Разговор со архитектите од СКАМ Студио кои го изработија идејното решение за Spizzicotto во ГТЦ

Разговор со Македонка Андева, Александра Младеновиќ и Светлана Камчева, архитекти од СКАМ Студио.

Овие три прекрасни дами кои го изработија идејното решение на пицеријата Spizzicotto во ГТЦ., ни открија која е тајната на архитектонскиот занает.

Што последно излезе од студиото за архитектура Скам?

М.А: Среќни сме што сите три имаме различно искуство и имаме можност да работиме на различни проекти во многу области од архитектурата. Последен завршен проект е изведбата на Spizzicotto во ГТЦ. Имаме идеја дека секојдневно треба да се раѓа и работи на нова идеја и со тоа денот да ни биде исполнет со достигнување, односно да има за што да се сонува по дома.

Дали во архитектурата, естетиката преовладува над функционалноста, какви се вашите искуства?

А.М: Мислам дека функуционалноста е must во архитектурата, доколку тоа е одземено истата не е архитектура. Естетиката секако доколку располагаме со скромен буџет ја сведуваме на поголема функционаост, при што двете се компензираат. Нашите искуства се ориентирани кон потребите на клиентот, деловната функција на објектот, таргетот за подобрување и пазарната вредност на имотот. Посветеноста и љубопитноста играат најголема улога во балансот.

Дали повеќе сакате да уредувате ентериери или пак целосни архитектонски решенија?

M.A: Согледувајќи ги нашите искуства, би рекла дека сме ориентирани кон клиентот и долгорочна соработка. Нивните потреби често побаруваат и соработка со други професионалци особено за деловни објекти. Најмногу сакаме кога сме задоволни една од друга, тоа ни е главен критериум, за што е добро!. Секако за одредени сегменти како избор на боја во ентериерот, неприкосновено главна е Александра затоа што е спремна да го  преработи проектот за утрото потоа останатите да бидеме воодушевени и да го прифатиме новото решение.

На кои проекти моментално работите?

М.А: Основен проект за надградба на семејна куќа во Железара; Идеен проект за базен и landscape во Кучково; Основен проект за семејна куќа со базен и помошни простории во Кучково; ентериер на стан во Скопје.

Како би го опишале Вашиот архитектонски пристап?

М.А: Пристапот е потребно да е флексибилен и отворен се додека не се дојде до идеја која ќе надвладее во проектот, по тоа пробуваме поедноставено останатите сегменти да ја следат идејата. 

Дали ви се случило некој клиент да има невозможни барања?

M.A: Нашите клиенти не плаќаат за да ги разубедиме. Би било наша грешка да постапиме буквално по нивните барања и тие да бидат архитекти. Дополнително, често ние сме тие кои имаат невозможни барања и пробуваме да ги гледаме како предизвик. Меѓутоа дефинитивно одговорот би бил истражување, експерименти и добри намери.

Како гледате на архитектурата, за десет години?

А.М: Се надеваме дека иновациите ќе ги приближат природните материјали до обичните луѓе. Односно дека на сметка на глобализацијата, иновацијата ќе биде подостапна а со тоа финансиите ќе бидат главно одвоени за тоа што го вградуваме и останува непроменето. 

Кога не сте фокусирани на архитектурата, со што се преокупирате?       

M.A: Со љубов, планинарење, патување, чистење и градинарство, поезија и танцување по градот Скопје.

Имате ли некоја неостварена желба во архитектурата?       

А.М: Дигитални гробишта, облакодер со манипулативни павиљони, реновирање на општествен објект, многу семејни куќи, џамија, плажа со дрвена платформа. Имавме среќа годината да ја започнеме како соработници на Основен проект за Дневен центар за деца со аутизам, повратниот ефект од проектот е неизмерливо благородно чувство.  

 Што е разликата меѓу одличен и просечен архитект?

A.M: Архитектот треба да биде комплетна личност. Тоа е и основната разлика за одличен и просечен во многу сфери. Во визијата, инстинктот, во искуството, имагинацијата и во многу други работи кои секако создаваат разлика.

x

Check Also

Три здрави и превкусни нискокалорични сосови кои треба да ги дегустирате

Една од грешките кои ги правиме кога внимаваме на исхраната, а сепак ...