Подготвени сте за најголемиот спортски настан во Македонија? Пријавувањето за 15-от Виз Ер Скопски маратон, официјално отворено

Сите кои ќе се пријават во првите три дена на 15-от Виз Ер Скопски маратон ќе можат да го изберат својот стартен број

Во мај светската рекордерка, Пола Редклиф, беше сведок на уште еден рекорд, а тој беше бројот на учесници на Виз Ер Скопски маратон. Околу 10.000 луѓе одлучија да излезат на патеката на денот на трката. Одличната организација на настанот од страна на Сојуз на спортови на Град Скопје, направи љубителите на спортот со нетрпение да го очекуваат новиот предизвик кој ќе се случи на 5-ти мај 2019 година.

Виз Ер Скопски маратон константно успева во една од своите клучни мисии, да го промовира и поттикне здравиот начин на живеење во Македонија. Поради големиот интерес, тимот на Виз Ер Скопски маратон го отвора пријавувањето денес, петок, 21.09.2018, во 10.00 часот. Истото ќе се одвива во неколку фази.

Пред крајот на пријавувањето на минатиот Виз Ер Скопски маратон учесниците успеаја да го пробијат бројот на можни пријави. Затоа организаторите ги повикуваат сите предвремено да одлучат за своето учество и да го посетат партнерот за онлајн регистрација smartrace.club.

Оваа година повторно има интересни изненадувања за тие кои ќе се пријават во првите три дена (21, 22 и 23.09.2018), па така, истите ќе ја имаат можноста да го изберат својот стартен број од понудените рангови на броеви. Воедно, сите кои ќе се пријават до 31 март 2019 година во стартниот пакет ќе добијат и маица.

14-от Виз Ер Скопски маратон беше еден од најмасовните спортски настани во Македонија и имајќи ја во предвид ангажираноста и пожртвуваноста на организаторите се очекува 15-от да е уште поголем и подобар. Според нив успехот се должи на сите учесници и поддржувачи кои го прават Виз Ер Скопскиот маратон тоа што е, празник на спортот и здравиот начин на живеење.

За повеќе информации може да ја посетите официјалната веб страна на Виз Ер Скопски маратон: http://skopskimaraton.com.mk

x

Check Also

Суперхрана која треба да ја јадете и суперкоктели кои треба да ги пиете

Колку пати сте си дале ветување дека ќе се „фрлите“ на здрав ...