Патувања: Шарм имаше, ама шеик не бендисав

Ако сакате некого да убедите дека сте поминале луксузен одмор можете да се извадите на фотографиите од хотелот во кој сте биле сместени. Сепак, искрениот одговор би бил дека одморот ви бил егзотичен, зашто бездруго егзотиката тука ќе ја најдете во изобилство, дури и таму каде што не ја очекувате.

sharm 1

–     Па добро бе, кај си? Што не дигаш телефон, те барам а не можам да те добијам…Вртам цел ден, тирули-тирули ми прави телефонот.

–         Еве тука сум на Синај, ај да не трошиш…

–         Каде, каде?

–         На Синајски полуостров викам, да не трошиме ни ти ни јас…

–         Ајдееее, кај ти е па сега тоа Синај?

–         Де бе, во она Шарм ел Шеик сум…

–         Па така кажи де, човек да те разбере! Знам, знам, како не знам, половина Скопје беше таму. Јас пак си викам негде богзнае кај си, во Африка.

Ете, другпат кога некому ќе му објаснувате каде се наоѓате подобро е да заборавите на географските мапи, на имињата на островите и полуостровите и секако да не ги детализирате толку поимите. На пример, ако сте во Хавана, кажете јасно дека сте во Куба, инаку некој ќе помисли дека сте во некоја дискотека.

sharm 3 Шарм ел Шеик се наоѓа во Египет, но сепак е далеку од Каиро. Сместен е на Синајскиот полуостров и затоа не припаѓа на континентот Африка, туку на Блискиот Исток. Тука велат дека околу 20 милиони години порано, Египет, Синај и Арабија биле обединети во една земја, но по двоењето Синајскиот полуостров останал изолиран, сместен меѓу двата големи канала, на запад Суетскиот, а на исток Агаба. На самиот југ од полуостровот се наоѓа туристичкото место Шарм ел Шеик, кое постои само околу 20-на години. Но за тој краток период на местото каде освен песок, пустина, змии и камили не можело ништо друго да се види, Египќаните развиле туризам кој е на ниво на врвните. Денес оваа туристичка дестинација е една од најбараните во светот за нуркачите кои уживаат во најразновидниот подводен свет на Црвеното море.

Ако поради нешто треба да го посетите Синајскиот полуостров тоа е секако морето. Нема да верувате дека всушност се нурнувате и пливате во еден огромен аквариум преполн со риби. Пристапот до морето е отежнат со коралните гребени, значи иако се наоѓате насред пустина не барајте песок токму на крајбрежјето. Крстарењата со бродови кои насекаде се нудат се добредојдени, иако не треба да одите подлабоко во морето за да ги „бркате“ ретките риби, тие бездруго ги имате и во плиткото. Добар дел од овие риби не се за јадење.

sharm 2 При одмори од овој тип, без разлика дали сте на Маурициус, Малдивите или Јамајка (сите тие се дестинации плажа-море), добро е да имате и добро друштво. Инаку деновите ќе ви се сведат на долги излежувања под сламените чадори на плажите, до половина натопени крај шанковите во базените или вклучени во забавните или аеробик „сеанси“ кои ви ги нуди самиот хотел. Единствениот град во близина до оваа туристичка дестинација е Нама Беј, кој не може да се пофали со некој забавен живот, освен ако не сте љубител на стомачните танци и наргилињата. За поиздржливите се нудат тури до Каиро, а посетата на пирамидите ќе ви ја исполни евентуалната глад по стара култура и уметност. Тоа задоволство ќе ве чини околу седум часа „јавање“ со автобус, или во превод сте дошле во Скопје ама одите да го видите Акропол.

sharm 4

И да не се разбереме погрешно, Шарм ел Шеик е место кое вреди да се посети. Ама тоа што треба таму да го барате е личното спокојство и тишината на пустината, особено ноќе. Ако барате широки плоштади, паркови и фонтани, подобро е да се упатите кон Рим или Париз. Веројатно, тие се едни од ретките градови во светот во кои и намерно да ја утнете фонтаната, ќе фрлите паричка со желба пак да се вратите.

Ј.К   

x

Check Also

Трет европски филмски предизвик – победникот ќе оди на филмскиот фестивал во Венеција

European Film Challenge е иновативна платформа, што ја поврзува најголемата заедница на ...