Кралицата Ранија од Јордан доби сериозна конкуренција во втората сопруга на шеикот од Катар, која е истовремено и кралица на високата мода.


Совршениот стил на Ранија, сопругата на јорданскиот крал Абдулах Втори, полека паѓа во сенка од втората од трите сопруги на шеикот Хамад Бин Халифа од Катар, еден од најбогатите луѓе на светот, според некои проценки побогат и од Бил Гејтс.
Моза Бин Насер ал Миснед со своето семејство живеела во егзил, во Египет, а во Катар се враќа поради венчавката со шеикот (1977 година), кога имала 18 години. Екстремно образована, Моза го продолжува своето образование по социологија, а по стекнувањето на експертска титула станува претседател на неколку најголеми научни, социјални и хуманитарни организации, како и специјален пратеник на УНЕСКО за основно и високо образование. Денес таа е и претседател на престижниот Сидра Медикал центар за истражување во Доха.
За разлика од другите монархистички сопруги на Блискиот Исток, Моза е влијателна фигура и во политиката на својата земја, активно вклучена во владата на Катар. Според листата на Форбс станува збор за една од 100-те најмоќни жени на светот.

Но, тоа што особено ја разликува Моза Бин Насер ал Миснед од другите први дами е стилот и елеганцијата. Таа навистина изгледа како кралица каква што сме ја замислувале, од деца, во нашата фантазија.

Каде и да се појави носи гламур и софистицираност, а понекогаш изгледа како да е излезена од холивудските филмови од 50-те години. Раскошните фустани станаа нејзин заштитен знак.

Ниту еден ден не ја повторила комбинацијата која ја носела, всушност секој ден во годината (по неколкупати во денот) Моза се појавува во нови креации, а тоа ја прави и најголем колекционер во светот на раскошни и скапоцени фустани, меѓу кои се и оние креирани за неа од Жан Пол Готје, Шанел, Диор и најмногу од Валентино.
Секој од нејзините фустани чини најмалку 30 илјади долари, а специјално дизајнираните парчиња достигнуваат цени и над 100 илјади долари.
Би претпоставиле ли, гледајќи во нејзината грациозна фигура, дека Моза на својот сопруг му родила дури седум деца?
