Почна „Вино фест“ пред Веро центар

Специјално селектирани вина и различни деликатеси, зачинети со музиката на реномирани домашни изведувачи, се во фокусот на годинешното издание на „Вино фест 2019“ кој започна вчера, а ќе трае до 21 септември. „Вино Фест“ се одржува на отворениот паркинг пред Веро центар во Скопје.

Настанот „Вино фест“, кој традиционално го организира компанијата „Веропулос“ веќе неколку години по ред, има примарна цел да ги промовира македонските винарници и нивните вина, со што ги стимулира домашните бизниси и ја поддржува економијата. Во исто време, на посетителите им овозможува да уживаат во врвни вина, гурмански задоволства од домашни и странски производители и квалитетна домашна музика.

Годинешниот „Вино фест“ почна вчера со диџеј сет на познатиот Драган Б. Костиќ, по што ќе следуваа настапите на фолк пејачот Миле Кузмановски и на популарниот Игор Џамбазов.

Денес, вечерта ќе ја отвори диџеј Guardian, а по него ќе настапат битолската група „Фолтин“ и миленикот на публиката Владо Јаневски. Утревечер пак, (сабота) „Вино фест“ е резервиран за сет на диџеј Боби, како и за настапите на фолк ѕвездата Наум Петрески и „Амадеус бенд“.

Најновото издание на „Вино фест“ ќе овозможи тридневно уживање во вината на винарниците „Тиквеш“, „Бовин“, „Стоби“, „Далвина“, „Пивка“ и „Вардарска долина“, како и во пијалоците на Прилепска пиварница, а нуди и гастрономско уживање во најразлични гурмански деликатеси обезбедени од „ЛЛ кетеринг“, „Златиборац“, „Лоренцо“, „Президент“, „Књаз Милош“, „Аква вива“ и апетисани „Џамбо“.

Музичката програма на „Вино фест“ денес и утре ќе почне во 20 часот и ќе трае до 1 часот наутро.

x

Check Also

Пристигнува „СКОПСКО IPL“ – првото крафт пиво од Пивара Скопје

Пивара Скопје започна со производство на ново пиво – „СКОПСКО IPL“, прво ...