д-р Елена Арсова

Разговор со д-р Елена Арсова: Потребна е постојана нега на косата бидејќи и таа старее

„Сите забораваме дека старее не само нашето тело и нашата кожа, туку и нашата коса. Промените кои се забележуваат се дифузно ослабнување на косата, проретчување, кршливост и сувост на косата и секако побелување на косата“, објаснува д-р Елена Арсова, трихолог.

elena 11

Здравјето и убавината на косата кај секоја жена е правило број еден, колку тоа бара негување и посветеност?

Косата е круна на главата на секоја жена и нејзиното одржување е императив. Убавината на косата не треба да ја земаме здраво за готово. Независно дали косата по структура е тенка или цврста, виткана или права потребно е правилно да се негува. Видливиот дел од влакното е всушност мртов и не се обновува, па секоја негрижа остава последици по неговиот изглед. Едноставно, замислете го влакното како фина нишка кашмир на вашиот омилен џемпер. Неадекватни производи, пречесто миење, секојдневно механичко и термичко третирање го оштетуваат влакното и последователно влакното ќе го зaгуби својот сјај и цврстина. Но, адекватната нега ќе обезбеди косата да има убавина која трае. Правилната манипулација со косата е комплетно во наши раце за разлика од други фактори кои не се во наша моќ на контрола.

Што е потребно за една жена да има квалитетна коса, дали тоа се подразбира квалитетен, здрав живот?

Квалитетната коса е резултат на повеќе фактори, почнувајќи од правилна исхрана преку хормонални фактори па до адекватна нега. Состојбата на косата е одраз и на нашето целокупно здравје. Затоа адекватна исхрана богата со протеини, витамини и минерали е неопходна. Следење на хормонaлниот статус, особено половите хормони и тироидните хомрони, е исто така важно. Но и едноставните фактори како негата на косата има значење. Адекватен шампон кој одржува хигиена, а одговара и на влакното и на скалпот , соодветна маска или регенератор кој длабински го хидрира и потхранува валкното, како и финален производ кој  ќе ја заштити косата од надворешните штетни влијанија се „светото тројство“ за косата.

Во кои периоди од животот жената треба да внимава за да има здрава и цврста коса?

Има неколку критични животни периоди кога жената може да претрпи промени на косата. Младите девојки во првите години од менструалниот циклус често може да имаат хормонален дисбаланс кој води кон ослабнување на косата. Исто така, тинејџерките знаат да држат диети со неправилно водени режими на исхрана, што значајно влијае на косата. Следниот ризичен период е постпородилниот кога многу жени доживуваат интензивно опаѓање на косата кое може, но не мора, да остави последици по косата. После 40-та година жените треба да ја следат тиродината жлезда и хормоните. А менопаузата е последниот период кога се менува хормоналниот статус на жената и новонастаните промени даваат постепено ослабнување на косата.

elena 101 hair

Секоја промена во животот кај една жена започнува со промена на стилот на косата, тоа значи дека може ненамерно да ја оштети со бланш и дополнителни бои, што во тој случај?

Фризурата на жената е секогаш одраз на нејзината харизматичност.  Таа експресија на индивидуализмот преку фризурата е навистина впечатлива. Дури и само следење на трендовите наметнува промена на фризурата. Мој став е дека треба да се менува фризурата затоа што и жената се менува со годините, со зрелоста и со искуството. А оштетувањето на косата како последица на тие промени едноставно сите сме го поминале. За среќа, сега има многу квалитетни производи и третмани кои прават чуда за вашата коса. А за уште поголема среќа, косата израснува повторно, па не мора да се појави трајно оштетување на косата. Значи, ако косата се оштети од хемиски третмани треба веднаш да се почне со поинтенизвна нега, односно поконцентрирани производи за нега на коса, побогати по состав. Тука би ставила акцент на производи кои се природни, без силикон, парабени и сулфати. Силиконот само површински го обвиткува влакното но не го негува. Исто така, спа-третмани со длабинско хидрирање на влакното се незаменливи за обновување на оштетеното влакно.

Во трка со времето косата на жената е исправана со пегла за коса, четки и фенирање-обликување, каков третман и должи жената за косата да биде сепак сочувана?

