ПРЕДА плус отвори повик за поддршка на стартапи од Пелагонискиот регион

Сите со добра и иновативна бизнис идеја или со веќе формиран стартап во почетна фаза може да аплицираат за акцелераторската програма #ИодБитолаСеМожи креирана од ПРЕДА плус фондацијата.

Таа нуди менторски и тренинг услуги, можност за вмрежување и за презентација на бизнис идеите пред потенцијални инвеститори.

„Сакаме да ги поттикнеме сите од Пелагонискиот регион кои имаат претприемачки дух и идеја да ја преточат во бизнис. Се што треба да направат е да аплицираат а ние ќе се погрижиме за дефинирање на нивниот бизнис план, ќе ги насочиме како да градат вештини за водење на идниот бизнис, ќе им помогнеме да се вмрежат и ќе им обезбедиме пристап до потенцијални инвеститори. Дефинитивно ова е одлична можност“ потенцира Маријана Милевска, извршна директорка на ПРЕДА Плус Фондацијата.

Програмата #ИодБитолаСеМожи не е наменета за индивиудалци, туку за тимови од најмалку двајца.

„Повикот е отворен до 30 септември, а може да се аплицира на следниот линк https://iodbitolasemozi.typeform.com/to/F0Ey8Q На веб сајтот predaplus.eu има повеќе информации, а сите заинтересирани може да се обратат и директно во нашата канцеларија. Во првата сезона од проектот од вкупно 50 апликации беа избрани 20 со кои се работеше менторски, при што се искристализираа 10 стартап идеи кои на Демо ден беа претставени пред потенцијални фондови и инвеститори. Неколку од тие идеи веќе функционираат. Во втората сезона очекувањата се да има уште поголем интерес со оглед на фактот што цел процес на менторирање и поддршка е бесплатен“ додава Милевска.

Повикот беше најавен на инспиративно едукативно предавање кое се одржа во клубот Порта Џез во Битола. На настанот говореа Дијана Десподов, извршна директорка на AmCham, Игор Изотов, иновациски и менаџмент консултат, Васил Зидровски – иноватор, софтверски инженер и сопственик на стартап компанијата Nulius, како и Маријана Стефановски, Анастасија Трајковска, архитекти и основачки на Архинова & Анридизајн.

 

x

Check Also

Први тротинети и велосипеди за најактивните корисници на апликацијата HalkEco  

  Апликацијата HalkEco на Халкбанк  со која се стимулира пешачењето, трчањето, возењето ...