Преслатко: Велигденски лепчиња со кандирано овошје

Ако сакате да внесете вистинско празнично задоволство на велигденската трпеза, пробајте го овој едноставен рецепт.

Намирници – 1 кг брашно, 3 јајца плус 2 жолчки, 250 грама шеќер, 2 ванилин шеќер, 3 изрендани кори од портокал, 1 изрендана кора од лимон, 100 грама суво грозје и 100 грама кандирано овошје по желба, 1 свеж квасец, 100 грама масло, 150 грама путер или маргарин, 50 мл млеко, прстофат сол.

Подготовка

Во сад загрејте 10 мл млеко, додадете една мала лажичка шеќер и една мала лажичка брашно, измешајте и додадете го свежиот квасец. Оставете да се подигне, покриено со кујнска крпа. Брашното претурте го во друг сад и оставете го на топло место за да се загрее.

Изматете три цели јајца и 2 жолчки додека добиете пенеста смеса, потоа во неа додадете го шеќерот, ванилиниот шеќер, па повторно измешајте додека смесата стане хомогена. На крајот додадете ги и изренданите кори од портокал и лимон, сувото грозје и кандираното овошје, па повторно убаво измешајте.

На тивов оган растопете го маслото со путерот.

Смесата со јајцата, шеќерот и кандираното овошје додадете ја на брашното и нежно измешајте, потоа во неколку наврати додавајте го маслото со непрекинато мешање. Додадете прстофат сол, потоа и квасецот, повторно се измешајте и почнете да го додавате преостанатото млеко со непрекинато мешање.

Смесата ставете ја на топло место покриена со кујнска крпа додека двојно не се подигне, а потоа премесете ја и поделете ја на четири еднакви топчиња. Префрлете ги во тава покриена со масна хартија за печење и оставете ги да нараснат.

Во меѓувреме загрејте ја рерната на 150 степени, а слатките лепчиња откако ќе нараснат пресечете ги со остар нож на три реза, од средината кон аглите, правејќи резови долги околу 5 сантиметри. Печете 30 минути.

Во меѓувреме, направете го сирупот од 5 мл вода и 1 голема лажица шеќер, добро измешајте и после 30 минути печење извадете ги слатките лепчиња од рерната, премачкајте ги со сирупот и врз нив наросете од ванилиниот шеќер. Вратете ги лепчињата во рерна и печете уште 10-на минути, извадете ги и добро изладете ги пред да ги сечете.

x

Check Also

Превкусни палачинки од тиква

Дегустирајте ги овие слатки палачинки направени од кралицата на есента – тиквата. ...