Патувања: САД ми остана во сеќавање како огромна земја на можности

Изборот на градовите беше таков што можеше да се доживее различноста на секој дел од Америка иако сите држави ги спојува  има единствен именител – слобода на граѓаните и заштита на нивните права.

ida - 01

Не сум патувала на егзотични места, туку главно во градови и места на западната цивилизација. Од истокот, би сакала да одам во Јапонија и во Малезија, на пример. Во Европа сум ги посетила речиси сите главни градови, освен во нордиските земји и ако морам да издвојам, тоа би биле Рим и Прага. Од патувањата, голем впечаток ми остави тринеделниот престој во САД на покана на Стејт департментот пред три години. Таа посета беше една година по избувнувањето на големата криза во 2008 година која од финансиска, стана економска со епицентар во САД, но потоа се одрази на глобалната економија.  Оттука, имав можност да ги посетам сите најважни институции во финансискиот систем во САД, но и институциите „виновници“ за кризата како рејтинг агенциите, регулаторните тела, така што целото патување беше многу впечатливо.

ida - 03

Изборот на градовите беше таков што можеше да се доживее различноста на секој дел од Америка иако сите држави ги спојува  има единствен именител – слобода на граѓаните и заштита на нивните права. Убаво беше да се доживее мирниот живот во Вашингтон, каде за кризата единствено се дебатираше во институциите. Смитсониан музеите, особено оној на ликовната уметност со ремек делата на импресионистите, Пикасо, Модилијани, Моне  и Дега.

ida-04

Фасцинантниот Њујорк со висококатниците, туристите, гламурот и уличната мода. Бродвеј, зградите Крајслер и Емпаер стејт, Бруклинскиот мост, петтата авенија, срцето на Вол стрит – Њујоршката берза и Медисон сквер гарден каде играат„ Њујорк Никс“ стануваат дел спомените кои ги понесувате со себе во Македонија. Од другата страна на брегот, либералниот Сан Франциско кој е најпријателски град за хомосексуалците и специфичен со стрмните улици кои се намерно кривулести за да не може да се развие голема брзина во возењето. Таму може да се види островот со затворот Алкатраз, да ги пробате единствените „Џирардели“ чоколади.

ida-05

Конечно Детроит, во континенталниот дел, каде се гледа темното лице на „американскиот сон“. Урнатини од згради кои локалната власт ги урива затоа што се напуштени и во нив се населуваат бездомници, но се собираат и криминални банди. Освен урнатините, имаше и голем број напуштени згради, од кои луѓето се иселиле и го напуштиле градот. Главна причина за таквата состојба , жителите и локалната власт не ја гледаа во тогаш актуелната криза, туку во пропаѓањето на автомобилската индустрија години наназад, откако Јапонија, Кина и Европа го презедоа американскиот примат во овој сектор. Тоа резултирало со раст на невработеноста и сиромаштијата и масовно отселување од градот, каде некогаш теренски возила на Крајслер и Шевролет биле достапни за секое семејство.

ida-06

Оваа цела слика за САД ми остана во сеќавање како огромна земја на можности и имам „пикирано“ уште градови за посета во некоја наредна прилика .

 

Ида Протугер Вељковиќ

x

Check Also

Трет европски филмски предизвик – победникот ќе оди на филмскиот фестивал во Венеција

European Film Challenge е иновативна платформа, што ја поврзува најголемата заедница на ...