Празнични слатки подароци Панетоне и Пандоро – што да одберете и како да го послужите

Во последниве неколку години во поголемите супермаркети и кај нас во периодот пред новогодишните и божиќните празници може да се најдат традиционалните италијански божиќни торти познати како Панетоне или Пандоро.

Панетоне

Практично спакувани, налик на мали пакетчиња со рачка или панделка, овие слатки задоволства се почесто стануваат избор за подарок за роднините или пријателите кои ги посетуваме во празничниот период. Но што всушност знаеме за овие слатки лепчиња, кон кои Италијанците негуваат традиција (и култ). За нив е исклучително важно прашањето што да се подари – Панетоне или Пандоро? Да, овој избор Италијанците го сфаќаат многу сериозно.

И двете, и Панетоне и Пандоро, се типични италијански колачиња, но секое со различно потекло, состојки, рецепт по кој се прави и вкус кој им дава уникатност. И двете, и Панетоне и Пандоро имаат прекрасна и богата историја поврзана со два града во северна Италија. Пандоро потекнува од Верона, романтичниот град кој странците ги асоцира на приказната за Ромео и Јулија, додека Панетоне припаѓа на миланската традиција, поточно тоа е првиот, најстариот создаден колач во Милано.

Панетоне се прави од брашно, путер, јајца, шеќер и зашеќерено цитрусно овошје и суво грозје, додека Пандоро се прави само со брашно, путер и јајца (и ништо друго). Но и изгледот на овие слатки е многу важен при изборот на вашиот фаворит. Пандоро личи на ѕвезда со 8 крака, инспирирана од ѕвездата на тортата наречена Надалин, која се подготвувала во некои семејства во Верона во 1800-те години, додека Панетоне нема баш толку романтичен изглед со оглед на тоа дека има цилиндрична форма која завршува со облик на купола.

Пандоро

И не само тоа, и двете божиќни торти имаат различна целна група на купувачи. Децата, но и оние кои не сакаат суво грозје, ќе изберат Пандоро. Колачето треба да се загрее прд да се послужи, а се послужува со шлаг, прелив од чоколада или Нутела.

Панетоне пак, се служи ладно, и претставува вкусен десерт кој не „трпи“ додадоци на себе. Ќе го одберат возрасните кои го обожаваат во комбинација со чаша пенливо вино.

x

Check Also

Започна продажбата на HUAWEI MateBook 14s на македонскиот пазар

Потрошувачите кои ќе го купат уредот до 31 јануари 2022 година добиваат ...