Празничен специјалитет: Торта за мажи

Празничната трпеза секој треба да ја подготви според вкусовите на членовите на неговото семејство, но пред оваа вкусна солена торта никој нема да остане рамнодушен.

 

Тортата за мажи може да ја послужите како предјадење. Потребно време за подготовка е околу 40-на минути.

Потребни намирници

400 грама лиснато тесто

100 грама путер

10-на ќапулици

200 грама крем сирење

1 црвена пиперка

2 лажици сенф

10-на кругови шунка

2 чешњиња лук

1 кг кравјо сирење

1 лажица доматно пире

1 главица кромид

1 кафена лажица црвен пипер

Магдонос

2 жолчки

Листови целер

30 грама солени печени кикиритки

Масло за јадење

Сол и црн пипер

Подготовка

На набрашнета маса ставете ја првата кора лиснато тесто, набрашнете го и со сукалка развлечете ја кората. Со помош на тркалезна тава од кората се сече тркалезна форма. Тавата се набрашнува и во неа се става тркалезната кора од лиснато тесто. Ставете ја тавата во рерна и печете 12 минути на температура од 200 степени. Истата постапка се повторува и со преостанатите две кори лиснато тесто.

На ситната страна од рендето во поголем длабок сад изрендајте го сирењето. Во садот додадете го путерот, двете жолчки, крем сирењето и сенфот. Чешнињата лук и главицата кромид исечкајте ги ситно и додадете ги во садот. Посолете ја смесата во длабокиот сад, наросете со мелен црн пипер и промешајте. Потоа со лажица поделете ја смесата на три еднакви дела во три различни сада. Во првиот сад додадете го доматното пире и црвениот пипер. Половина од црвената пиперка ситно исечкајте ја и потоа додадете ја во првиот сад. Промешајте.

Исечкајте ги ситно магдоносот и листовите целер и додадете ги во вториот сад. Промешајте.

Врз првата испечена кора ставена на чинија нанесете од жолтиот фил од третиот сад. Врз филот нанесете ја втората испечена кора од лиснатото тесто. Врз неа нанесете од зелениот фил од вториот сад. Врз филот нанесете ја третата претходно испечена кора од лиснато тесто. Филувајте ја со црвениот фил од првиот сад.

Страничниот дел од тортата премачкајте го со преостанатиот жолт фил од третиот сад. Врз филот по страничниот дел од тортата налепете ги печените кикиритки. Круговите шунка свиткајте ги во ролни и наредете ги во круг по горната површина на тортата. Помеѓу ролните шунка ставете по една ќапулица. До секоја ќапулица ставете по едно гранче француски магдонос. На средината на тортата ставете гранчиња босилек. Со две парчиња црвена пиперка околу босилекот довршете ја декорацијата на оваа прекрасна торта за мажи.

 

x

Check Also

Хармоника тиквички, мора да ги пробате!

Тиквички подготвени на поинаков начин. Уживајте во неповторливиот вкус. Од намирници потребно ...