Промоција на списанието „Големото стакло“ во Музејот на современата уметност – Скопје

Списанието „Големото стакло“ односно (The Large Glass’) ќе ја има својата официјална промоција на 5 февруари 2019, вторник, во 20:30 часот во Музејот на современата уметност – Скопје.

Списанието Големото стакло за прв пат е издадено во 1995 година и публикувано во 24 броеви до 2009 година. Неговото повторно издавање како ново списание е на крајот на 2018 година. Списанието е конципирано во тематски целини кои ги адресираат ангажираните уметнички практики и нивната поврзаност со политичката имагинација како и визуелните методологии кои уметниците ги користат и кои можат да бидат податливи во конкретни правни процеси.

Меѓудругото, списанието содржи ексклузивно интервју со еден од најпознатите современи уметници и дисиденти Аи Вејвеј, потоа извештаи придружени со фотографии и анимации на колективот Форензичка архитектура, колектив кој беше номиниран за наградата Тарнер во 2018 година; Текст и интервју со Грант Кестер, еминентен професор по историја на уметноста на Универзитетот Калифорнија; како и други содржини кои би можеле да бидат од интерес за пошироката јавност.

Повторното издавање на списанието во 2018, сега ‘Тhe Large Glass’ со нов концепт, како списание за современа уметност култура и теорија, означува нов почеток. Издавањето на англиски јазик овозможува Музејот на современата уметност да соработува интензивно со меѓународни автори, како и други културни, уметнички и академски центри и институции“, вели Тихомир Топузовски, новиот главен уредник на списанието.

Промоцијата е отворена за сите и ќе биде проследена со коктел и дружба со уредничката екипа, како и тимот на МСУ Скопје.

Овој настан воедно ќе го означи и почетокот на новата програмска сезона на музејот која се одвива под мотото #ОтворенМузеј, #МузејЗаСите. Директорката на Музејот на современата уметност, Мира Гаќина најавува возбудлива сезона нагласувајќи дека „Главното мото ги одразува вредностите на МСУ кои подразбираат вклучување на граѓаните во работата на музејот без оглед на нивните економски, социјални и културни разлики. Следствено, МСУ ќе реализира различни програми и начини на претставување во текот на 2019 кои го рефлектираат наведеното, вклучувајќи изложби, публикации, предавања, филмови и резиденции. Во продолжение, дел од истражувачките и музеолошки програми ќе се насочат кон колекцијата која МСУ ја поседува.“

x

Check Also

Промовиран автомобилот ЗАС Г20 – „Фиќо со електричен мотор„

Првиот македонски електричен автомобил ЗАС Г20 својата промоција пред медиумите и домашната ...