Првиот супермодел во светот: Џиа Каранџи

Животна приказна за молскавичната слава и уште побрзо згаснување на ѕвездата.

gi 3

Џиа Марија Каранџи, родена во Филаделфија на 29 јануари, 1960 година, беше американска модна ѕвезда во доцните 70-ти и раните 80-ти години.  Беше првиот супермодел во светот. Синди Крафорд, која се појави на неколку насловни страници во периодот кога Џиа се уште беше жива, беше наречена „малата Џиа“ поради нејзината надворешна сличност со манекенката која го „преврте“ модниот свет.

Имала бурно детство. Татко и’  бил Италијанец, а мајка и’ со ирско потекло, кои често не се согласувале, а Џиа добивала премалку внимание. Со преселувањето во Њујорк започнува и модната приказна на Џиа. Молскавично брзо станува најбаран модел за фотографирање. На сцената настапува како освежување, како нов правец по долгата доминација на русокосите девојки на насловните страници, на крајот на 70-те години, кога и  модните креатори како и уредниците се веќе заситени од русокосите секс симболи.  Модната индустрија во Џиа виде ново лице кое носи еден сосема нов ветар. Набрзо станува миленица на најголемите, на Келвин Клајн, Армани, Ралф Лорен и Диор, и на дузина светски козметички марки. Во еден здив Џиа ги освојува насловните страници во САД и Европа.

gi 5

На насловната на американскиот Вог се појавува во април 1979 година, истовремено се појавува и насловната на француското издание на Вог, а потоа следува и италијанското. Неколку пати ја освојува насловната страница на Космополитен во периодот од 1979 до 1982 година.

Неснајдена во славата која и’ се случува, „луда“ по ликот и делото на Дејвид Боуви, опсипана од вниманието на њујоршките високи кругови со кои почнува да се дружи, убавицата ги дочекува ноќите во познатиот клуб Студио 54 каде за прв пат доаѓа во допир прво со марихуаната, а потоа и со кокаинот, дрога широко распространета во тоа време меѓу американската елита.

gi 1

Зависноста од дроги ќе и’ донесе нагло паѓање во кариерата. Станува невозможно да се работи со неа, заспива на снимања, а трагите од хероинот шминкерите тешко успеваат да ги сокријат. На насловната страница на Вог, во 1980 година, трагите од хероинот се видливи и за јавноста покрај фотошоп интервенцијата.  Следуваат уште потешки денови за Џиа Каранџи.

gi 2

Нејзината светска слава трае само две години. Во тие години таа го достигнува врвот и дното. Дното доаѓа со смртта на нејзиниот пријател, модниот фотограф Крис вон Вангенхејм, поради кој американската убавица со денови останува заклучена во тоалетот плачејќи и вбризгувајќи си хероин. Тогаш првпат се соочува со смртта, но на време е спасена и одведена на рехабилитација.

По извесен период поминат на клиниката, Џиа Каранџи се враќа во Њујорк подготвена повторно да го совојува модниот свет. Но наместо отворени врати се соочува со остри критики и прекратени договори. Времето го поминува главно во Европа каде добива помали ангажмани во Германија и Русија. Во тоа време Германија почнува да ја гради модната индустрија, а во Џиа гледа лик кој е веќе готов производ. Ангажирана од германските модни агенции, Џиа Каранџи патува низ светот и снима за сума од 10.000 германски марки неделно. Во договорите е нагласено дека не смее да конзумира дрога. Сепак, во 1983 година на едно снимање во Африка таа е фатена со дрога во раката. И тоа е крајот на нејзината кариера и во Европа.

djia

На инсистирање на родителите повторно е префрлена на клиниката за рехабилитација каде останува шест месеци. Навидум излечена се преселува во Филаделфија и почнува да зема часови по фотографија со цел да стане моден фотограф. Но спокојниот живот трае само три месеци, кога повторно се враќа на дрогата. Сосема изгубена и пропадната почнува да наплаќа за сексуални услуги, а неколку пати е и силувана. Откако добива пнеумонија, повторно е земана на нега кај родителите кои ја префрлаат на лекување во болницата. Мајка и останува деноноќно со неа со цел сосема да ја излечи и оневозможи контакт со други лица. Сепак, здравствената состојба нагло и се влошува и тогаш дознава дека е Хив позитивна, болест која не е многу позната во тоа време. Џиа имаше само 26 година. Во ноември истата година (1986) умира. На нејзиниот погреб не доаѓа ниту еден пријател и ниедно лице од светот на модната индустрија за која работеше.

grob

Единстевна картичка со сочувство до семејството пристигна од италијанскиот фотограф Скавуло, кој еднаш се обиде да ја спаси подарувајќи и насловна страница. За смртта на својата пријателка слушнал дури 2 недели подоцна.

x

Check Also

Колку сте склони кон зависност, според вашиот хороскопски знак?

Зависностите можат да бидат многу различни. Од зависноста за љубовник до физиолошки зависности, ...