Почнува 13.издание на АКТО Фестивал

13то по ред издание на АКТО, фестивалот за современи уметности, кој ќе се одржи годинава од 23 до 25 август во Битола, во организација на Факултетот за работи што не се учат, на тема „Општество во изградба“ ќе се случува во соработка со повеќе организации меѓу кои и  граѓанската платформа  „Мрдни со прст“.

Куратори на фестивалот се Ивана Васева и Филип Јовановски, додека куратори на музичката програма се Виолета Качакова и Мирко Попов. Куратори на програмата АКТО Агора се Ивана Васева, Биљана Тануровска – Ќулавковски и Филип Јовановски.

Годинава, АКТО ќе има 5 програми: АКТО Уметничка програма, АКТО Музика, АКТО Агора, АКТО за заедницата и АКТО Воз, некои од нив специјално создадени за фестивалот. Во рамки на фестивалот ќе земат учество многу соработници, кои имаат за цел да го градат неговото социјално, културно – уметничко и урбано заедништво, а како простори за своите активности, фестивалот ќе ги користи јавните ресурси кои ги нуди градот.

АКТО годинава го отвора прашањето „Во кој контекст се создава фестивалот и каков контекст тој создава?“

„Промената на општествено – политичката констелација во земјава отвори серија на прашања, недоумици и фрустрации во сите сфери на јавниот живот. Нетрпеливоста и тешкиот пат на ослободување од напластениот гнев, но и изразените партикуларни интереси проследени со силна пропаганда на успешност, се кочница во сериозната анализа на случувањата и проекциите за иднината. Слабите стратегии на разединетите институции, може повторно да ги заглават потентните нови форми на вонинституционално делување, кои можат да бидат инспирација за многумина.  Културата и уметноста, изманипулирани и разулавени, не соочуваат со основните прашања  – дали ќе дозволиме тие да бидат алатка на лични интереси, национал-клиентелизам и/или либерални стратегии или одлучно ќе овозможиме да свртат друг правец во градење на стабилна и силна социо-културна и уметничка сцена“ велат кураторите на фестивалот.

Во таков контекст, АКТО е подготвен да погледне во она што го застапува и претставува – во уметноста и културата, но и во некои нејзини минати практики и да ја потенцира важноста за оваа општествена реалност, низ параметрите на јавното и општественото, наместо вообичаената самомаргинализираност. Па така, преку продуцираните и селектираните дискусии, изложби, работилници, музички програми и уметнички проекти, фестивалот има за цел да поставува прашања – „Како да се продолжи по патот, а да се гради посериозна и стратешка изградба на позицијата на културата и уметноста?“, „Што ни нуди минатото – југословенското, модернистичкото кое толку беше негирано во изминатиов период?“, „Какви колективни вредности се заборавени, а какви се во фаза на покренување?“, „И дали е можна изградба на општеството, соочено со сите трауми и фрустрации кои ги имаше минатиот период, без брза рехабилитација и куса меморија?“

„Општество во изградба“ значи моментум на поинакви идеи, наспроти нео(и)либералната парадигма, имајќи го превид наследството на силната социјална компонента на уметноста. „Општество во изградба“ значи сите заедно, со сите гости и програми на АКТО, кои се курирани, да се врати полето на слободна мисла и прогресивност, на идеи во чекор со времето и на идеи кои му пркосат на секојдневието. Целта на организаторите е АКТО да биде простор каде ќе се создава заедно, каде сите ќе бидат вклучени и ќе се создава активна култура!

Програмата на 13. АКТО Фестивал за современи уметности го градат уметнички продукции кои го контестираат општествено – политичкиот и социјален момент кој го живееме од поглед на идните перспективи на земјата но и од минатите уметнички искуства и ќе се обиде да ги воочи актуелните социјални нееднаквости и прекаријатности како поттик за солидарност и заедничка работа.

АКТО ќе работи и за локалната заедница преку своите работилници, промовирајќи ја колективноста, заедничкото учење и еманципација како водечки парадигми на фестивалот а и преку музичката програма, не само да го мотивира локалниот контекст, но и да ги акцентира важните музички достигнувања.

АКТО Агората, како еден најголем јавен собир, ќе ги отвори прашањата токму за контекстот, односно во каков контекст (треба) се создава културата, а АКТО Возот, како една континуирана практика на фестивалот, ќе се обиде да создаде проток на луѓе и размена на идеи.

Фестивалот се реализира со директна поддршка на платформата „Мрдни со прст“, чија мисија е да се поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секоја активност на граѓаните придонесува за поголеми резултати и промени.

Дополнително АКТО е поддржан и од Министерство за култура, Фондацијата Фридрих Еберт – Македонија, Град Битола, Проектот на УСАИД за граѓанско учество (ЦЕП), додека партнери на фестивалот се: Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста од Скопје, НУ Центар за култура – Битола, НУ Завод и Музеј Битола и НУ Народен театар Битола, Македонски Железници, Мезе бар Јагода, Кафе Радост, Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по Чекор“, ЛГБТИ Центарот за поддршка – Хелсиншки комитет за човекови права и Клуб Епицентар.

x

Check Also

По овие лакирани чизми спобудалеа девојките

Кратки, лакирани и со висока тенка потпетица – лакираните чизмички ги освоија ...