Промоција на „Меч од мечти“ – збирка песни од Диме Данов

Стихови ќе читаат: Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади

Музика: ВИС „Тркалезна маса“

Замислете си огромен зелен капут, а во него доволно простор за да се сокријат сите чудесни новонастанати светови, сета магија што ја носат соништата, мечтите, копнежот и онаа најгласната тишина на премолченото. Тоа е еден друг свет, без време, без тмур, без глад… Со стомак полн вино и костени. Свет со мирис на тутун, поповка и јорговани, свет без гордост, голем и соголен, во молци облечен, свет на бунт, но и на тивки молитви, оти светлината во тишината се наоѓа. Во таков еден свет ве зема оваа книга, ве зема и целосно ве обзема уште со прашањето: „Колку крилести приказни собира на врвот на една игла?“ – Јулијана Величковска

Специфичен и загатлив, социјално ангажиран, мистичен и урбан истовремено, на моменти архаичен, на моменти модерен, Диме Данов умешно го гради својот поетски свет. Во неговиот книжевен трем ни нуди зборови што претходно грижливо и внимателно ги подготвил во композиции што потсетуваат на кодирани откинати сеќавања од животот, остава клучеви-симболи што го одредуваат точното енергетско прелетување низ традицијата, неговите персонализирани обичаи и ритуали, патеките и маалото во кое растел, силните раце на дедо му, поповката и преминот, трансмиграцијата во сегашноста, во моментот сега и овде, каде што сѐ е поразлично. Овие скици за еден живот се огласуваат низ поетските канали на универзумот, неколебливо шумолат како нов извор во поетската планина, ова поетско писмо се лепи за грлото, формира посебно и уникатно чувство на спознаност и остава трага во нашето постоење. – Митко Гогов

Некои читатели ретко би можеле да проценат дали она што остава впечаток на љубовна исповед е, всушност, навистина тоа, зашто авторовиот стил е речиси целосно ослободен од непотребната евтина патетика. Наместо тоа, во овие стихови љубовното чувство зрачи слики и мириси, врамувајќи го спојувањето на две души во живописни природни и урбани пејзажи. – Исток Улчар

Диме Данов е роден во 1996 г. во Неготино.Негови песни се објавени во неколку печатени и електронски домашни книжевни списанија, како што се: ,,Допир“, ,,100 000 поети за промена“ (2019 и 2020), антологијата ,,Гласови на новиот век: панорама на поновата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2018), a во препев на српски јазик негови песни се објавени во „Рукописи 37“, во „Енклава“ и во седмиот број на „Блудни стих“. Учествувал на повеќе поетски читања во земјата и во странство, како што се: ,,Астални проекции“ во Скопје, ,,Бесни песни“ во Лесковац, Србија и ,,Сто илјади поети за промена“ во Струмица. Диме Данов е и фотограф и има освоено неколку значајни награди за фотографија.„Меч од мечти“ е негова прва стихозбирка.

 

x

Check Also

Градското кино Милениум почнува повторно со работа (ПРОГРАМА)

Oд 17 јуни (четврток) Градското кино Милениум ќе почне повторно со работа.  ...