Поп-ап можност за македонските дизајнери

Дизајнерска поп-ап продавница на „Лудус“ и „Капка“ е поставена во рамките на „Недела на дизајнот во Скопје 2013“, од први до шести октомври во Куршумли-ан

Ludus i Kapka stand1

Продажниот настан на „Лудус“ и „Капка“ дава простор за презентација на нови и модерни парчиња мода, накит и модни додатоци, но и можност за интеракција меѓу дизајнерите и публиката. Дизајнерската поп-ап продавница е најголема во однос на досега одржаните настани од овој вид во Скопје. По својот карактер претставува мешавина од изложбен и продажен простор, каде во исто време се претставува креативноста, но и можноста за продажба на креациите. Краток осврт кон досегашниот тек на настанот направивме со дизајнерката Јана Ацевска од „Капка“.

Кои се основните карактеристики на селекцијата со која „Лудус“ и „Капка“ се претставуваат на „Неделата на дизајнот во Скопје“?

Се обидовме да направиме селекција од дизајнерски парчиња со различни стилови за да ги задоволиме вкусовите на поширокиот круг клиенти. Досега реакциите се одлични.

Колку дизајнери се дел од заедничкиот настап на манифестацијата?

На овој Поп-ап имаме селекција од 17 дизајнери, што воедно е и најголем поп-ап организиран досега.

Ludus i Kapka stand2

Кога започнавте да го реализирате концептот на поп-ап продавница и какви се вашите досегашни искуства?

„Лудус“ беше првата и единствена концептуална продавница во Скопје, која, покрај селектираните парчиња дизајн од познати брендови, започна со претставување на македонски дизајнери. По затворањето на продавницата започна нашата соработка. Со заеднички сили почнавме да ги организираме овие привремени продавници. Досега имаме реализирано шест поп-ап продавници, од кои две во Битола и Охрид минатото лето. Генерално реакцијата е позитивна, што, секако, се должи на фактот дека ова е единствена можност на едно место да дојдете до парче македонски дизајн, а воедно и можност за македонските дизајнери да ги претстават своите модели.

Кои се точките што ги зближуваат „Лудус“ и „Капка“, а што би можело да се смета за индивидуална карактеристика на двата бренда?

Со Драган од „Лудус“ се препознавме по сензибилитетот на тоа што го работиме. Покрај оваа соработка во организирање поп-ап продавници, соработуваме и во доменот на она што го работиме. Досега имаме реализирано две колекции на „Лудус“ надополнети со накитот на „Капка“. Ни престои заеднички настап и на фестивалот „Словенски дизајн“ во Познањ, Полска, на крајот од октомври оваа година.

Тони Димков

x

Check Also

TIME AFTER SUNSET, поглед на пролетната колекција на MASSIMO DUTTI

Малгосија Бела е лице во новата кампања на шпанската модна марка Масимо ...