Почнува патувачкото кино 2018 на „МакеДокс“ во струшкиот регион

Со проекција на документарни филмови во непосредна близина на манастирскиот комплекс „Мала Богородица“ во Калишта на 12 јули почнува деветтото Патувачко кино на „МакеДокс“, кое годинава се одржува од 12 до 25 јули во Струшкиот регион. Покрај Калишта, на мапата на Патувачкото кино се и селата Радолишта (13 јули), Октиси (14 јули), Мислодежда (15 јули), Ташмаруништа (20 јули), Радожда (21 јули), Мали Влај (22 јули), додека на 25 јули ќе се одржи Еко-докумаратон во Струга.

„Со патувачкото магаренце сме пропатувале многу, ни се отвориле многу врати, а веруваме дека и ние сме подотвориле доста. На нашето платно се прикажуваат приказни кои покриваат простор со размер сличен на растојанието од Беринговото море до Глобочица кај Дебар. Нашата тајфа носи поетика која често е посурова од таа на Миладиновци, а наместо ловоров венец имаме венци од кромид, подвижни слики и впечатоци“, нагласуваат од екипата на Патувачкото кино, која својата база ја смести во селото Радожда.

На Патувачкото кино ќе се одржи и првата сесија на втората сезона на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“. Сесијата ќе се реализира од 21 до 28 јули во партнерство со „ДримОН Фестивал“ и со поддршка од НЕД (National Endowment for Democracy). Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Инспирирани од убавините на регионот низ кој ќе минува Патувачкото кино екипата на „МакеДокс“, помогната од новата генерација „докуникулци“, ќе реализира и еко-акција за чистење на крајбрежниот појас во некогашниот камп „Треска“ во близина на селото Радожда. Акцијата ќе се реализира по два часа дневно од 21 до 28 јули.

 

x

Check Also

Стотици пријавени и 30 победници на наградниот предизвик на VIVAX

Заврши еден значаен спортски празник, а со него и наградниот предизвик на ...