олимпос ‒ град од периодот на Стариот Рим и посетата на гробот на големиот Марко Аурелиј, што се наоѓа тука.

За оние кои на својот одмор посакуваат потполна слобода во текот на денот, им се нуди сместување во дрвени бунгалови и двокатни куќички (опремени и со еркондишн)  во дрвениот град на Кемал. Овој град е посетуван во тек на целата година, пред сѐ од млади од целиот свет, коишто ги привлекува прекрасната природа, слободата, но и прифатливите цени. Сместен во прекрасно зеленило и надвор од главните сообраќајници, овој град нуди мир и опуштеност.

Но, патувањето и авантурите не запираат и продолжуваат на планината Тахтали и врвот Олимп, на 2365 метри надморска висина. До самиот врв ве носи жичара од која за време на патувањето се простира прекрасен поглед на пошироката околина. Хоризонот ја мами вашата љубопитност сѐ додека погледот не ви запре на морското синило во далечината. На самиот врв на планината се наоѓа ресторан со неодолива понуда за посетителите ‒ единствен поглед „сервиран“  во комбинација со вкусни закуски и пијалаци. Посебноста на местото нуди можност за спуштање со параглајдер и банџи-скокање, за одважните и храбрите трагачи по адреналин. Можете само да си замислите како ќе изгледа сета оваа убавина, во зима, кога ќе биде покриена со снег. Се разбира, волшебно.

За време на спуштањето по патот кон морето наидувате на прекрасни ресторани сокриени во зеленилото кои на жешкото летно сонце ви ја подаруваат толку потребната свежина и вкусната храна приготвена во земјени садови во фурна. Исто како во минатото, коешто го среќавате на секој чекор на овие простори.

За туристите со подлабок џеб, изградени се голем број ресорти и хотели од висока категорија  надополнети со многу содржини: игралишта за тенис и одбојка, аква-паркови и детски игралишта, збогатени со забава и музика во вечерните часови, за сите категории гости.

Големиот Кемал Ататурк на своето прво (случајно) пристигање во Анталија, воодушевен од нејзината убавина, изјавил дека тука е рајот на земјата. Верувам дека секој кој дошол, видел и почувствувал, лично се уверил и може да потврди дека оваа област  навистина го заслужува  овој епитет. Од тој ден, Ататурк  секоја година престојувал тука ‒ во конакот на којшто и ден-денес  му се восхитуваме. Илјадниците  години  постоење на Анталија, сe уште една потврда за нејзината  голема цивилизациска вредност која продолжува поврзува епохи.

За да  добиете комплетна претстава за каква природна убавина станува збор, потребно е од малото пристаниште во стариот дел од градот, да се качите на еден од туристичките дрвени бродови и да  запловите кон морската широчина. Додека бродот ги сече морските широчини, ви се појавува глетка,  од поинаков агол,  која ви го одзема здивот. На стрмните карпи лежи старата и нова Анталија со сета своја раскошна убавина, која гледана од оваа перспектива, ја доживувате како  нестварна. Но, дури откако пред вас ќе се појави малиот а потоа и големиот водопад, кој од голема височина се стрмоглавува брзајќи да се соедини со морското  синило, останувате без зборови. Тогаш ништо друго не ви е потребно освен, токму во тие мигови,  да ги  предадете сите свои сетила на чудесната глетка  пред вас. Ова се моменти кога ви недостасуваат зборови за да  ја доловите и пренесете сета убавина и на мисли и на чувства што ви ја исполнуваат внатрешноста. Па затоа, сепак, најдобро е секој што ги чита овие редови, без размислување,  да замине и лично да се увери во ова.

Уште многу страници може да се исполнат со раскажување за сите доживеани моменти на ова патување во чудесната Турција,  но не е  можно на хартија да се пренесат, ниту сите  мириси и вкусови, ниту хоризонтите, ниту пак чувствата коишто треба лично да се доживеат и чијшто  оригинален интензитет  може да  го почувствувате само лично и само таму и никаде на друго место.

x

Check Also

Лето во Будва – Уживајте во убавините на бисерот на Јадранот

Летото веќе дојде, а луѓето околу вас почнаа сериозно да размислуваат за ...