Секоја жена сака убава фризура. Но, за убаво обликувана фризура потребни се и производи и термички апарати. Секој термиски третман го суши влакното и влакното кое ја има изгубено хидратацијата е суво, кршливо и грубо по структура. Наша цел е со производи и третмани да ја задржиме водата во влакното за тоа да ја сочува својата еластичност ,убавина и сјај.  Со адекватни производи за заштита на косата може значително да се одбегне термичкото оштетувањето на косата. Па би препорачала задолжително користење на висококонцентрирани маски кои се држат на косата 15-на минути, еднаш неделно, но и повремени спа- третмани за длабинска хидратација на влакното кои ќе помогнат да се сочува длабински влажноста на влаканото. Жените никогаш нема да престанат да ја фенираат косата, сепак умереност и адекватна нега се секогаш пожелни.

Како старее жената така старее и влакното на косата, која е вашата препорака за негување?

Да, сите забораваме дека старее не само нашето тело и нашата кожа туку и нашата коса. Промените кои се забележуваат се дифузно ослабнување на косата, проретчување, кршливост и сувост на косата и секако, побелување на косата. Најголемата промена е на фоликулот на влакното кој се намалува, а неговата функција ослабнува. Тука нормално и генетиката има влијание во однос на брзината на напредување на овие негативни промени. Исхрана богата со протеини, Омега-3 масни кисленини и антиоксиданси помага на целото тело и последователно помага и на косата. Ласерската биостимулација директно делува на подобрување на растот на косата преку предавање на светлосна енергија на клетките кои ја искористуваат за својата работа. И секако, третмани како мезотерапија со фактори на раст на косата ќе овозможат да се одржи функцијата на фоликулот на задоволително ниво.

Обично на жените подоцна им опаѓа косата, како да го спречат навремено опаѓањето и да ги препознаат симптомите?

Во минатите децении важеше ставот дека на жените подоцна им опаѓа косата. Но во современиот свет се променија значително статистиките. Опаѓањето може да се јави на различна возраст зависно од хормоналниот статус на жената. Не можеме да прогнозираме кога косата ќе почне да опаѓа, но преку запознавање на можните причини кои може да доведат до опаѓање можеме до некаде да превенираме во губењето на косата. Секоја жена треба да внимава на серумското железо, тироидните и половите хормони. Промените кај овие параметри може да дадат опаѓање на коса. Исто така, мора да се знае што е нормално за да може да се препознае патолошко опаѓање. Нормално опаѓааат 50-100 влакна дневно. Но ако имате опаѓање од 100 влакна кое трае неколку месеци тогаш веќе опаѓањето не е нормално. Исто така ако забележувате дека косата е се потенка, го нема нормалниот волуменот на „круната“ на главата, тогаш треба веднаш да се обратите кај стручно лице.

Ќе може ли да ни извадите од вашата таканаречена #ladybook на искуства кои на крај биле со позитивен исход.

Сите наши пациенти кои го спровеле правилно и посветено предвидениот план на третман имале одлични резултати. Најпотребно за стимулација на растот на косата е квалитетен производ и ефикасен третман, искусен доктор-трихолог и адекватен план на терапија и секако навремен третман. Но дисциплинираноста на пациентот во спроведувањето на тој третман е секако неопходна за да може да се постигнат саканите  резултати. Стрпливоста во третаманот за коса е значајна затоа што резултатите се бавни и бараат најмалку 6 месеци до 12 за оптимално да се манифестираат.

Интередно е дека вие сте медицински директор во Македонија, Србија, а од скоро и во Хрватска, ќе може ли да направите споредба во главните градови за негување на косата кај жените?

Жените во цел свет се грижат за својата коса. А жените од балканските земји особено посветуваат внимание на својот целокупен изглед и изгледот на својата коса. Можеби само жените од Македонија имаат помал месечен буџет за нега на својата коса, согласно на општата економска состојба во државата. Но мене ме воодушевува нивната грижа за негата на коса. Добивам пораки и јавувања од девојки и жени кои бараат совет и мислење што да преземат за да ја подобрат состојбата на својата коса. Навистина ми се допаѓа што младите генерации го препознаа значењето на доктор-трихолог и бараат стручно мислење за проблемите на нивната коса. Тоа е најкраткиот пат до решението зашто некогаш и само совети се доволни за да им помогнам за решавање на нивниот проблем со косата.

x

Check Also

Крем од банана против упорна кашлица и бронхитис

Неговото дејство е тестирано во третманот на постојана кашлица и бронхитис. Особено ...