Промовиран автомобилот ЗАС Г20 – „Фиќо со електричен мотор„

Првиот македонски електричен автомобил ЗАС Г20 својата промоција пред медиумите и домашната јавност ја одржа денес во хотелот Парк& Spa, во Скопје.

ЗАС Г20претставува проект реализиран од страна на тимот на ББ Класик Карс, со финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој насловен како „Замена на мотор со внатрешно согорување на класичен автомобил Фиќо, со електричен мотор„.

ЗАС Г20 привлекува внимание со ретро дизајнот и конкурентноста во доменот на малите електрични автомобили. Резултат е на повеќегодишно професионално ангажирање на тимот специјалисти на ББ Класик Карс, во соработка и со поддршка на повеќе домашни претпријатија и занаетчии, а особено со германската фабрика Кеслер – производителот на електро мотори вградени и во нашите возила. Кеслер се наши сегашни и идни соработници. Отворија своја фабрика во Македонија со тоа обезбедувајќи ја можноста нашиот електричен автомобил да ја носи етикетата “Произведено во Македонија“.

Шасијата и дел од опремата на ЗАС се преземени од некогаш популарното „Фиќо„. Овој автомобил од минатото, со своите карактеристики ги освојуваше срцата на милиони корисници, а благодарение на популарноста, во периодот од 1959 до 1984 година, во Фиат и другите фабрики шрум светот беа произведени околу пет милиони автомобили. Мал број од овие возила можат да се видат на улиците, а се е помал бројот на оние што се во возна состојба.

ББ Класик Карс својата историја ја започна како фирма специјализирана за реставрација на класични автомобили, па така, често, токму „фиќото„ беше возилото на кое е работено. На целосно реставрираната основа на возилото поставен е електричен мотор со сите останати компоненти – контролери, конвертори, полнач и батерии. Така е добиен ЗАС Г20 – комплетен електричен автомобил.

Основниот модел ги има следниве карактеристики: Асинхрон електричен мотор со моќност од 20kW, потврдено најбезбедни суви батерии Li Fe Po, со најголем степен на одржливост од сите досега применети батерии кај електричните автомобили. Инсталираниот капацитет на батериите е 10,2kWh со номинална сила од 102V, а инсталиараниот капацитет на полнење е 3kW, што го означува и времето на полнење од 0-100 проценти и тоа изнесува до 3,5-часа.

Силата на моторот и инсталираниот капацитет на батериите обезбедуваат забрзување до 100 km/h за 10 секунди, максимална брзина до 130 km/h, а со едно полнење можат да се поминат до 150км.

Карактеристиките на електричниот мотор и стручноста на тимот во моментов овозможуваат испорака на неколку изведби:

G20 – класично градско возило,

TC20 – градско возило со спортски изглед,

TCR20 – спортско возило за град,

TCR50 – спортско возило за натпревари

Времето за испорака е околу два месеца од дефинирањето на нарачката.

Со своите карактеристики и квалитет ЗАС со ништо не заостанува зад светски реномираните производители на мали електрични автомобили. „Заостанува„ само во цената – нашиот основен модел ЗАС Г20 е за околу 5000 евра поефтин од најмалиот европски градски електричен автомобил -двоседот Смарт.

  • Дека нашиот електричен автомобил е интересен, атрактивен и посакуван, добивме потврда и од бројните посетители на нашиот штанд во Падова – Италија, каде се претставивме на AUTO MOTO D’EPOCA -интернационалниот саем на автомобили. Потврда за квалитетот на ЗАС, на наше големо задовилство, дојде и од самиот Кеслер -производителот на електричните мотори, кои нарача три автомобила за своите потреби. Се надеваме дека ваков интерес наскоро ќе следат и граѓаните и фирмите од Македонија, така што ЗАС ќе почнеме почесто да го гледаме на нашите улици. Ова и поради поголемата енергетска ефикасност, помало загадување и заради поголема економичност и конкурентност…, велат од ББ Класик Карс.

Во долгата листа предности на електричните возила водечки се екологијата и зачувувањето на животната средина. Електричните возила едноставно се издржана алтернатива на аерозагадувањето! Видни се и можностите за поголемо искористување на обновливите извори на енергија, независноста од фосилните горива, стабилноста на електро-енергетската мрежа, ниската бучава и малите трошоци за одржување. Придонесот на овие возила кон економскиот развој се заокружува но не и завршува со високата економичност и енергетската ефикасност. Кај електричните автомобили таа е од 80 до дури 95 проценти, што е неспоредливо во однос на возилата на погон со внатрешно согорување, каде што за 100 единици енергија – бензин или нафта, само 25% придонесуваат автомобилот да се движи.,

Затоа се поголем бројот држави од буџетите издвојуваат значителни средства за поддршка или субвенции за купување на електрични автомобили. Веруваме дека наскоро и кај нас нови регулаторни и фискални мерки ќе го стимулираат купувањето на електричните автомобили.

-Се надеваме дека нашите граѓани, нашите општествено одговорни компании, како и бројните јавни претпријатија своите класични возила ќе ги заменат со електрични и така ќе се вклучат во актуелните заложби за заштита на човековата околина, намалување на загадувањето, зголемување на енергетската ефикасност и конкурентност. Особено ќе се радуваме доколку таа замена ја направат со ЗАС – нашиот електричен автомобил, велат од ББ Класик Карс. 

x

Check Also

Руралните жени од Росоман во расчекор помеѓу традициите и сонот за современ живот 

Руралните жени од Росоман сакаат да бидат економски независни. Врз основа на податоците на ООН, жените на планетата главно не поседуваат земја, но главно  ја обработуваат, немаат капитал, но работат повеќе за по ...