Премиери на Докуникулците и составот на жиријата на „МакеДокс 9“

Македонските премиери на деветото издание на „МакеДокс“, всушност, се трите филма на првата генерација „Докуникулци“, која произлезе од минатогодишната летна филмска школа на „МакеДокс“. Сместени во Програмата за деца и млади трите филма ќе бидат прикажани во три различни термини.

жири под смоквата

Краткиот документарен филм „Адолесцензура“ (Македонија, 2018, 14 мин.) на Леа Димитрова ќе биде прикажан на 21 август, во 18 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје. Филмот зборува за три другарки кои си ги решаваат проблемите низ муабет и со кафе. И бараат чаре за цензурата.

Филмот „Поглед во очите“ (Македонија, 2018, 24 мин.) на Јоана Арсовска ќе биде прикажан на 21 август, во 20.30 часот, на платото пред Куршумли-ан. Ова е филм за животот пред и по ужасот наречен сексуално насилство. Едниот од протагонистите е анонимен, а другиот е самата 17-годишна режисерка. Што значи да се доживее и преживее сексуално насилство? Како може човек да се справи со последиците? А младиот човек?

Премиерата на документарниот филм „Поинакви“ (Македонија, 2018, 24 мин.) на Розе Симоновска ќе се одржи на 22 август, во 21 часот, во Куршумли-ан. Во филмот Јордан нè води на патување во светот на аутистите кои знаат да уживаат во животот, и покрај чудните погледи и тесните гледишта на сограѓаните.

Во Музејот на современата уметност од 20 до 22 август се одржува втората работилница на темата „Режирање реалност“, овојпат со полскиот автор Војцех Старон. Работилницата почна со проекцијата на филмот „Сибирска лекција“ и со дискусија на која полскиот снимател и режисер на документарни филмови ги пренесе своите филмски искуства на пријавените учесници. Објаснувајќи ги своите методи на работа, Старон најчесто ги употребуваше зборовите „интуиција“ и „емоција“ потенцирајќи дека реалноста не ја гледаме само со очите, туку со камерата градиме нова реалност која треба да содржи емоции за да го привлече вниманието на гледачите.

„Во играните филмови се обидуваме да создадеме реалност, но гледачите ретко веруваат во неа. Во документарните филмови реалноста ја добиваме бесплатно, а реалноста може да биде многу возбудлива“, рече Старон. Работилницата се случува со поддршка на Филмската фондација на Краков, Полска.

Запознавањето со сите членови на петте комисии за доделување на наградите на деветтиот „МакеДокс“ се случи со нивното претставување „Под смоквата“. Покрај тоа што секој/а за себе зборуваше како станал/а режисер на документарни филмови, присутната публика имаше можност да дознае дел од нивните искуства со снимањето, монтажата и продуцирањето на креативните документарци. Држејќи се до тематската основа на годинашното издание на фестивалот, Пирјо Хонкасало едноставно објасни: „Реалноста е таму кадешто умот е на некое друго место“.

Членови на жирито за доделување на наградата „Кромид“ за најдобар филм од Главната програма на фестивалот се Пирјо Хонкасало, режисерка и сценаристка на документарни филмови од Финска, Војцех Старон, режисер на документарни филмови и снимател на играни филмови, кој студирал на престижната Филмска школа во Лоѓ, и Маријам Чачија, која одлучила да снима документарни филмови речиси цела деценија по дипломирањето со почести на отсекот театарска режија и глума на грузискиот државен универзитет за театар и филм „Шота Руставели“.

Комисијата за наградата „Млад кромид“ за најдобар филм во селекцијата Нови автори е во состав: Мартичка Божилова, продуцентка и режисерка во бугарската продукциска куќа „Агитпроп“ и директорка на Балканскиот документарен центар, Мигуел Рибеиро, програмски координатор на Меѓународниот филмски фестивал во Лисабон, и Ник Војт, режисер и продуцент кој работи и живее во Тбилиси, Грузија.

Наградата за најдобар краток филм „Сечкан кромид“ ќе биде доделена со одлука на жирито во состав: Ингибјорг Халдорсдотир, која дипломирала теорија на филм и уметност на Исландскиот универзитет во Рејкјавик и соосновачка е на Исландскиот документарен филмски фестивал, Ксавиер Марадес е од Барселона, а постдипломските студии за документарен филм ги завршил на Школата за визуелни уметности во Њујорк, и Дијана Дабровска, филмска критичарка и новинарка која пишува за месечниот филмски и ТВ-магазин „Кино“ во Полска, соработува со канадскиот магазин „Синема скоп“, а работи на Универзитетот во Лоѓ.

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ќе одлучуваат Еол Чашку, албански продуцент, режисер и сценарист, кој студирал режија во Париз, Тамара Котевска, која дипломирала на ФДУ во Скопје, а по филмот „Студантс“ веќе работи на вториот документарец „Земјата на медот“, и Владимир Димовски, дипломиран филмски снимател кој своето филмско образование го заокружува на магистерските студии на ФАМУ во Чешка.

Жирито за наградата „Филм со најдобри етички идеи“ е во состав: Пирко Саисио, писателка, актерка и една од најактивните личности во културниот и социјалниот живот во Финска, Исмет Рамиќевиќ, редовен професор на Катедрата по вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и добитник на 20 награди од областа на ликовната уметност, и Јасна Франговска, новинарка со долгогодишно искуство стекнато во повеќе медиуми и носителка на наградите „Крсте Петков Мисирков“ и годишната награда на „Нова Македонија“.

Наградите на „МакеДокс 9“ ќе бидат доделени на 23 август во Куршумли-ан. Статуетките на сите награди се дело на словенечкиот академски скулптор Примож Селишкар.

Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје.

Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија.

Медиумски покровители на „МакеДокс 9“ се МТВ – Прв програмски сервис, Телевизија 24, Слободен печат, Нова Македонија, Канал 103, Радио Антена5, Радио ЏезФМ, Радио МОФ, Радио Бубамара, Лајф Радио, Плус Инфо, МКД.мк, СДК.мк, Окно, Репер, Е-магазин, Его, Плагиј.ат, Лице в лице, Реборн, Види Вака, Пиреј.мк и ПопАп.

Ве покануваме да останете со нас до крајот на фестивалот,

МакеДокс

x

Check Also

НЕДЕЛЕН ХОРОСКОП (од 21 до 27 септември): Жешка недела за огнените знаци!

Оваа недела продолжува транзитот на Венера во знакот Лав, што ќе им ...