Промоција на „Брезите што шумеа крај Темза“ од Катерина Серафимовска во „Литература.мк“

На 23 јуни (среда), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија ќе биде промовирана книгата „Брезите што шумеа крај Темза“ од Катерина Серафимовска, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Промоцијата ќе ја води Татјана Димовска-Атанасова, уредничкa во „Арс Ламина“.

Катерина Серафимовска (1972) веќе три децении е присутна на македонската книжевна сцена. Член е на ДПМ од 2001 година и е автор на десет објавени книги, меѓу кои и романите: „Забранет поглед“ (1999); „Насмевка со цимет“ (2016); „Поглед полн синило“ (2017); „Небото над реката Чарлс“ (2018); „Блесок на пролетта“ (2019).

„Брезите што шумеа крај Темза“ е нејзиното најново остварување. Станува збор за слоевит роман во кој се испреплетуваат љубовта, страста, амбициите, себепронаоѓањето и простувањето.

Сместен во инвалидска количка, седејќи пред прозорецот во својата крајбрежна вила во Брајтон, Англија, 65-годишниот професор по книжевност со полско потекло, Едвард Лијам Адамски, ќе им се наврати на своите стари спомени. Дури четири децении наназад, само за да ни ја раскаже приказната за младиот студент кој една пролетна ноќ, во Лондон, имал среќа да ја запознае жената на својот живот – девојката од високата класа по име Емили Стоунбриџ.
Двајцата млади писатели ќе се впуштат во бурна љубовна врска, исполнета со многу страст и поезија. Но, тој ќе сфати колку многу ја сакал Ема дури откако целосно ќе ја изгуби, а таа ќе отпатува далеку, во Јужна Америка… Следува неговиот брак со нејзината родена сестра Беверли и нивната борба за да добијат деца, но и сите други необични перипетии на неговиот живот, додека времето неповратно тече напред и ги носи водите на реката Темза, некаде далеку. Сепак, без оглед на потребите на своето семејство – сопругата Беверли и посвоените близначки Холи и Фиона, неговата успешна кариера како професор на колеџот „Кингс“ во Лондон, но и сите други настани во животот, тој никако не може да ги заборави уникатните емоции што ги негува исклучиво кон Ема. Сè додека еден ден не открие дека има и возрасен, биолошки син по името Рафаел Паз.

Заради запазување на здравствените протоколи, промоцијата ќе се одржи на терасата на книжарницата на улицата „Македонија“.

Книгата „Брезите што шумеа крај Темза“ веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

x

Check Also

Искористете го вашиот биоритам за да ги „стопите“ килограмите

Можеби не сте знаеле дека можете да го искористите вашиот биоритам за ...