Рецепт за највкусниот ајвар

Ајварот, како намаз и како прилог на трепезата, со право се нарекува крал на зимската кујна. Ако сеуште не сте се обиделе сами да го подготвите во домашни услови, дури и ако живеете во стан, пробајте го овој рецепт со кој нема да имате „утка“.

 10 кг црвени пиперки

3 кг модар патлиџан

2-4 лути пиперки (по вкус)

3 лажици алкохолен оцет

2 главици лук

1 л + 2 дл сончогледово масло

сол по вкус – околу 5 лажици, но не претерувајте, постепено додавајте сол и при секое додавање дегустирајте.

Подготовка

Измијте ги пиперките и добро исушете ги, печете ги во рерна на решетки или на лим на 225 степени додека луспата стане румена и почне да се одвојува од пиперките. Извадете ги пиперките од рерна и покријте ги со сува, чиста крпа за полесно да се лупат. Оставете ги покриени околку половина час, додека се оладат. Потоа, пиперките излупете ги и исчистете ги од семки и дршки.

Во меѓувреме, почнете да ги печете модрите патлиџани на иста температура како и пиперките, во зависност од големината се печат околу половина час до 40 минути. Кога ќе се изладат излупете ги па заедно со пиперките смелете ги на машина за мелење месо, или пак во блендер.

Во голем сад загрејте 1 литар масло, па додадете ја смесата од пиперки и патлиџани. Варете 2-3 часа на умерена температура со постојано мешање додека ајварот добие густина која ја посакувате. Пред крајот додадете ги зачините по желба.

Претходно измиените тегли стерилизирајте ги во рерна загреана на 100 степени. Откако ајварот ќе биде готов додека е врел претурете го во стаклените тегли, оставајќи на врвот празен простор од околу 1 см.

Во посебен сад загрејте уште 2 дл масло, па секоја тегла полна со ајвар прелијте ја на врвот со маслото колку да го покрие ајварот. Потоа со чистите капачиња затворете ги теглите, па завиткајте ги во ќебе и оставете потполно да се изладат. 24 часа подоцна ајварот може да го ставите во фрижидер, на ладно и темно место.

x

Check Also

Компири полнети со јајца и пармезан, мора да ги пробате

Го обожаваме компирот на сите начини, а ова е еден од начините ...